ЕУ намерите за избори ќе ги гледа низ призма на коронавирусот

Македонско и ЕУ знаме

Во наредните денови се очекува да биде готова преговарачката рамка за Северна Македонија, според која, ќе се одвиваат преговорите за членство во ЕУ. Но, од ЕУ порачуваат дека е потребно спроведување фер и демократски избори.

Преговарачката рамка за Северна Македонија треба да биде готова во наредните денови и документот се очекува наредната недела да се најде на масата на Советот на ЕУ. Преговарачката рамка меѓу Европската Унија и Северна Македонија ги содржи начелата врз кои треба да се одвиваат преговорите меѓу двете страни и откако ќе биде готова, таа треба да биде усвоена од земји членки на Унијата. По нејзиното усвојување, според најавите, треба да се одржи и првата меѓувладина седница со која и формално започнуваат преговорите за членство во ЕУ.

На брифинг со новинари во Брисел, еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји освен за преговарачката рамка се осврна и на изборите.

„Ја видов и најавата на Владата дека има намера да одржи избори на почетокот на јули. Треба да ги разгледам деталите. Во оваа фаза, она што можам да ви кажам е дека слободни и фер избори треба да се одржат со доволно време за кампања и доволни можности за сите политички партии да водат кампања. Треба да разгледаме и како со ограничувањата поради Ковид-19 ова може да се примени. Значи, ова е нешто што ќе разговараме со македонските власти, затоа што е многу важно да се обезбедат во целост фер и слободни избори“, истакна Вархеји на брифингот.

Тој додаде дека се очекува преговарачката рамка да биде усвоена рано наесен, а за истиот период е предвиден и целиот пакет за проширување. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи најави дека ЕУ ќе ја објави преговарачката рамка меѓу 9 и 10 јуни. Владата пак инсистира предвремените парламентарни избори да се одржат на 5 јули.

Видете и ова: Вархеји - Преговарачка рамка за С. Македонија во јуни

Наместо поглавјата сега очекуваме да видиме како ќе се постават новите кластери во преговарачката рамка, вели директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска. Според неа, најзначајно е дека во првиот кластер наречен основи, Европската Комисија би требало да биде многу подетална, бидејќи дел од овие прашања не биле предмет на преговорите со други земји.

„Не смееме да заборавиме дека новата методологија им дава многу поголем збор, односно потенцира дека земјите членки ќе имаат поголема улога во преговорите и вклучително ја менува процедурата по која може да се покрене постапката за суспендирање на преговорите којашто сега може да ја иницира само една земја членка“, вели Кацарска.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во интервју за РСЕ изјави дека документот е многу важен и со него ќе се утврди еден своевиден патоказ врз база на новата методологија со три основни точки.

„Првата патоказ за владеењето на правото, втората за демократските и административните институции и трет патоказ за економските реформи. Тоа ќе биде суштината на патеката која треба да се подготви, рамката ќе треба да се усвои на меѓувладината седница која би требала да се одржи наесен, а потоа ќе отпочне процес којшто не е само технички туку и политички, а ние тоа и го посакувавме, политички пат којшто ќе биде придружуван со различен вид помош и поддршка за Северна Македонија. Значи, многу добар почеток кој се најавува со фактот што јуни ќе биде објавена преговарачката рамка, а како што ние велиме, навистина сте на добар пат“, вели Тимоние.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ЕУ сака легитимен соговорник

Евроамбасадорот Самуел Жбогар неодамна изјави дека константните реформи и опипливите резултати на Северна Македонија ќе придонесат во напредокот на земјата.

„Европската Унија наскоро ќе ја презентира преговарачката рамка и се надеваме дека оваа година ќе ги отвориме преговорите“, изјави Жбогар при посета на општина Ранковце.

Северна Македонија и Албанија добија одлука за почеток на преговорите за членство кон крајот на март. Од 1 јули годинава стартува германското претседателство со ЕУ, кое се очекува да го задржи фокусот врз Западниот Балкан и проширувањето на ЕУ.