Предлог буџетот за 2020-та се уште е „тајна“

Ни од Владата, ни од Министерството не откриваат што содржи Предлог-Буџетот за 2020 година. Од двете институции соопштуваат дека ќе биде објавен кога ќе помине на владина седница. Опозицијата реагира дека може да се очекува предлагање на гломазен желботека-буџет.

Од Владата и од Министерството за финансии не откриваат зошто Предлог-Буџетот за 2020 година не помина на последната седница и дали ќе претрпи некакви промени. Од владината прес-служба на прашањата на Радио Слободна Европа, меѓу другото и дали некој од министрите бил против негово усвојување, го цитираат веќе објавеното соопштение и посочуваат дека јавноста ќе биде запознаена со Предлог-Буџетот откако ќе помине на владина седница.

„Министрите во Владата ги презентираа програмите кои треба да се финансираат од буџетот за наредната година и донесоа одлука Предлог-буџетот за 2020 година, како и Предлог-законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година да бидат утврдени на наредна седница на Владата која треба да се одржи идната недела. По усвојување на Предлог- Буџетот за 2020 година на владина седница, финалниот текст ќе биде објавен и испратен во Собранието на усвојување“, наведуваат од владината прес-служба.

Видете и ова: Ребаланс во време кога треба да се крои наредниот буџет


Но, праксата во минатото беше поинаква. Поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски, Предлог-Буџетот за 2019 година јавно го презентираше пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите неколку дена пред да влезе во владина процедура.

Од Министерството за финансии посочуваат дека согласно предвидената динамика, расправата продолжува и се очекува на наредната владина седница да се дефинира Предлог-Буџетот за 2020 година. Дали документот ќе претрпи промени, од министерството, нема конкретен договор.

„Предлог-буџетот е Предлог, се додека не се усвои од Собранието на Република Северна Македонија. Значи Министерството за финансии доставува Предлог-Буџет до Владата, Владата доставува Предлог-Буџет до Собранието и за цело време Предлог-Буџетот е отворен документ за конструктивна демократска дебата - бидејќи Буџетот е од граѓаните - за граѓаните“, велат од министерството.

Не откриваат што содржи Предлог-Буџетот, ниту колку ќе изнесуваат приходите и расходите.

„Откако ќе се усвои Владиниот Предлог-Буџет за 2020 година, истиот, како и секоја година, ќе биде презентиран пред јавноста во насока на транспарентно и отчетно работење. Инаку приходите и расходите се проектирани врз основа на проекција за раст на бруто-домашниот производ од 3,8% за следната година, што е во линија со проекцијата на Народната банка“, додаваат од министерството.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антониjо Милошоски реагираше дека Владата нема капацитет да сработи ни Предлог-Буџет. Според него, Владата во предизборното брзање нема јасен концепт за буџетско насочување и за ефикасно искористување на капиталните инвестиции, а Министерството за финансии и економскиот тим немаат капацитет да дефинираат приоритети.

„Што можеме да очекуваме во вакви околности? Можеме да очекуваме предлагање на гломазен желботека-буџет кој би тежел околу 4 милијарди евра, според девизата "пиши, хартијата трпи се". И згора на тоа, можеме да очекуваме намалување на капиталните инвестиции кои носат развој, а во буџетот да има дуплирање на средствата за вработување на договор на дело во администрацијата, како предизборен обид на сметка на буџетот да се намали разочарувањето кај гласачите на коалицијата на СДСМ-ДУИ-Амди-ДОМ-Љубе-НСДП-Самка!“, напиша Милошоски на Фејсбук.

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска Бежоска соопшти дека македонската економија годинава ќе оствари раст од 3,5 отсто, а наредната 3,8 проценти. Двигатели на растот, според проекциите на Народна банка, ќе бидат инвестициите, извозот и личната потрошувачка.