Граѓаните должни милијарда и пол евра за потрошувачки кредити

Пари, денари. Илустрација.

Граѓаните до септември за потрошувачки кредити се должни вкупно една милијарда и 571 милиони евра. Доколку се пресмета вкупната сума со бројката на жители излегува дека секој граѓанин по основ на потрошувачки кредити должи по 756 евра.

Потрошувачки кредит за враќање долгови. Вака накратко 38 годишната Ана Мичовска од Скопје објаснува зошто имала потреба да аплицира во банка за да добие потрошувачки кредит. Таа е една од илјадниците граѓани кои преку заем од банките се обидуваат да затворат некои буџетски дупки, а притоа тоа да им биде наплатено со камата. Таа земала кредит бидејќи се селела во нов стан и одеднаш требало да исплати неколку кирии. Воедно новиот потрошувачки кредит го искористила за да го подмири и долгот од претходниот кредит, кој и бил потребен за купување на мебел.

„Платата не стигнува за да се подмират сите месечните обврски, а не да се заштеди и остават пари настрана. Пред коронавирусот заработував и хонорарно, а сега потешко оди и нема толку работа. Со потрошувачки кредит барем ги исплатив кирите и сега секој месец издвојувам од платата за рати и нема да мислам дали имам доволно пари за да ги покријам сите останати трошоци“, вели Мичовска.

Видете и ова: Фирмите бараат одложување на кредитите, синдикатите помош директно за работниците

Банките нудат потрошувачки кредити до 1 и пол милиони денари или до 25 илјади евра со максимален рок на отплата од 120 месеци или 10 години. Во повеќето банки најчесто каматната стапка за првите неколку години е 5 проценти. Доколку лицето ги исполнува потребните услови кредитот најчесто се одобрува во рок од 24 часа.

Најчесто граѓаните, како што и гласат и рекламите на банките потрошувачкиот кредит го користат за купување нов мебел, компјутер, за одење на одмор. Податоците на Народна банка покажуваат дека граѓаните секоја година најмногу должат за потрошувачки кредити.

Долг за потрошувачки кредити од 1,5 милијарди евра

Годинава, според Народна банка, е забележан раст од 9,6 отсто на потрошувачките кредити. Сумата се зголемува постепено секој месец, што значи дека граѓаните повеќе земаат кредити, отколку што враќаат. Граѓаните до септември на банките и штедилниците за потрошувачки кредити им се должни вкупно една милијарда и 571 милиони евра.

Долгот од крајот на минатата година до септември годинава се зголемил за околу 68 милиони евра или во просек на месечно ниво по 8 и пол милиони евра. Доколку се пресмета вкупната сума со бројката на жители излегува дека секој граѓанин на државата по основ на потрошувачки кредити должи по околу 750 евра.

Кај нас се уште има голем простор за раст на потрошувачките кредити ако се споредиме со земјите од ЕУ, вели поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпески.

„Зголемувањето на потрошувачките кредити е резултат на ситуацијата со ковид пандемијата, која ги поремети економските текови и нормално луѓето сега посегнуваат по позајмици“, вели Трпески.

Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека има неколку причини за зголемувањето на потрошувачките кредити.

„Некои од граѓаните вложуваат сега затоа што сметаат дека во овој период цените паднале и се пониски и тие може да имаат придобивки од потрошни и трајни добра, при што во друг временски период пазарот би имал повисоки цени. Друга причина може да е тоа што приходите им се намалени, па одат со задолжување со кредити. Има разни компоненти што влијаат на оваа кредитна активност на потрошувачката“, истакнува Бесими.

Видете и ова: Ковидот повторно го прекројува буџетот

Најголем пад на годишно ниво, според податоците на Народна банка, е забележан кај автомобилските кредити од 10,7 проценти. Граѓаните за кредити за купување на автомобили во минатиот месец должеле вкупно 4 милиони и 650 илјади евра. За разлика од крајот на минатата година кога сумата била повисока за 500 илјади евра.

„Во оваа ситуација луѓето најмалку размислуваат на луксуз и да купуваат автомобили, па така може да се објасни намалувањето на интересот на кредити за автомобили“, додава Трпески.

Вкупен долг од 2,7 милијарди евра

За станбени кредити граѓаните должат околу 896 милиони евра, а на кредитните картички 188 милиони евра. Додека пак негативното салдо по тековни сметки изнесува 100 илјади евра. Речиси 64 милиони евра се должни граѓаните, според Народна банка, по основ на други кредити. Вкупниот долг на физичките лица по намена до септември изнесува над две милијарди и 700 милиони евра или секој граѓанин на државата должи по околу 1300 евра.

И министерот Бесими и Трпески се согласни дека најважно е да има зголемена побарувачка на големите кредити затоа што тоа придонесува за зголемен економски раст. На Мичовска, ова и е втор потрошувачки кредит, а не ја исклучува можноста доколку има потреба во иднина да земе и нов кредит.