Пред пописот во април, до државјанство што побрзо и со сведоци

илустрација

Измените на Законот за државјанство со кои со тројца сведоци многу граѓани во земјата би се стекнале со македонско државјанство, според предлагачите се важни за пописот. Поранешниот министер за внатрешни Трајанов вели дека некои одредби се несериозни и можат да предизвикаат меѓуетнички конфликт

Тоа што има многу граѓани граѓани кои во земјава престојуваат повеќе од 30 години, а се уште немаат македонско државјанство е еден голем проблем, кој со измените што ги предлагаме, сакаме да се реши, вели пратеникот од Алијансата за Албанците Илми Азири, еден од предлагачите на измените на Законот за државјанство, кој пак деновиве предизвикаа реакции во јавноста.

Имено во дел од предложените измени се вели дека „со денот на влегување во сила на овој закон лицата државјани на другите републики во поранешната СФРЈ и државјани на поранешна СФРЈ кои до 8 септември 1991 година живееле на територијата на Република Македонија можат да поднесат барање за да се стекнат со државјанство по сила на овој закон, со дадена изјава од тројца сведоци кои ќе сведочат дека поднесителот за добивање на државјанство живеел на територијата на Република Македонија до 8 септември 1991 година или со дадена изјава од сведок кој во тој период бил жител или се уште е жител во местото во кое живеело лицето“.

Токму таа одредба предизвика најмногу реакции во јавноста, но според Азири, нема ништо спорно во неа.

„Имаме голем број случаи на мајка со пет деца, децата имаат државјанство, а мајката нема. Поголем сведок и поголем доказ од децата за мајка им според мене нема. Или имаме две близначки, едната има државјанство, другата нема. Мислам дека сестрата е сериозен доказ за сестрата близначка. Ние имаме големи апсурди во земјава и тие треба да се отстранат“, вели Азири.

Реакција на овој предлог закон побаравме од Министерството за правда. Оттаму велат дека министерот за правда Бојан Маричиќ се уште не го видел предложениот текст од пратениците и затоа не може да го коментира. Додаваат дека штом ќе стигне законот на увид, тој ќе се изјасни за ова прашање. Инаку, вчерашната изјава на министерот Маричиќ дека нема информација оти Владата размислува за предлагање или поддршка на еден ваков закон беше одговор на прашањето дали Владата подготвува вакви законски измени.

Но, за поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов овој предлог е несериозен и во најмала рака истиот треба да биде донесен во редовна постапка. Тој вели постојат меѓународни конвенции и строги правила за тоа како се стекнува државјанство и ,според него, неодговорно е до државјанство да се дојде само со изјава на тројца сведоци.

„Мислам дека е крајно неодговорно да предлагате закон со кој тројца сведоци сведоат дека тој и тој до 8 септември 1991 година живеел во Македонија. На таков начин едно време стануваа партизани некои кои не учествувале во војната за да добијат одредени бенифиции. Уште поригидна е одредбата дека доволно е и еден сведок кој живеел тогаш таму на тоа место и ако тој посведочи, лицето да добие државјанство, а нема икакви документи. Крајно несериозно е ова“, вели Трајанов.

Како контроверзен во реакциите од јавноста, се оценува и предлогот граѓанинот кој ќе добие македонско државјанство „ да владее најмалку еден од службените јазици во Република Северна Македонија, до тој степен да може лесно да се разбере со околината.”

Видете и ова: Пописот меѓу пандемијата, политиката и статистиката

Пратеникот на Алијансата за Албанците вели дека овие измени биле дел од предизборните ветувања на Алијансата за Албанците и не крие дека брзањето за донесување на законот во скратена постапка е поради претстојниот попис кој треба да се одржи во април 2021 година.

„Ние тоа не го криеме. Овој закон е многу важен поради пописот што следува. За жал само во Македонија, пописот не е статистичка операција, туку политичка. Ние сме единствената држава во светот во која работите се уредуваат со проценти. Значи мора да се подигне довербата меѓу граѓаните и институциите на повисоко ниво“, категоричен е Азири.

Но она што Трајанов го загрижува е опасноста да се влошат меѓуетничките односи, доколку се отвори расправа за предложениот закон.

„Според мене главната идеја не е, тие лица да се стекнат со македонско државјанство, туку да се презентира во јавноста дека истите се обесправени, дека еве партиите ги штитат нивните права и еве ви меѓуетнички конфликт. Значи тие создаваат простор за конфликт во државата и тоа не е добро“, вели Трајанов.

Партиите излегоа со податоци дека има околу 70 000 случаи на лица кои немаат државјанство, а престојуваат во земјава.

Инаку на веб страницата на Собранието е објавено дека на 25 ноември годинава група пратеници од опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива, предложиле до претседателот на законодавниот дом Талат Џафери измени и дополнување на Законот за државјанство. На вчерашната седница Собранието го усвои дневниот ред, а со тоа и точката за отворање расправа по предлог Законот за измени и дополнувања на Законот за државјанство во скратена постапка.