Достапни линкови

Пендаровски: Нема правда со спогодби на правосудството со криминалците


Обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието
Обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието

Потребна е кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, порача претседателот Пендаровски во својот говор пред пратениците, а притоа побара конкретни резултати во борбата против корупцијата и упати критика до правосудството за скандалозните одлуки.

Европските интеграции, уставните измени и корупцијата беа централните теми на кои претседателот Стево Пендаровски обрна најголемо внимание во неговото традиционалното годишно обраќање пред пратениците во Парламентот. Тој во своето четврто обраќање пред пратениците откако стапи на функцијата, најпрвин се осврна на таканаречениот француски предлог со кој беше кренато бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ и кој, како што рече Пендаровски, предизвикал протести и длабоки поделби во земјата.

Во атмосфера на жестоки политички тензии и дилемата „да се биде или не“ за нацијата и за државата, според Пендаровски, се покажало дека одлуката да се прифати францускиот предлог не е ниту историски триумф, ниту историски дебакл. Бројните контроверзи околу предлогот, како што посочи претседателот, биле поврзани со стравот од идентитетска закана за македонскиот народ и јазик.

„Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Унијата, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин. Тоа се два различни идентитетски кодови, два различни народа со своја специфична етногенеза. Во историјата нема таков пример, со договор да му биде сменето националното чувство на цел еден народ“, рече Пендаровски.

Практичните чекори кои потоа следеле, според претседателот, само потврдиле дека формулацијата за македонскиот јазик во рамката била недвосмислена, што е потврдено и со потпишување на договорот со Фронтекс.

Наместо стравот за опстојување на македонскиот јазик да биде упатен на адресата на источниот сосед, шефот на државата упати да се бара дома, а како пример го посочи намалениот број на лекторати и македонисти, како и тоа дека останале само мал број на паралелки кои го изучуваат јазикот во дијаспората и наставниот кадар кој не е обновен на факултетите и институтите.

Уставни измени

На патот на Северна Македонија кон полноправно членство во ЕУ останува условот Бугарите да бидат вметнати во Преамбулата на македонскиот Устав за што е потребена поддршката од 80 пратеници.

Пендаровски токму од местото каде што треба и да се гласа за нивното усвојување порача дека е потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот.

„Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, но, при тоа, на сите пратеници треба да им се пред очи две работи: прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт?“, порача шефот на државата.

Во однос на гаранциите кои ги бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ внесувањето на Бугарите да биде последното условување на патот кон ЕУ, Пендаровски рече дека тоа не е возможно. Затоа фокусот треба да биде на исполнување на критериумите кои ќе обезбедат подобар живот на граѓаните.

Борбата против корупцијата

Ако во неговото ланското обраќање Пендаровски побара владеењето на правото да бие приоритет, годинава во своето обраќање беше поостар и рече дека една од клучните причини за долгата, децениска историја на започнати, а незавршени реформи е корупцијата и со неа поврзаниот феномен на политички клиентелизам што ја еродира довербата на граѓаните во институциите.

„Во оваа борба влогот е огромен: државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип, или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца“, посочи претседателот.

Тој притоа побара конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото. Но, напорите, според него, ќе паднат во вода „ако надлежните правосудни органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено и своите сѐ уште неродени деца и внуци“.

Пендаровски алудираше на спогодбата на обвинителството со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и со бизнисменот Орце Камчев кои ја признаа вината и добија „минимални“ затворски казни и одземен имот.

Правда нема да има ако актуелни политичари не одат во затвор за корупција и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви, додаде Пендаровски повторно алудирајќи на одлуката на Апелациониот суд да ги поништи пресудите за случаите „Трезор“ и „Таргет и Тврдина“. Во двата случаи на затворска казна беше осуден Мијалков, а се поврзани со скандалот со прислушување кој го обелодени СДСМ додека беше во опозиција.

За резултатите од пописот оваа година, кој покажа дека бројката на жители се намалила за 185 илјади, шефот на државата порача дека со тоа се потврдило дека најголемата опасност по националната безбедност, останува да биде - демографијата.

