Превенција при домашно лекување со полесни симптоми на КОВИД-19

Пациентот кој е на домашно лекување треба да се јави на неговиот матичен лекар ида го информира дека е на домашно лекување. Заболениот треба да остане дома најмалку 14 дена од почетокот на домашното лекување или сè додека не се опорави, а тоа да се утврди после спроведени клинички прегледи или лабораториски наод (два негативни тестови направени со растојание од најмалку 24 до 48 часа).

При домашна изолација и лекување се забранети посети во домот на пациентот кој се негува во посебна и добро проветрена просторија. Ако може да се одреди здраво лице кое ќе биде одговорно за пациентот. Семејството да остане во друга просторија или да одржи растојание од најмалку 1,5-2м од болниот. Исклучок може да биде доилка и таа може да продолжи да дои, но да носи маска маска кога е во близина на бебето и да ги примени сите хигиенски мерки од упатствово. Да се ограничи движењето на пациентот и да се минимизира користењето на заедничкиот простор кој треба да е проветрен. Лицето кое го негува пациентот треба да носи обична медицинска маска кога е во иста просторија со заболениот. За време на употребата, маските не треба да се допираат. Ако маската се навлажнува или се извалка со секрети, веднаш излезете од просторијата на заболениот и сменете ја со нова. Употребената маска веднаш се фрла во ќеса и корпа со отпадоци со капак, а рацете веднаш се мијат со сапун и вода најмалку 20 секунди.

Да се мијат рацете со сапун и вода по секој контакт со заболено лице или по контакт со предмети од нивната непосредна околина. Исто така, да се мијат рацете пред и по подготвување на храна, пред јадење, после употреба на тоалетот. По потреба може да се употреби дезинфекциско средство со алкохолна основа за чистење на раце. Кога се користи сапун и вода, пожелно е користење на хартиени брисачи. Ако не се достапни, да се користат крпи/пешкири кои треба да се менуваат најмалку еднаш дневно. Секој член од семејството треба да користи сопствен пешкир/крпа.

Респираторната хигиена треба да ја практикуваат сите во домот, а особено заболените лица во секое време. Респираторната хигиена се однесува на покривање на устата и носот за време на кашлање или кивање со употреба на медицински маски, маски од ткаенини, проследено со миење на рацете. Доколку во моментот немате маска или шамивче устата и носот да се покријат со внатрешната страна од лактот. Сите членови на семејството треба да се сметаат за контакти и нивното здравје треба да биде под постојан надзор. Бидејќи членовите на семејството не смеаат да излегуваат од домашната изолација, потребните намирници за семејството кое живее со пациентот треба да се достават пред врата од трето лице (пријател, роднина, соседи и сл.), или Црвен крст. Алтернативно може да се врши нарачка и преку „online“ сервисите за достава.

Да се избегнува директен контакт со телесни течности, особено орални или респираторни секрети и столица. Да се користат ракавици за еднократна употреба при грижа за заболеното лице и при контакт со столица, урина и отпад. Да се измијат рацете пред и по отстранувањето на ракавиците.

Секојдневно да се чистат и дезинфицираат честопати површините кои се допираат, како што се масите и другиот мебел во собата на заболеното лице со вообичаено средство за дезинфекција кое содржи средство за белење. Да се чистат и дезинфицираат површините во бањата и тоалетот барем еднаш дневно со редовно средство за дезинфекција кое содржи средство за белење. Да се избегнува допир со контаминирани предмети во непосредна околина на заболеното лице (на пр. избегнувајте споделување на четки за заби, цигари, прибор за јадење, садови, пијалоци, пешкири или постелнина). Приборот и садовите за јадење треба да се чистат со сапун или детергент и вода после употреба и може повторно да се користат наместо да се исфрлаат.

Да се пере облека, постелнини, пешкири на заболени лица со машина за перење на 60-90 степени со детергент и темелно да се исушат. Да се избегнува тресење на облеката и постелнините од заболеното лице поради можен директен контакт на кожата и облеката со контаминираните материјали.

Министерството за здравство објави препораки за членови на семејството на пациентот со полесни симптоми на Ковид-19 во домашна нега / домашно лекување.