Што се случува во една земја ако во услови на висока инфлација, немилосрдна пандемија и блиска војна, владата падне поради некоја четврта причина? Слави Трифонов рече дека „става крај“ на коалицијата што ја формираше бугарската влада. Аргументите на неговата партија „Има таков народ“ (ИТН) варираат од обвинувања за несоодветна политика кон Македонија до намалување на парите за инфраструктура, но резултатот се појавува на сосема друго место – во ек на неколку глобални кризи, Бугарија почнува да прави политички пресврт.
Видете и ова: Шолц притиска за старт на преговори со ЕУВладата не падна, но веќе нема парламентарна поддршка и крајот е прашање на време. Што и да се случи во наредните денови и недели, неколку работи веќе се сигурни. Бугарија забавува на патот кон прифаќањето на еврото, надежите за подобрување на односите со Македонија испаруваат, а очекувањата за функционална актикорупциска комисија и промени во судскиот систем остануваат за некој нареден пат.
Ова се случува во услови на дејствија што изгледаа незамисливи за која било претходна влада во изминатите 20 години. Бугарија не му дозволи на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров прелет низ нејзината територија на патот кон Србија, остана лојална на санкциите на ЕУ и тоа многу ја налути Москва. Претходно, Газпром ја прекина испораката на гас за Бугарија, откако бараше Софија да плати во рубљи, спротивно на договорот, а Бугарија одби.
Тоа, сепак, не предизвика криза зашто владата преговара за алтернативни испораки и забрзано ја довршува гасната врска со Грција, што ќе ѝ овозможи на Бугарија воопшто да не зависи од руски гас. И покрај повиците од различни политичари за разговори и отстапки кон Москва, владата дури и ја отфрли можноста за продолжување на договорот со рускиот монопол Газпром, кој истекува оваа година.
Заменик министерот за енергетика од ИТН, Пламен Данаилов, за Еуроњуз Бугарија изјави дека тие инсистирале на „побалансиран пристап“ и одложување на откажувањето од испораките на руски гас. Министерот Александар Николов, исто така од ИТН, подоцна негираше дека е причина за напуштање на коалицијата. Претставници на „Продолжуваме со промената“ (ПП) на премиерот Кирил Петков, на социјалните мрежи веќе ги нарекуваат своите поранешни партнери „луѓе на Газпром“.
Политичките промени предизвикани од ИТН или ќе ја ослабнат способноста на владата да продолжи со политиката на замена на рускиот гас и прекин на зависноста, или ќе доведе до формирање нова влада која нема да ги има истите приоритети и ќе биде многу поприспособлива кон Москва.
Тоа е лоша вест за поддржувачите на европскиот пат на развој на Бугарија.
Нова распределба на силите
Четворицата министри од „Има таков народ“ поднесуваат оставки. Според процедурата, премиерот Петков треба да му предложи на Парламентот нивно ослободување од должноста и замена со нови. Сепак, промената веќе започна.
Видете и ова: Макроновиот „неемотивен“ план за проширување на ЕУПратениците на ИТН во Народното собрание почнаа да гласаат заедно со опозицијата. Останатите три политички партии од владејачката коалиција немаат мнозинство и веќе не може да спроведат ниедна одлука. „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија (БСП) и „Демократска Бугарија“ (ДБ) имаат само 109 пратеници од потребните 121 за мнозинство во 240-члениот Парламент.
Премиерот Кирил Петков рече дека очекува да убеди 12 пратеници од ИТН да го поддржат ребалансот на буџетот.
Опозициските ГЕРБ (со 59 пратеници), ДПС (34 пратеници) и „Преродба“ (13 пратеници) јасно ставија до знаење дека не може да се очекува поддршка од нив. Претседателот Румен Радев ги повика партиите во Народното собрание да формираат ново мнозинство. Сега има само три можности – останува владата на Кирил Петков со сите тешкотии што тоа ги носи, се создава ново мнозинство за нова влада ако сегашната падне или претседателот назначува преодна влада и Бугарија оди на нови избори.
Ниту една од трите варијанти не може да го промени фактот дека политичките промени иницирани од ИТН носат лоши вести за прозападната иднина на Бугарија.
Еврото
Владата на Кирил Петков на крајот на мај го усвои оперативниот план за воведување на еврото од 1 јануари 2024 година. Ова се случи без гласовите на Бугарската социјалистичка партија и „Има таков народ“. На зборови, и двете партии поддржуваат прифаќање на единствената европска валута, но претходно бараат да биде направена анализа.
Пратениците на Слави Трифонов до Парламентот доставија предлог за сопирање на планот додека Народното собрание не добие анализа за ефектите од воведувањето на еврото. ДПС не го отфрла овој став, но бараат појаснување.
Пратениците од „Преродба“ се единствени отворени противници на еврото.
