Притисок врз црногорската дијаспора пред вториот круг претседателски избори

Илустрација - Фотографија од гласањето во првиот круг од претседателските избори во Црна Гора

Борбата за гласовите на дијаспората, па дури и обиди да се попречи нивното доаѓање на гласање во Црна Гора, го обележаа предизборието пред вториот круг од претседателската трка меѓу Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ

Кампањата, пред вториот круг од претседателските избори во Црна Гора, за кои на 2 април ќе се одлучува меѓу Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ, е одбележана со борба за гласовите на дијаспората, како и обиди да се попречи нивното доаѓање во Црна Гора.

Ѓукановиќ е кандидат на Демократската партија на социјалистите (ДПС), а Милатовиќ од Движењето Европа Сега (ПЕС).

Свое присуство на изборите најавија дел од граѓаните на Црна Гора кои живеат во странство и имаат право на глас, што предизвика реакција кај поддржувачите на Милатовиќ бидејќи сметаат дека дијаспората е наклонета кон Ѓукановиќ.

Така, на социјалните мрежи може да се најдат предупредувања, па дури и закани кон припадниците на црногорската дијаспора, особено Бошњаците и Албанците кои живеат во Западна Европа.

„Изненадена сум и зачудена од леснотијата со која јавно изјавуваат 'Кои се тие дека ни се мешаат во животот'“, изјави граѓанската активистка Дина Бајрамспахиќ за Радио Слободна Европа, и додава дека „тие коментари содржат национализам и исламофобија“.

Од ДПС на Ѓукановиќ се јавиле во Полициската управа да ги пријават заканите.

Институциите се должни да ги обезбедат уставните права на сите граѓани на Црна Гора и секој понатамошен обид за заплашување на нашата дијаспора ќе го сметаме за нивна одговорност“, соопшти ДПС и ја повика дијаспората слободно да гласа на овие и на сите идни избори.

Видете и ова: Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора


Недозволиво е малтретирање на дијаспората

“Управата за соработка со дијаспората при Владата на Црна Гора ја следи состојбата и ќе одговори на секоја злоупотреба или дискриминација на припадниците на дијаспората. Секое вознемирување е недозволиво, како кон поединец, така и кон ранливи групи и припадници на помалку бројни народи. Институциите на Црна Гора нема да дозволат да биде загрозено нивното право на глас”, изјави за РСЕ помошник директорот на Управата, Арбен Јакупи.

Тој оценува дека дијаспората ќе дојде во Црна Гора на денот на изборите и ќе гласа на сличен начин како и граѓаните кои живеат во Црна Гора.

„Апелираме до сите граѓани да не наседнуваат на политичката хајка која постојано се крева во медиумите, а чија цел е расправија на домашното население со дијаспората“, посочува Јакупи.

Околу 150.000 граѓани во дијаспората со право на глас

Јакупи вели дека секој што има право на глас треба да го искористи како што е гарантирано со Уставот и законите. Изборниот закон на Црна Гора не предвидува можност дијаспората да гласа во дипломатски конзуларни претставништва, поради што треба да дојде во матичната земја за да гласа.

Според проценките на Управата, Црна Гора има голема дијаспора, поради што се вели дека дури уште една Црна Гора живее надвор од границите на државата. Кога станува збор за бројот на оние кои имаат право на глас во Црна Гора, тие се околу 150.000.

„Никогаш не е утврдена точната бројка бидејќи секојдневно имаме миграции. Во земјите од регионот со право на глас има околу 50.000 наши граѓани, односно во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија. Додека има околу 100.000 граѓани надвор од регионот во Европа и Америка“, вели Јакупи.

Тој наведува дека ниту поразвиените земји во светот немаат точни податоци за својата дијаспора, а нема ни Црна Гора.

Видете и ова: Москва и Белград ќе продолжат со обидите да влијаат врз изборите во Црна Гора

Милатовиќ ги бара гласовите на дијаспората

Голем број здруженија кои ја собираат црногорската дијаспора ги поканија своите сонародници на 2 април да дојдат во Црна Гора и да го поддржат Мило Ѓукановиќ на претседателските избори.

Меѓу нив се: Здружението на швајцарско црногорско пријателство, Здружението на црногорските здруженија во Германија, Бошњачкиот сојуз на Црна Гора во Америка, Здружението на Црногорците од Косово, Црногорската заедница во Австралија и други.

Претседателскиот кандидат Јаков Милатовиќ испрати отворено писмо до црногорската дијаспора во кое ги опишува како најголеми хуманитарци и донатори, инвеститори.

„Свесен сум дека деновиве се води организирана хајка против мене, сакаат да ме наместат дека се залагам за одземање на правата на нашата дијаспора“, изјави Милатовиќ.

Милатовиќ тврди дека голем број црногорски граѓани емигрирале токму поради политиката на Ѓукановиќ и дека тој сега се обидува да ги искористи како резервоар на гласови. Додава дека „тој што ја третира црногорската дијаспора како резервен гласачки џеб и механизам за гласање не е ваш искрен пријател, ниту пријател на Црна Гора“.

Милатовиќ ова го соопшти по бројните обвинувања од ДПС дека токму неговите поддржувачи се обидуваат да ги заплашат иселениците.

Една од организациите кои го поддржаа Милатовиќ, „Алтернатива Црна Гора“, најави дека веднаш по изборите ќе побараат од обвинителството „да го анализираат граничниот премин и да ги анализираат имињата на лицата кои доаѓаат во тие денови и да им го одземе државјанството во согласно со Законот за државјанство на Црна Гора.“

Од Управата за соработка со дијаспората велат дека голем број луѓе од странство нема да дојдат на претстојниот втор круг на претстојните избори.

„Имаме регистрирани осум чартер летови за пристигнување на денот на изборите, тоа се околу 1.500 припадници на дијаспората, што не е значителна бројка и не може да влијае на изборите“, вели Арбен Јакупи од Управата за дијаспора.

Видете и ова: Кои се кандидатите за претседател на Црна Гора?


Обиди за „чистење“ на дијаспората од избирачкиот список

Црногорскиот изборен закон дозволува да гласаат сите кои се во избирачкиот список, без разлика дали се во земјата, или на привремена или постојана работа во странство. Црногорските институции не можат да проверат дали некој од иселениците се стекнал со државјанство и избирачко право на друга држава, врз основа на што би можело да му се одземе црногорското државјанство и правото за гласање. Уставот и законите од 2006 година ја исклучуваат можноста за двојно државјанство, па во случаи кога некој стекнува друго државјанство му се одзема црногорското.

Владата на Здравко Кривокапиќ, чиј министер за економски развој беше Јаков Милатовиќ, во 2021 година се обиде да избрише дел од дијаспората од избирачкиот список.

Прорускиот демократски фронт (ДФ), најсилниот конституент на парламентарното мнозинство, потоа го иницираше Законот за престој, врз основа на кој дел од гласачите кои не можат да потврдат дека живеат во Црна Гора, каде што имаат формално живеалиште , би биле отстранети.

Подготвувањето на овој Закон наиде на отпор кај опозицијата предводена од ДПС и малцинските национални партии. Тие ја обвинија тогашната Влада и парламентарното мнозинство дека сакаат да создадат граѓани од втор ред од националните малцинства на Бошњаците и Албанците или да ги избришат од списокот на црногорски граѓани. Тогаш Владата на Здравко Кривокапиќ се откажа од донесувањето и спроведувањето на спорниот Закон за престој.