Како се станува премиер?

Архивска фотографија- лидерот на ДУИ Али Ахмети

Инсистирањето на лидерот на ДУИ Али Ахмети за премиер Албанец според упатените не е многу реално да се оствари. Но, што предвидуваат Уставот и политичката практика за тоа како се седнува на премиерското столче?

Инсистирањето на лидерот на ДУИ Али Ахмети за идниот премиер да биде Албанец е спротивно и од досегашната пракса при формирањето Влада.
Ахмети тврди дека идејата е остварлива, иако, како што рече некој може и ќе се потсмева.

„Некои можат да ја наречат оваа идеја неостварлива. Некои можат и да ја потсмеваат нашата доверба во остварување на сонот на многу Албанци. Сепак, и тоа е добро. Кога некој ти го одрекува сонот, те поттикнува да работиш уште повеќе за да го оствариш“, рече Ахмети.

Два начина за остварување на идејата

Македонија досега имаше десет премиери. Со исклучок на првата експертска влада формирана во 1991 година, сите останати беа формирани од мандатар чија партија освои најмногу гласови на изборите или, пак, успеја преку коалицирање да направи мнозинство од 61 пратеник во Собранието.

Според членот 90 од Уставот, претседателот е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Првата опција е ДУИ да освои најмногу гласови или, пак, да создаде мнозинство, Ахмети да го добие мандатот и тој да предложи Албанец за премиер. Според анкетата на Американскиот републикански институт ИРИ спроведена во март годинава ДУИ има рејтинг од седум отсто, а пред неа се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, што се чини дека ја прави невозможна опцијата победник да биде партијата на Ахмети.

Видете и ова: Албанец премиер, нов трик на ДУИ за дефокусирање од клучните теми


Втората опција за да се исполни барањето на лидерот на ДУИ е тој тоа да го постави како услов за да коалицира со двете партии кои засега водат на испитувањата на јавното мислење, а и да освои клучен број пратеници без кои нема да може да се формира новата влада.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ одбија

Во тој случај мандатар за состав на владата би бил Зоран Заев или Христијан Мицкоски, но тие би требало да предложат премиер Албанец. Засега, според изјавите од двете страни, ова ,исто така, не е возможна опција. Заев веднаш по пласирањето на идејата кажа дека ако СДСМ победи на изборите, тој е кандидатот за премиер, а дека ако ДУИ има таков услов за коалиција за Влада тогаш немала да биде дел од идната Влада. И од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека мандатар ќе биде претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија се работи само за тактички маневар на ДУИ зад кој што се крие капиталот кој партијата на Ахмети ќе го направи на избори, особено од одбивањето на ваквата идеја од СДСМ, бидејќи, како што вели, таа партија претендира на граѓанско гласачко тело без разлика на етничката припадност.

„Одбивајќи го предлогот на ДУИ, тие губат дел од албанското гласачко тело, а ДУИ како промотор на застарени етнички концепти добива гласови и се одржува во политичката игра“, вели Трошановски.

Што е важна националната припадност?

Во меѓувреме, повторно се наметна и прашањето зошто се инсистира на етничката припадност на функцијата, а не на квалитетот и квалификации на оној кој ја извршува. Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири оваа идеја на Ахмети не треба да се гледа во меѓуетнички туку во предизборен контекст. Тој нагласува дека не е важно што етничка припадност би бил идниот премиер, додавајќи дека секој граѓанин на државава може да биде кандидат за прв човек на владата.

„Мое мислење е, а верувам дека и многумина тоа го споделуваат е дека етничката припадност не е клучна компонента за тоа кој ќе биде премиер во државата, иако не е исклучено по изборите самата политичка реалност која ќе произлезе од резултатите да има разноразни фигури и за клучните позиции во државата да бидат изненадување. Но не верувам дека тоа ќе се случи со ДУИ и дека тоа ќе биде нивни краен и бескомпромисен услов“, вели Незири.

Инаку досега премиери на Македонија беа Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски, Емил Димитриев, Зоран Заев и Оливер Спасовски и кратко како вршител на должност Радмила Шекеринска. Црвенковски, Георгиевски, Груевски и Заев беа лидери на партии победнички или формираа мнозинство, па така станаа мандатари, а потоа и премиери, Димитриев и Спасовски беа технички премиери за организирање избори согласно договорот од Пржино, а останатите дојдоа на позицијата откако дотогашниот премиер Црвенковски стана претседател па владата ја раководеа други членови на СДСМ. Кљусев беше на чело на експертска влада.

Албанец премиер - тема и во 2012 година

Идејата за Албанец премиер, пак, не е првпат тема на македонската политичка сцена. Во 2012 година кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а премиер Груевски, медиумите шпекулираа дека при евентуална коалиција на СДСМ и ДУИ, е можен нивен договор - премиер на новата влада да биде етнички Албанец. И тогаш СДСМ негираше таква можност, а и од ВМРО-ДПМНЕ изјавуваа дека тоа е неприфатливо за нив, но тогаш, за разлика од сега, Ахмети не ја промовираше идејата јавно.

Видете и ова: Датумот за избори и натаму неизвесен, партиите преговараат

Изборите сега, пак, беа распишани по инстистирање на ВМРО-ДПМНЕ поради недобивањето на датумот за преговори со Европската унија лани есента и покрај решениот спор со Грција и новото име Република Северна Македонија. Првично тие беа закажани за 12 април, но се одложија поради ситуацијата со коронавирусот. Сега постојат несогласувања меѓу партиите за тоа кога тие треба да се одржат, а владата предводена од СДСМ инсистира тие да бидат на петти јули.