Достапни линкови

Од докторите се бара лек и за комуналните проблеми


Илустрација: Прилеп
Илустрација: Прилеп

Партиите кандидираат познати лекари за градоначалници, затоа што тие имаат углед и авторитет во локалните средини и секојдневна комуникација со многу граѓани.

Луѓе со углед и авторитет во својата средина, познати, со многу контакти, им помогнале на многумина сограѓани. Ова се главните причини поради кои политичките партии често се одлучуваат за градоначалници да кандидираат лекари. Граѓаните очекуваат дека некој што дал сè од себе да спаси нечиј живот, со ист ентузијазам ќе се посвети на изградбата на канализации или решавање на другите комунални проблеми. Од друга страна, докторите се нафаќаат на политички функции затоа што станува збор за интелектуалци кои мислат дека може да помогнат и во други полиња освен во медицината, а улога сигурно имаат и привилегиите што ги носат функциите, велат аналитичарите.

Поранешниот пратеник Нано Ружин вели дека лекарите се популарни во своите средини и секојдневно имаат контакти со многу луѓе. Слична е ситуацијата во сите земји од регионот, вели тој.

„Политичките партии коишто секогаш сакаат поголем број гласови настојуваат да ги искористат сите овие предности за да имаат поголем успех. Ова е особено значајно на локално ниво, бидејќи „чичко докторот“ ги познава сите, особено во малите средини, во руралните средини, тоа е сè уште еден авторитет пред кој се поклонуваат луѓето“, вели тој.

Со сличен став е и професор Башким Селмани.

„Секогаш партиите имаат посебна стратегија и бараат одредени луѓе коишто имаат влијание и комуникација со граѓаните, а лекарите го имаат тоа“, вели тој.

Ружин посочува дека со вклучувањето на лекарите во локалните избори граѓаните губат добар лекар, но од друга страна се работи за интелектуалци кои се и политички битија кои можеби сметаат дека можат и повеќе да помогнат на чело на општинските администрации. Од друга страна, функцијата си носи и поголеми примања и други привилегии.

Од досега познатите кандидати за претстојните локални избори, извесно е дека Охрид ќе добие доктор на чело на општината. Неизвесно е дали ќе биде актуелниот интернист Константин Георгиески од СДСМ или стоматологот Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ. Од 2013 до 2017 година, на чело на македонскиот туристички бисер беше кардиологот Никола Бакрачески.
Актуелен градоначалник на Прилеп е ортопедот Илија Јованоски од владејачката партија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе соопшти дека на претстојните избори и тие ќе кандидираат ортопед – Борче Јовчески.

За Штип повторно ќе се кандидира актуелниот градоначалник Сашко Николов, кој е интервентен кардиолог. Тој победи на вонредните локални избори во родниот град пред неполна година.

На чело на Струмица е интернистот Коста Јаневски од СДСМ, Кратово во овој мандат го предводи офталмологот Љупчо Бојаџиев кој дојде на функцијата со поддршка на СДСМ, Гостивар го предводи неврологот Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, а Дебар урологот Хекуран Дука.

На чело на Македонска Каменица во моментов е психологот Соња Стаменкова, која 20 години работела како медицинска сестра во родниот град.

СДСМ нема повторно да го кандидира специјалистот по забна техника Драган Тренчовски, кој е актуелен градоначалник на Пехчево и на негово место ќе го кандидира Славчо Пандурски.

Еден од најпознатите доктори во локалните самоуправи во Македонија е гинекологот Зоран Дамјановски – Циц, кој го предводеше Куманово во три мандати – од 2005 до 2017 година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG