Неправда и незадоволство од правосудниот систем чувствува Силвана чија мајка беше меѓу 16-те патници кои загина во сообраќајната несреќа кај Ласкарци. По речиси четири години од несреќата, судењето вратено од почеток против сопственикот на „Дурмо Турс“и вработените кои дозволиле автобусот со неисправни сопирачки да вози.
„Воопшто не сум задоволна, ниту со судскиот процес, ниту со вештачење, многу работи се скриени, се одложува постојано и сето тоа е страшно и стварно потресно за нас како фамилија,“ вели Силвана.
Истрагата за сообраќајната несреќа во Бугарија при која загинаа 45 македонски граѓани во автобус на Беса Транс, е една од причините поради која бев разрешена изјави неодамна шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска.
И овој предмет за несреќа која се случи пред повеќе од една година правна разрешница не е ни на повидок. Се уште не е одржано судско рочиште за модуларната болница во Тетово во која при пожар во септември 2021 година загинаа 14 пациенти заболени со ковид – 19.
Видете и ова: Поништени пресуди - застарена „правда“Како дел од причините за недовербата во судството може да се посочат и последните одлуки на Апелација со кои се поништија пресудите за најголемата афера досега за масовно незаконско прислушување „Таргет- Тврдина“ и „Трезор“ во кои како првообвинет се јавува поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Овие предмети ги опфаќаат процесите на масовно прислушување на над 20 илјади граѓани како и незаконски набавената опрема за прислушување и нејзиното уништување.
Со ваквата одлука на Апелација каде се бара повторно судење се отвара вратата кон „застарување на делото“. Тоа може да се случи ако до 2025 година не се донесе нова правосилна пресуда. Што значи судот ќе има задача во наредни две години да ја повтори и заврши целата судска постапка, со се конечна одлука за правосилност на Апелација.
Мијалков пред четири месеци почна да ја одлежува затворската казна за предметот Империја каде призна вина за незаконско богатење и криење имот. Тој од Скопје се пресели во Охрид за да си одлежи три години во струшкиот затвор, познат во јавноста, по затворски туризам.
Бизнисменот Јордан Камчев во април годинава за случајот „Плацови на Водно“ беше осуден на една година затвор, додека за случајот „Империја“ призна вина и се спогоди на една година затвор и да плати 5,2 милиони евра. Но, тој од 6 ноември е на слобода, откако пред еден месец ја искористил законската можност да побара и добил од Основниот кривичен суд спојување на затворските казни.
Во меѓувреме Камчев ја промени својата адреса на живеење од Скопје во Охрид со што надлежен за издржување на санкцијата стана охридскиот суд кој му издаде упатен акт за КПД Струга, кој е од отворен тип. Во струшкиот затвор тој одлежа околу четири месеци.
Претседателот на огранокот на ДУИ во Охрид, познат бизнисмен и општински советник Нефи Усеини во декември доби парична казна за дело кое најчесто во правосудниот систем се казнува со затворска казна од три месеци до три години. Судот во Охрид сметаше дека со паричната казна Усеини ќе го поправи своето однесување и нема да попречува лица во извршување на службена должност, ниту ќе помисли повторно да тепа, иако ова беше четврти пат во три години, а во меѓувреме чека пресуда за претходните тепања.
Судии, обвинители и политичари незадоволни од правосудниот систем
Од македонскиот правосуден систем изминатава година покрај граѓаните незадоволни беа и судии, обвинители и адвокати, но и политичари. Судска бизнис елита и судии како трговец – поединец, се само дел од изјавите кои ја отсликаа изминатава година состојбата со правосудниот систем.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Описот со судска бизнис елита го даде сега веќе поранешната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска во нејзината оставка. Детали не сподели и замина на боледување. По неа на претседателското столче седна Весна Дамева која како член на Судскиот совет доаѓа од позиција стручен судски соработник на предлог на Претседателот Стево Пендаровски.