Дезинформациите повторно, како и лани, заземаа место во неговиот говор и Пендаровски посочи дека е потребна и системска и лична отпорност кон нив, а тоа не е можно беа блиска соработка меѓу државните институции, образованието, граѓанските организации и медиумите.

Соработката со НАТО за хибридните и безбедносните закани

Претседателот изјави дека во најмалку три наврати НАТО пресретнал терористички напади кои се подготвувале против Македонија.

„Нема да навлегувам во детали, но според податоците добиени од НАТО, во изминативе години најмалку три пати биле пресретнати терористички напади, а се уште биле во подготвителна фаза што се случувала надвор од нашата територија,“ рече Пендаровски.

Пендаровски истакна дека НАТО активно и помага на Северна Македонија во однос на хибридните и терористичките закани, пред се поврзани со повратниците од војните на Блискиот Исток.

Пендаровски го потсети Собранието дека „во 2016 година, недалеку од Северна Македонија, во Црна Гора, имаше обид за државен удар преку традиционална, а не хибридна закана“.

„Сепак, требаше да се случи големата трагедија во Украина за да се увериме дека со Преспанскиот договор навреме се ситуиравме под колективниот штит на НАТО, без национално да се обезличиме, како што некои стравуваа“, истакна Пендаровски.

Во однос на војната во Украина и зошто државата зошто ѝ помага да ја ослободи својата територија, Пендаровски како одговор посочи два аспекти. Според него, малите држави мораат да поддржуваат меѓународен поредок заснован на правила и принципи и дека аргументите на Русија за воената агресија не се разликуваат од големодржавничките резони на балканските држави од почетокот на 20 век и нивниот понижувачки третман кон помалите народи како нашата земја.

Обраќањето до пратениците кое трае ше 25 минути, а на кое присуствуваше премиерот Димитар Ковачевски, министри, функционери, Пендаровски го започна со последиците од војната во Украина, а го заокружи со тоа дека нивна најголема обврска и одговорност е да не ги остават македонските граѓани без надеж за подобра иднина.

Опозицијата со критика, власта со пофалби

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по говорот реагираше дека Пендаровски е срам за функцијата и е партиски полтрон.

„Стево Пендаровски изминатиов период се однесува како аналитичар без да презема конкретни чекори. Често ќе го видите во јавност како ќе се залета па кога ќе добие по чело ќе ретерира 2-3 чекори назад, затоа што не му е важно дали ќе биде допадлив за народот, туку дали ќе биде допадлив за владата на ДУИ и СДСМ од која очекува поддршка за следен мандат“, изјави Мицкоски при посетата на општина Аеродром.

За разлика од Мицкоски кој не ги спомена уставните измени, на нив се осврнаа и СДСМ и ДУИ.

Пратеничката на СДСМ Даниела Колева упати пофалби до Пендаровски, бидејќи, како што рече, претседателот цврсто стои зад политиките кои го јакнат стратешкото партнерство со САД и водат до полноправно членство во ЕУ.

„Одговорност на сите пратеници е да се направи и последниот исчекор – уставните измени. Не смееме да дозволиме самите да се блокираме, туку целосно да го заокружиме процесот до полноправно членство во Унијата“, изјави денеска пратеничката од редовите на СДСМ Даниела Колева.

Од ДУИ пак конкретно не упатија ниту критики, ниту пофалби за говорот, туку пратеникот од редовите на партијата, Арбер Адеми даде коментар за темите кои ги опфати Пендаровски. Според Адеми, францускиот предлог бил еден од најкрупните прашања со кои се соочило општеството.

„Како политичари, политички партии и општество ни преостанува една од клучните теми, а тоа се уставните измени. Секако без притисок, но треба да носиме државнички одлуки. Ќе се направи јасна дистинкција меѓу македонски народ и бугарски народ и тука треба да се спомене дека преку прифаќање на „Францускиот предлог“ се призна и официјалниот македонски јазик како еден до официјалните јазици на ЕУ“, рече Адеми.

Околу недовербата на граѓаните во домашните институции, Адеми рече дека ДУИ има конкретно решение, а тоа е Предлог-закон за ветинг кој ќе ги опфаќа сите политичари, но и судиите, обвинителите и полицијата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG