Работната група за уставните измени ќе се состане после празниците, а во неа како што веќе е познато, нема претставници на опозицијата, ниту од македонскиот ниту од албанскиот блок, а имињата на експертите кои ќе бидат дел од неа се уште не се обелоденети.
Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за продолжување на македонските евроинтеграции, но власта го нема потребното двотретинско мнозинство за уставни измени.
Видете и ова: Интеграцијата во ЕУ заложник на руските дезинформацииПотребно е донесување на декларација во бугарскиот Парламент во која ќе се признае македонскиот народ, јазик и историја, а доколку тоа не е возможно тоа да го направи Европскиот парламент, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски за процесот на уставните измени во интервју за РСЕ кое ќе се емитува в недела.
Според него, македонскиот народ е исплашен дека се работи на бришење на македонската етногенеза, а притоа земјата е една од ретките што Уставот го менува постојано како да е „обичен тефтер“.
„Доколку бев член на Парламент или имав парламентарна група во овој момент според вакви услови јас никогаш не би поддржал да се смени Уставот и да се направат уставните измени без соодветен реципроцитет. Македонија мора да добие гаранции“, смета Димитриевски.
Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав не се само бугарско барање, туку е дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, односно се услов поставен од Европската унија. До ноември трае скринингот од ЕУ, а власта се надева дека ќе може да ги направи уставните измени до тогаш за веднаш да почне отворањето на поглавјата во преговорите со Унијата.
Видете и ова: Работна група за привлекување поддржувачи за уставни измениВицепремиерот Бојан Маричиќ информираше дека после празниците работната група ќе ги формулира предлозите за уставни измени.
„По таа формулација очекуваме да има и јавна дискусија и потоа да се влезе во Собранието“, рече Маричиќ во гостување на ТВ 24.
Според него, Македонија нема време за губење и што побрзо е потребна промена на Уставот, бидејќи се повеќе се наметнува прашањето за неизвесната европска иднина на државата.
Кои експерти ќе бидат дел од работната група?
Во Работната група веќе официјално се предложени 13 членови, а ним треба да им се придружат и експертите. СДСМ во работната група ја предложи генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, од ДУИ ќе биде координаторот на нивната пратеничка група Арбер Адеми, пратеникот Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократска партија на Турците.
Претседателот Стево Пендаровски го назначи својот советник, професор Александар Спасов, Министерството за надворешни работи го предложи Шпенд Садики, а Секретаријатот за европски прашања Драган Тилев. До крајов на неделава треба да бидат објавени и имињата на поканетите експерти.
Опозицијата надвор од процесот
Опозицијата реагираше дека уставните измени не се подготвуваат во ад хок работни групи, туку во Собранието, ако двотретинско мнозинство изгласа таква потреба.
Според Димитриевски, со отсуството на опозицијата од работната група за уставни измени се доведува во прашање примената на Бадентер, бидејќи малцинството на граѓани од една етничка заедница ќе одлучува за суштинско национално прашање на мнозинството македонски народ.
Видете и ова: Односите меѓу Скопје и Софија не се имуни на дезинформации„Значи за националното прашање на Македонците треба да одлучуваат единствено Македонците, а нашите пријатели Албанци, Срби, Роми, Власи и сите останати да имаат апсолутно разбирање кон проблемот со кој се соочуваат нивните сограѓани“, додава Димитриевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека за него темата за работната група е затворено прашање. Премиерот Димитар Ковачевски возврати дека Мицкоски не е пратеник и затоа не е релевантен да зборува по прашањето, а и често ги менувал неговите ставови.
Мицкоски неколку пати досега повтори дека нема да има промена на Уставот во овој парламентарен состав. Опозициската партија притоа смета дека за нив е прифатлива промената на Уставот по таканаречениот хрватски модел. Преку овој модел, според ВМРО-ДПМНЕ, „Македонија ќе биде е држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинствата, кои живеат тука“.