Планот ги опишува конкретните чекори што Бугарија треба да ги преземе – промена на закони, упатства до банките и државните институции. Тоа е техничка работа која бара време. Ако владата не го следи цврсто овој курс, рокот 1 јануари 2024 можеби нема да се постигне.
Во извештајот за подготвеноста на земјите од ЕУ да го прифатат еврото, објавен на 1 јуни, се наведува дека само Хрватска ги исполнува сите услови и земјата може да ја воведе единствената европска валута од 1 јануари 2023 година.
Видете и ова: Ковачевски и Петков во Рим - дијалогот продолжуваБугарија сè уште не го исполнува критериумот за стабилност на цените, односно дозволува повисока инфлација, а сè уште ја нема усвоено потребната регулаторна рамка.
Ослабната или нова влада, поскептична кон еврото, ќе го забави овој процес, а Бугарија може да не ја постигне поставената цел.
Северна Македонија
„Причините поради кои оваа коалиција не функционира и зошто не ни е местото во неа се две – Македонија и фактот што во државата веќе нема пари“, рече Слави Трифонов во видеообраќање во кое го најави повлекувањето од коалицијата.
Тој го обвини премиерот Петков за „национално предавство“ и дека води различна политика од онаа што ја одобри Националното собрание. Во 2019 година, Бугарија стави вето на почетокот на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ.
Сега веќе екс министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, која исто така е од ИТН, рече дека била изолирана од состаноците на оваа тема, на кои Кирил Петков со европските лидери разговарал за чекорите за повлекување на ветото.
Премиерот оцени дека тоа се „лажни вести“. Во четвртокот, тој во Софија се сретна со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, по што двајцата потврдија дека нема договор за повлекување на ветото. Петков рече дека работи на тоа ЕУ да стане гарант на бугарските барања, вклучително и внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, ставање крај на говорот на омраза и разјаснување на историските спорови. Во саботата, германскиот канцелар Олаф Шолц исто така рече дека сè уште нема договор.
Претседателот Румен Радев во петкот рече дека задача на владата е „да го задржи ветото“. Во новонастанатата ситуација се намалуваат шансите за пробил и подобрување на односите меѓу Бугарија и Македонија. Владата нема да има време или поддршка да продолжи да бара решение во оваа насока.
Корупција
Владата на Кирил Петков дојде на власт со ветување за решителна борба против корупцијата, смена на главниот обвинител Иван Гешев и шефот на антикорупциската комисија Сотир Цацаров, како и зголемување на овластувањата на комисијата. Оставката на Цацаров дојде прва.
Во четвртокот, предлог-законот за проширување на овластувањата на Комисијата беше доставен до Парламентот. Пратениците од ИТН жестоко го критикуваа предлогот и го обвинија премиерот Петков дека сака „свој Гешев“. Пратениците од „Продолжуваме со промената“ во тоа видоа политички напад од доскорешните партнери и ги обвинија дека го саботираат проектот.
Видете и ова: Центри на моќ контра договор Софија - Скопје за да не се зацврсти позицијата на ЕУ на БалканотКој и да е во право, резултатот е јасен, овој проект тешко ќе биде прифатен, зашто власта го изгуби мнозинството. Без мнозинство нема да можат да го пополнат составот на Врховниот судски совет, кој единствено, според Уставот, може да го разреши главниот обвинител Иван Гешев. Крајот на ова мнозинство значи и крај на ветувањата за реформи во правосудството.
Кога се случува сето ова?
Почетокот на политичката криза во Бугарија се случува во момент кога руската инвазија врз Украина продолжува четврти месец. Софија застана на страната на Киев и поправа оштетени украински тенкови во бугарските фабрики.
Противењето на Бугарската социјалистичка партија не ѝ дозволи на Бугарија официјално да достави помош во оружје, но бугарските производители на оружје масовно извезуваат во земјите кои воено ја поддржуваат Украина.
Софија не му дозволи прелет на авионот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и не потклекна под притисокот на Газпром да ги прекрши европските санкции против Русија.
Во исто време, премиерот Кирил Петков поведе, како што ја нарече, „војна за границата“. Државата ја отстрани приватната лабораторија, кога повеќе од 10 години вршеше фитосанитарна контрола на увозот на храна од Турција во Бугарија, односно во целата ЕУ.
„Станува збор за годишни приходи од 200-300 милиони лева (100-150 милиони евра)“, рекоа пратеници од „Продолжуваме со промената“.
Некои од нив директно го поврзаа овој случај со дејствијата на ИТН. Слави Трифонов, во интервју за Радио Дарик, негираше дека има каква било поврзаност со скандалот на границата.
„Во моментов во Бугарија се спроведува жестока операција на руските специјални служби со цел да биде соборена власта во Републиката“, напиша на Фејсбук заменик претседателот на Народното собранието Атанас Атанасов од Демократска Бугарија.
Каков и да е конкретниот повод за нападот врз владата, тој не ја менува големата слика. Бугарија прави пресврт, и тој пресврт не е кон Запад.