Потфрла наплатата на даноци

Од данок на добивка во првата половина од годинава биле наплатени скоро 30 милиони евра помалку отколку истиот период лани, иако владата проектирала раст. Планиран е раст и во наплатата на нето ДДВ, но тоа е на исто ниво како лани. Владата вели дека е поголем повратот кон фирмите.

Потфрла полнењето на буџетот од даноци. Во првата половина од годинава, според податоците на Министерството за финансии, се наплатени незначително помалку даноци отколку во истиот период минатата година, иако со буџетот е предвиден раст од над 7 проценти. Опозицијата обвинува за катастрофа, власта смирува дека има пари.

Видете и ова: По Тупурковски и Груевски, и Заев најави милијарди евра за инвестиции

Најголемо потфрлање има кај данокот на добивка. Во првата половина од годинава се наплатени 6,5 милијарди денари или околу 106 милиони евра, додека во истиот период минатата година биле наплатени 8,2 милијарди денари или околу 134 милиони евра, односно 28 милиони евра помалку. Во буџетот пак, е проектиран раст на приходите од данокот на добивка за 5,5 проценти, но наместо тоа во првото полугодие има намалување за околу 20 отсто.

Нето ДДВ-то е на исто ниво како лани, иако за годинава има проектирано раст од 5,5 проценти.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во минатата недела обвини дека ситуацијата со буџетот е катастрофална и оти наплатата на даноци е значително помала од планираното.

„Економската и финансиска моќ на компаниите и на граѓаните е катастрофална. Живееме во два паралелни света со господинот Заев. Едниот е неговиот, оној многу малиот, исполнет со малкумина обожаватели коишто му велат дека блескаме и оној којшто го живеат граѓаните на Република Македонија, во беда, во сиромаштија и со празни паричници“, рече Мицкоски.

Во УЈП велат дека намалувањето на приходите кај данокот на добивка „се должи на единечен ефект од минатата година, поради неколку големи даночни обврзници кои оваа година се во претплата, па од тие причини и наплатата кај овој данок во оваа година е помала во споредба со минатата година“. Во одговорот што го добивме од УЈП се наведува дека во 2018 година приходите во споредба со претходната година беа повисоки за 30 отсто.

Премиерот Зоран Заев пак, пак беше попрецизен на седницата за пратенички прашања кон крајот на минатиот месец. Има вкалкулирани, но ненаплатени даноци на добивка од две фирми, рече тој.

„Данокот на добивка е намален, но е 47,8 отсто остварен онака како што е планиран, намален заради тоа што во Џонсон Мети се решава управно прашање коешто после тоа ќе го уплати својот данок, а имаме проблем што Те-То е влезен во стечај па има калкулиран, а ненаплатен данок на добивка“, рече премиерот Зоран Заев.

Приходите од нето ДДВ-то, пак, во првото полугодие се на исто ниво со истиот период минатата година, иако буџетот предвидува раст од 5,5 проценти годинава. Во УЈП посочуваат дека бруто приходите од ДДВ се зголемуваат, но поради поголемиот поврат на ДДВ кон стопанството, нето приходите се помали.

Заменик министерката за финансии Ширет Елези пред неколку дена се пофали дека во првата половина од годинава на фирмите им е вратен ДДВ од над 236 милиони евра и оти повратот е за над 14 отсто повисок од лани.

„Во споредба со претходната година, извршен е поврат на ДДВ кон фирмите за 30 милиони евра повеќе во однос на лани. Тоа е уште еден аргумент дека имаме зголемена наплата на даночните приходи, дека ликвидноста е во најдобар ред и со тоа навремено се сервисираат сите обврски“, рече Елези.

Во првата половина од годинава во буџетот биле собрани над 96 милијарди денари, односно скоро 46 отсто од планираното. Тоа е за скоро 6 милијарди денари повеќе од истиот период минатата година.