Развлекување на судските процеси за недостижна правда

Високопрофилните случаи често поради технички прашања заглавуваат во судниците. Вина за тоа носат судиите кои што дозволуваат лежерност во постапките кои ги водат, односно што дозволуваат странките да ги користат можностите за заобиколување на постапката, вели поранешниот врховен судија Дане Илиев.

Боледување на обвинет, одбрана или обвинител, како и не навремено известување за спроведување на обвинети од притвор, потоа адвокати кои си земале одмор во тек на веќе закажани рочишта, недоставена листа на докази до одбраната, неизвршен навремен увид во докази од одбраната, непотполн судечки совет, отсуство на судија поротник или пак истек на мандат на поротник или во исто време закажани рочишта за два предмети кај ист судија или дел од судечкиот совет по што едното се одложува.

Ова се само дел од причините поради кои честопати рочиштата на високо профилните случаи во Основниот суд Скопје 1 се одложуваат.

Судската статистика на невладината Коалиција за правично судење покажува дека само во декември повеќе од две третини од закажаните рочишта за предметите од СЈО беа одложени.

Според нивните податоци во првата половина од минатата година од закажани 10 илјади рочишта, една третина биле одложени во Основниот суд Скопје 1.

Последен пример на одложување беше предметот Рекет каде што судијката им даде рок до понеделник (27 јануари ) на адвокатите на обвинетата поранешна специјална обвинителка Катица Јанева да оздрават или да и се назначи бранител по службена должност. Судијката Васка Николовска Масевски ваквата одлука ја правда бидејќи немала убедлива здравствена документација која ќе потврди дека и Ирена Фрчковска и Дељо Кадиев се во толку лоша состојба што не можат да дојдат на судење. Од друга страна вели дека еден од обвинетите е во притвор па поради тоа судењето мора да се забрза.

Видете и ова: Судските грешки ја чинат државата над 2 милиона евра


Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев смета дека токму приближувањето до судската завршница за одредени предмети од СЈО како и очекувањето од предвремени избори влијае на одолговлекувањето на судските предмети од сите странки во постапката. Дополнително одбраната честопати се надева на застарување на предметите имајќи ги предвид долготрајните судски постапки па додава масло во оганот со одложување на рочиштата. Тој објаснува дека општиот впечаток е дека нон стоп се одлагаа одредени рочишта, дека се забележуваат разни процедурални и непроцедурални причини за одложување кои дополнително ги закочуваат процесите.

Илиев додава дека судската статистика покажува дека недостигот на ажурност на судиите е еден од клучните проблеми во долготрајноста на процесите.

„Мене повеќе ми личи на едно неработење, ненгажирање, без одговорност, гледате како се одлагаат претреси, колку години е процесот за нападите во општина Центар или за уривањето на Комос, што е поедноставен предмет. Сето тоа укажува на недостаток на личен ангажман, треба секој судија да покаже личен ангажман,нема расправа во судовите за нивната ажурност во предметите и ова укажува на една лежерност на судиите во предметите“, вели Илиев.

Нема вина во Кривичниот суд за повторувањето на постапките на дел од предметите на СЈО, реагираше пред неколку месеци претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, на коментарите во јавноста и политичарите, кога првите предмети почнаа да се враќаат во постапките отпочеток. Тогаш според него причина за одложувањето на судските процеси беше проблемот со недостиг на решение за статусот на СЈО.

„Одговорност кај Судот нема, чија ќе биде одговорноста нека цени јавноста“, изјави тогаш Џолев.

Според податоците од „Судското Досие “ на Коалицијата за правично судење, рекордер во одложени судски рочишта е предметот на СЈО Тотал за кој првото рочиште беше во декември 2017 година. Судската постапка се уште е во тек а во меѓувреме од 11 закажани рочишта само едно се одржало. Дополнително за овој предмет се заканува и застарување на делото.

Видете и ова: „Трула“ реформска битка за правда


Во овој предмет во кој е обвинет новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување на данок, во октомври по втор пат почна од почеток поради истата причина поради која се врати на почеток и судењето за „Шлаканиците во Општина Центар“, односно бидејќи поминале 90 дена од последното одржано рочиште.

Предметот насилство во општина Центар пак е еден од првите обвиненија кои СЈО ги достави во судот во декември 2016 година, но и овој предмет по три години не е ни близу до судска разрешница. Во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица. За овој предмет од 43 закажани рочишта за три години 15 биле одложени, што значи дека се одржувало рочиште еднаш на два месеци.

Досега на почеток се вратија пет случаи на Специјалното јавно обвинителство. Прв кој почна од почеток беше случајот „Тортура“, во кој е обвинет поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за нечовечкото апсење на поранешниот министер Љубе Бошкоски, бидејќи еден од судиите поротници поднесе оставка.

Предметот „ТНТ“ се врати од почеток поради неотповикливата оставка на еден член на судечкиот совет. Судскиот процес за предметот „ТНТ” е за уривањето на комплексот „Космос” на инвеститорот Фијат Цановски. Ова следуваше откако адвокатот на обвинетиот поранешен градоначалник Тони Трајковски, Јовица Страшевски неколку пати јавно ја повика поротничката да си се повлече затоа што и истекол мандатот.

Видете и ова: Тонат случаите на СЈО, некои со умисла, некои од неспособност


Судот на ова реагираше дека со тоа се потврдуваат јавните закани и притисоците кон поротничката.

Од почеток се врати и судскиот процес за предметот Монструм, поради истек на мандат на друг судија поротник, со назначување нови, како и дополнителни, резервни поротници, главната расправа формално почна одново.

„Заради ефикасност на постапката, начелото за судење во разумен рок и пред сѐ уставно загарантираните права и обврски на обвинетите и оштетените во постапката, одбраната се согласи наместо повторно изведување на доказите, судењето да почне формално од почеток само со пренесување на сите досегашни изјави и изведени докази во новиот записник, со што расправата продолжи онаму каде што и претходно застана, а тоа е со изведување на нови докази и сослушување нови сведоци,“ се вели во соопштението од судот.

Во овој предмет обвинети се Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута за петкратното убиство кај Смилковско езеро. Судскиот процес кој започна на 20 декември 2012 година и во рамки на кои се одржаа 46 рочишта и заврши со пресуда за доживотен затвор, се врати отпочеток откако обвинителство во жалбената постапка го предаде предметот во СЈО поради наводно постоење на докази во незаконски прислушуваните разговори.

Кога станува збор предметите на СЈО, ризик за повторување на постапката постои и за предметите „Талир“, „Топлик' и „Тендери“. Во меѓувреме и предметот „Еразмус“ започна отпочеток. Во овој случај, обвинет е професорот Бобек Шуклев за барање поткуп или сексуални односи за оценка за студентка на Економскиот факултет.