Видете и ова: Пендаровски: Нема правда со спогодби на правосудството со криминалцитеНа јавните седници на Судскиот совет тема беше и меѓусебното судско кодошење. Судијата Ивица Николовски чија задача е утврдување на одговорност кај судии изјави дека дел од неговите колеги против кои се водела тајна постапка за проверка на работата, веднаш ја добивале информацијата.
„Тука меѓу нас имаме трговци-поединци, неодговорни колеги и неодговорни меѓу службата и барам претседателке ова да го испитате“, посочи судијата Николовски на седницата.
Дамева пак изненадена ги повика колегите веднаш да пријавуваат такви проблеми.
„Какво е ова изнесување податоци кога постапките се тајни? Какво е тоа кодошење на колеги меѓу себе? Јас ќе ве заштитам. Не се плашете, кажувајте“, рече Дамева.
Снаа ќе чека свекрва да пресече -обвинител или судија
Во судскиот совет лани се покрени постапки за утврдување на одговорност кај двајца судии од повисок ранг, еден врховен судија Наќе Георгиев и апелациски судија Светлана Јованова. Во меѓувреме постапката против претседателката на Врховен Суд Беса Адеми е сопрена, затоа што судот оценил дека подносителот на барањето таа да биде разрешена поради дисциплинска постапка не е во право.
Адеми се кандидираше за член на Управниот одбор во Академијата за судии и обвинители каде што во иднина ќе одлучува за судбината на нејзината снаа која е слушател на оваа академија.
Општиот впечаток во јавноста е дека македонскиот судски систем се движи во ќорсокак, особено по аферата со синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет и уште 449 како него, положиле правосуден испит без да ги завршат до крај правните студии.
Антикорупциска комисијата која ја откри оваа појава, најави дека ќе спроведе еден вид на ветинг, односно проверка, и тоа со продолжување на истрагата за тоа кои судии и јавни обвинители станале делачи на правда со прекршување на законот односно со предвреме полагање на правосуден испит.
Институциите се караат, криминалците користат
Јавни пресметувања на првите луѓе од фронтот во битката против корупцијата, изминатава година не беа исклучоци, туку зачестена појава. Најголемата јавна пресметка со кривични пријави беше во триото Вилма Русковска, Арафат Муареми и Фехми Стафа. Јавноста за кавгата меѓу првите луѓе на Обвинителството за организиран криминал, Финансиска полиција и Државното правобранителство дозна преку случајот на осудениот бизнисмен Сеад Кочан и неговата фирма Трансмет, осудени за незаконски добиен тендер.
Видете и ова: Кочан ќе излезе од затвор додека државата да ја наплати штетата од ТрансметИ додека тие се караа други користеа, процедурата за конфискација на имотот на Трансмет заглави во „ институционален лавиринт“ преку стечајна постапка. Муареми, Русковска и Стафа, повеќе не се на функција. Стафа на јавноста и стана познат откако беа објавени хонорарите на тв презентерката Бесмира Ејупи која за две години добивала приходи од 8 институции, а подоцна се вработи во МНР каде добила и безбедносен сертификат.
Јавни критики за (не)сработеното си упатија и вицепремиерката Славица Грковска и првиот државен обвинител Љубомир Јовески. Неговото име остана да „виси“ во Собранието за избор на уставен судија. Собранискиот филтер за уставни судии го поминаа само двајца од четворица потребни и тоа Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева која на таа позиција дојде од советничко место во министерството за правда.
Во меѓувреме скандали ги следеа и изборите на шефови на Обвинителствата во земјава. Американската амбасадорка Ангела Агелер беше збунета од изборот на Ислам Абази чии слики во друштво на функционери на ДУИ веднаш по изборот излегоа на социјални мрежи.
Вишото обвинителство доби свој претседател откако имаше неколку неуспешни обиди да се собрат обвинителите во Советот за обвинители кои требаше да гласат за единствен кандидат Мустафа Хајрулаху. Тој беше „осамен“ на листата за кандидатите откако неговите колеги Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми без објаснување ги повлекоа своите кандидатури.
Силвана ја дочека новата година разочарана од правдата во земјава, но сепак се надева дека можеби во оваа 2023 година ќе падне и пресуда за случајот за сообраќајната несреќа кај Ласкарци.