Учениците кои завршија основно образование годинава ќе се запишуваат во средно училиште по електронски пат. Ова е втора година по ред, како уписите во средните училишта се одвиваат електронски, со цел одбегнување на влијание од човечки фактор. Но, годинава проблемот е во тоа што, конкурсот е отворен од саботата на 10 јуни, а полуматурнатите се уште не ги добиле свидетелствата за завршена учебна 2022/20223 година. Конкурсот за уписи во средно училиште е отворен додека основците сè уште се во школо, затоа што училишната година за нив ќе заврши на 14 јуни.
За причината за порано отворање на конкурсот, додека трае училишната година, од Министерството за образование велат дека е со цел да им се даде време на учениците да се подготват за упис.
„Тоа значи дека ќе можат да ги пополнат бараните податоци, да ги прикачат документите кои се потребни (награди, признанија и слично), а дополнително кога ќе добијат свидетелство, да го прикачат и тоа. Корекции на апликацијата ќе можат да се прават до 21 јуни, по што апликацијата ќе биде затворена“, велат во пишаниот одговор од Министерството.
Оттаму додаваат дека сведителствата се набавени и доставени до училиштата, кои започнуваат со доделување оваа недела.
Од Бирото за развој на образованието велат дека е дистрибуриана педагошката документација до 12-подрачни единици.
„Во голем дел од училиштата во градовите на Република Северна Македонија ги имаат добиено Педагошката документација и евиденција за сите одделенија од I до IX. Додека училиштата во главниот град на Република Северна Македонија – Скопје целата Педагошка документација ќе ја добијат на 13.6.2023 година пред завршување на учебната година“, се вели во одговорот од Бирото за развој на образованието.
Но, дел од директорите на неколку основни училишта со кои разговаравме велат дека од Бирото за развој на образованието сè уште не добиле ни информација кога ќе им бидат доставени свидетелствата за да можат да ги пополнат во предвидениот рок.
Видете и ова: Хаосот со учебниците веројатно ќе продолжи и следната учебна годинаСветлана од Скопје, која е мајка на полуматурант што го завршува основното образовение во ОУ „Блаже Конески“ вели дека стравува оти може да го пропушти првиот рок за уписи ако набрзо не им се доделат свидетелствата на полуматурантите. Нејзиниот син сака да се запише во средно училиште во нова посебна паралелка каде што годинава ќе примат само 25 ученици, што само ја зголемува тензијата дека ако ја нема целокупната документација до крајот на рокот постои ризик да не му се исполни желбата.
„Тоа е најголемиот страв, дека една техничка пречка ќе го оневозможи уписот на синот во средното училиште во кое сака. Сè уште од министерството не им ги доставиле свидетелствата во училиштата, па додека да ги напишат, додека да ги поделат, класната ни рече дека очекува некаде околу 16 месецов да ги доделуваат свидетелствата. Во меѓувреме да се комплетира сета документација, извод од родени, пријава од училиштето да се симне и пополни, страв ми е дека времето ќе биде кусо за упис во училиштето“ вели Светлана.
Видете и ова: Свидетелствата „заглавени“ во тендеротДел од директорите со кои разговаравме се надеваат дека ќе си ги исполнат плановите - свидетелствата да ги доделат на 19 јуни. Но, како што велат овој рок е можен само ако Бирото набрзо им ги достави свителствата. Дел од нив за РСЕ велат дека до сега немаат никакво известување кога тоа ќе се случи.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, тендерската постапка за печатење на таканаречената педагошка документација е завршена и објавена на 22 мај годинава. Бирото за развој на образование годинава за свидетелствата за основно и средно образование ќе потроши 140 илјади евра, а ќе ги печати битолската фирма „Киро Дандаро“.
Според тендерот, доколку фирмата задоцни со испораката на печатените материјали од педагошката документација, Бирото за развој на образование има право да наплати пенали во висина од 0,1 процент до 0,5 проценти од вредноста на неиспорачаните материјали за секоја недела задоцнување.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Минатата година најголем дел од учениците од основно и средно образование ги добија свидетелствата на 31 август. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поради доцнењето на „омилената печатница на ДУИ“ Арбериа Десинг, учениците се запишуваа во средно училиште со фотографија од е-дневникот.
Проблемот беше во доцнењето на јавната набавка. Договорот со Арбериа Десинг, беше склучен на 1- август 2022 година. Оваа компанија ги добила тендерите за печатење на свидетелства во изминативе 4 години и за таа цел од Бирото за развој на образование наплатила половина милион евра.
На Светлана дополнителен страв и предизвикува досегашното искуство со електронските образовни системи, кои честопати не беа функционални во клучни моменти.
„Страв ми е системот ако падне, претходно ќерка ми која е средношколка цела недела се обидуваше да се прикачи на сајтот и да аплицира за стипендијата без успех, затоа што падна системот. Сега замислете околу 20 илјади деца кои ќе ги добијат свидетелствата во последните денови од конкурсот да се обидат во исто време да се прикачат на системот за упис во средно училиште. Судејќи од досегашното искуство тешко дека ќе завршиме работа“, додава таа.
Видете и ова: Потрошени над 640 илјади евра за привремени, додека се чекаат новите учебнициВо соопштението на Министерството за образование е наведено дека електронското аплицирање трае не повеќе од 15 минути. Пријавувањето на учениците ќе се врши преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk кои беа активирани за време на пандемијата со Ковид -19.
Порталот за уписи е отворен од 10 јуни а крајниот рок за испраќање апликација е заклучно со 21 јуни до 15 часот, по што системот ќе биде затворен за онлајн аплицирање.
„Во наведениот период додека системот за аплицирање е достапен за учениците, тие ќе можат да вршат ажурирање, измени и дополнувања на своите пријави и да имаат увид во вкупниот број на поени од успехот, без поените од дипломите. Валидација на дипломите и внесување на поени од дипломите вршат комисиите од средните училишта“, се вели во соопштението на МОН.
Оттаму најавуваат дека прелиминарната ранг листа на запишани ученици ќе биде објавена следниот ден односно на 22 јуни.