Пратеници без двојни државјанства- само во две земји во ЕУ

Македонски пасош

Уставни судии повикуваат на издржана правна, а не на политизирана дебата за забрана за двојни државјанства за пратениците. Симонида Кацарска од Институтот за Европска политика ЕПИ вели дека таква забрана од земјите во ЕУ има само во две-Бугарија и Литванија.

На сериозна, а не на импулсивна дебата повикуваат поранешните уставни судии Бајрам Положани и Трендафил Ивановски откако во јавноста се отвори темата дали треба да се забрани македонските пратеници да имаат двојно државјанство. Дебатата почна откако бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов објави список со имиња и презимиња какви што имаат и неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а кои како што наведе Каракачанов имаат право на глас на тамошните парламентарни избори што значи дека имаат и бугарско државјанство.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ - во лагите на Каракачанов е замешан и Заев

Откако сите споменати негираа дека се тие, а и Каракачанов рече дека тој не тврдел дека се токму опозициските политичари, туку само му се виделе интересни токму тие имиња, ВМРО-ДПМНЕ предложи таков закон, а СДСМ го поддржа. ДУИ пак сметаат дека тоа е противуставно.

Според поранешниот уставен судија и професор по уставно право Бајрам Положани евентуално закон со кој би се забранило некој со двојно државјанство да може да се кандидира за одредени функции би бил и противуставен. И законот и Уставот обврзува да имаат македонско државјанство, а не забранува да имаат и друго, додава тој, нагласувајќи дека државата дозволува двојно државјанство за сите граѓани и е апсурдно да се забранува за вршење конкретни позиции.

„Не можат политички отворените прашања да се уредуваат со правни средства и треба да се седне и со трезвени глави да се отвори поширока дебата што тоа значи да не се дозволува државјанин на Република Македонија кој има и друго државјанство“, вели Положани.

Дебата без партиска боја

И поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека треба дебатата да се води коренито и стручно, а не да ја преземаат партиите давајќи и политички тон и боја. Но, за разлика од Положани, тој смета дека треба да се размисли за можна забрана за извршување на повеќе јавни функции на лица со двојни државјанства.

„Замислете да може сите со двојно државјанство да бидат пратеници, да може да бидат судии? Според мене, мислам дека за такви функции, како и за членови на Влада, пратеници треба да бидат македонски државјани, а лица носители на двојно државјанство е дискутабилно да извршуваат такви функции“, вели Ивановски.

Во ЕУ забрана има само во Бугарија и Литванија

Политиката на земјите членки на Европската унија во однос на двојните државјанства пак постепено станува се полиберална, вели Симонида Кацарска од Иниститутот за европски прашања ЕПИ. Таа додава дека тоа пред се е поради политиката на мобилност на самата Унија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кацарска- мобилноста во ЕУ поттикнува и полиберални политики за двојни државјанства


„Според базата на податоци на Европскиот универзитетски центар во Фиренца од земјите кои дозволуваат двојни државјанства постои забрана за кандидирање на национални избори за парламент во две земји- Бугарија и Литванија. Таму лицата со двојни државјанства може да гласаат на избори, но не може да се кандидираат за членови на национални парламенти“, вели Кацарска.

Од европските земји, на пример познатиот германски политичар Дејвид Мекалистер, член на партијата на Ангела Меркел ЦДУ и европратеник покрај германското има и британско државјанство.

Дозволено и во САД, Канада....

И други држави надвор од Европската унија дозволуваат лица со двојни државјанства да бидат на државни позиции. На пример во парламентите на Обединетите кралство, Соединетите Американски Држави, Канада, Нов Зеланд и други земји нема никаква пречка некој да биде избран за пратеник ако има повеќе од едно државјанство. Во САД на пример сенаторот од Тексас Тед Круз имаше и канадско државјанство кога беше избран за позицијата, или пак актерот Арнолд Шварценегер кој беше гувернер на Калифорнија има и австриско државјанство.

Деновиве дебата во јавноста покрена и двојното државјанство на македонскиот претставник на Евровизија Васил Гарванлиев, кој кажа дека има и бугарско државјанство, па се организираа и онлајн петиции за негово отповикување. Но и на Евровизија воопшто не е реткост за една земја дури и да настапува државјанин кој не е на истата. Па така на пример грчки пејачи имаат настапувано за Луксембург, познатата канадаска пејачка Селин Дион настапуваше за Швајцарија...