Во пресрет на локалните избори, власта најави нова антикорупциска кампања. Во пресрет на минатите избори беше најавена „метла“ на функционери кои не си ја вршат работата, со која не беше разрешен речиси никој, а сега почнува кампањата „Сега сè е јавно“. Антикорупционерите во кампањата гледаат само предизборен маркетинг.
Коруптивните вируси во македонското општество за почеток ќе се лечат со видео спотови од кампањата „Сега сè е јавно“ на телевизија со кои ќе се повикуваат граѓаните да пријават корупција. Според новата владина антикорупциска програма, ќе се проверува имотот на функционерите и на државната администрација.
Како што најави власта, ќе се проверува имотот и потеклото на имотот на граѓаните за кои ќе има индиции дека е несоодветен со нивните приходи и платен данок. Но, засега од Владата не откриваат детали за предлог законот за потекло на имот и кои групи на луѓе ќе бидат опфатени со него.
Личи на предиборна кампања?
За поранешниот антикорупционер Ариф Муса ваквата промоција на видео спотови без при тоа да се прикаже предлог законот во пресрет на локалните избори личи на предизборна кампања.
„ Штом има вакви ситуација во време кога веќе се закажни изборите, нема друг начин да се коментира освен дека се е во цел на кампања, се е за предизборите, се е, ама апсолутно подготвување од сите страни, од изјави, декларации за борба против корупцијата, за инвестициите, што е уште полоша работа. Не гледам дека Антикорупциската комисија реагира за ова во предизборието“ вели Муса.
Тој потсетува дека претходно во вториот круг од претседателските избори во 2019 година, власта најави партиска чистка во своите редови именувана како „метла“. Најавите за проверка на потекло на имот датираат уште од 2019 година. Тогаш Премиерот Зоран Заев ја повикуваше Антикорупциската комисија да изврши проверка на вработените во правосудството.
„Уште еднаш ја повикувам Државната комисија за спречување корупција да започне проверка на имотот на судиите и обвинителите, Управата за јавни приходи, Централниот регистар, Катастарот. Може уште овој месец да ги отпочнат процесите за проверка на имот“, рече тогаш Заев.
Две години подоцна власта сè уште го изготвува предлогот законското решение, за како што вели, посериозна битка против корупцијата.
По последниот Извештај на Стејт департментот, во кој се укажува дека корупцијата е постојан проблем во земјава, дека закони има, ама власта гони само критичари и престапници од ситен калибар, Заев изјави дека анализата е валидна, но корупција нема во високите ешалони од власта. Тој обвини дека по сите анализи и извештаи кои досега се направени е утврдено дека корупцијата е на трето ниво, односно кај административните службеници.
Поранешниот антикорупционер и адвокат Драган Малиновски смета дека со тајмингот на објавување на оваа кампања не може да се исклучи дека е таа поврзана со изборниот процес кој ни претстои есенва.
„Мене тоа што ми пречи е дека се обидуваме со корупција да се справуваме кампањски, на некој начин мислиме дека тоа може да се случи со некој фатален пресврт или нешто слично што би довело до некој драматичен прогрес во борбата со корупцијата. Тоа не оди така, борбата со корупцијата мора да се одвива дневно со секој потег на владата, на локалните власти, носителите на јавни функции“, вели Малиновски.
Антикорупционерот Муса објаснува дека најавата за следењето на имотната состојба на функционерите, но и на граѓаните, е можна и со дел од досегашните закони.
„Тоа произлегува од антикорупцискиот закон и обврската за пријавување на приходи. Од тогаш важи за функционери и за сите оние кои барем еднаш биле функционери. Кога станува збор за граѓаните, и тие поднесуваат пријава до Управата за јавни приходи. Може да се следи кај секого ако се сака, може да се следи имотната состојба во државата“, вели Муса.
Какво треба да биде законското решение?
Видете и ова: Политичката битка за власт како криминалистичка серијаПоранешниот антикорупционер Малиновски вели дека во поглед на најавата за носење на закон за проверка на потекло на имот на сите граѓани гледа со резерва. Причината за тоа е, како што вели, што и постојниот закон овозможуваше проверка на имотна состојба на носители на јавни функции. Но, додава дека проблемот е во воспоставување на логистика и ресурси кои треба да ги има ДКСК за тоа да го прави, а тоа се поврзување на дата база на податоци, софтвери, компјутери...
„Ако ние можевме да се справиме и да испитаме имотна состојба на дузина функционери, ние сега посегаме кон нешто, како да ја испитуваме имотната состојба на граѓаните. Тоа ми изгледа вака невозможно, затоа што ние немаме капацитети да испитаме на дузина функционери да ги провериме“ вели Малиновски.
Антикорупционерите бараат со новото законско решение да се оневозможи одредени функционери својот имот да го пријавуваат на туѓо име додека се на функција, а потоа да си го вратат на свое име, бидејќи ДКСК понатаму нема законска надлежност да ја следи имотната состојба.
Инаку, земјава стагнира кога е во прашање борбата против корупцијата, а Транспаренси интернејшнал ја рангираше на 111 место од 180 земји според Индексот за перцепција на корупцијата во 2020 година.