Неизвесна е судбината на измените на Изборниот законик кои предизвикаа низа реакции од општествени и политички фактори најмногу поради прагот од два отсто од гласачите во општинскиот извирачки список за независните кандидати. Според тие предложени измени за некој независен кандидат да може да влезе во изборната трка на локално ниво ќе требаше да собере два отсто од гласачите што во некои средини значи сериозно зголемување на бројката, па така на пример за во Скопје сегашните 1000 потребни потписи би пораснале на над 9000.
Видете и ова: Пендаровски нема да стави потпис на сегашните измени во Изборниот законикПретседателот Стево Пендаровски, невладини организации и граѓански иницијативи се спротиставија на ваквиот предлог по што ретерираше и премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Нивни партиски претставници, заедно со пратеници од ДУИ и Алијанса за Албанците ги поднесоа измените на законот во Собранието, а учествуваа во нивното договарање.
Извори и од владејачкото мнозинство и од собраниската опозиција, сепак, сега велат дека се уште постои можност да се донесат некакви измени на Изборниот законик од кога ќе се вратат од одмор.
Поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски е децидно против промената на изборниот законик на кратко време пред избори па дури и на распишани.
„Апсолутно сум уверен дека без разлика какви ќе се измените ,сепак, се измени на Изборниот законик и тоа ќе биде забележано како негативно во конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР. Знаеме дека прифатлив рок за измени за да нема негативна оценка во делот изборно законодавство е минимум шест месеци пред избори“, вели Новаковски.
Од владејачкото мнозинство, пак, велат дека евентуалните измени нема да ги менувале „правилата на игра во услови на распишани локални избори“. Како пример што нема да се менува ги споменуваат полуотворените листи на кои за некој да биде избран се предвидуваше да треба да има три отсто од запишаните избирачи. На ова се спротиставија помалите парламентарни партии и од владејачкото мнозинство.
Видете и ова: Од Зелен хуман град револтирани од изјавата на Заев за прагот за независните кандидатиНо, истите извори од таму оставаат можност за промена на прагот за независните кандидати на еден отсто, како што најави и Заев. На ова веќе реагираа од граѓанската иницијатива Зелен хуман град забележувајќи дека сепак и тоа значи зголемување на прагот од 1000 потписи сега, на околу 5000, колку што би биле еден отсто од гласачите во Скопје. Истите извори од владејачкото мнозинство, пак, нагласуваат дека за други општини прагот од еден отсто би значел намалување на потребните потписи. Во сегашниот закон прагот е по општ, па така на пример за општини до 10 000 жители потребни се сто потписи, а прагот од еден отсто од запишани во избирачки список би значел дека во некои општини, како на пример Вевчани, би биле потребни 20 потписи.
„Не би требало да се менува на ваков избрзан начин оти ќе се прати погрешна порака. Сите европски набљудувачи и познавачи нема да разберат зошто се прават тие измени за воведување цензус“, вели Новаковски.
Пратениците начелно треба да бидат на одмор цел август па ако собранискиот претседател не одлучи да им го прекине одморот измените би се гласале во септември што е само еден месец пред локалните избори.