Над 100 милиони евра поддршка за фирмите за исплата на минимална плата

Затворени кафулиња и ресторани во Градскиот трговски центар во Скопје поради пандемијата на коронавирус

Владата подготвува нов пакет за помош на стопанството со кој ќе им се помогне на фирмите погодени од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот да исплатат минимална плата. Работодавачите стравуваат дека отпуштањата се неминовност, особено ако кризата потрае.

Владата најавува над 100 милиони евра за поддршка за исплата на минимална плата на фирмите погодени од економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус. Проценките сè уште се прават, но со оваа мерка може да бидат опфатени и над 200 илјади работници.

Видете и ова: Со Господ напред против коронавирусот

Цели сектори како угостителството и туризмот, во кои работат над 30 илјади луѓе, ставија клуч на врата. Затворија и услужните дејности во кои има личен и непосреден контакт со клиентите, како фризери, козметичари и масери. Според Државниот завод за статистика, во други услужни дејности работат уште 15 илјади луѓе. Фирмите кои не затворија, пак, работат со намалени капацитети, а прометот е драстично паднат.

Во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека целта на сите економски мерки што ги носи владата во овој период е да се зачуваат работните места додека да помине кризата за после да може економијата побрзо да се рестартира.

„Целта на владата е да го заштити секое работно место, да ја заштити ликвидноста, да го заштити секој граѓанин, да тече социјалната заштита како што тече, за сите еднакво, солидарно да го сносиме товарот, затоа што сите ќе понесеме дел од оваа криза, сите ќе понесеме дел од штетата. Идејата е да излеземе од ова посилни и кога ќе дојде моментот да се опоравуваме, побрзо да се опоравиме и да бидат што помали штетите“, вели Ангеловска.

Парите за овие мерки ќе се обезбедат со задолжување. Ќе има кратење на сите буџетски расходи што не се неопходни, но ќе има и кратење на платите во администрацијата.

„Да го заштитиме секој граѓанин за буквално да преживее, затоа што се наоѓаме во една ситуација каде што сите ќе го сносиме товарот еднакво“, вели Ангеловска.

Видете и ова: Ракијата сепак нема да стане медицински алкохол

Сепак, неизвесно е колку ќе можат да се заштитат сите работни места, особено што не може да се процени колку ќе трае кризата. Оптимистичкото сценарио е дека ударот врз економијата ќе биде во второто тримесечје од годинава, а после ќе почне закрепнувањето, но песимистичките прогнози се дека кризата ќе трае до крајот на годинава.

Речиси сите стопански комори бараат владина помош за пребродување на кризата. Владата веќе објави некои мерки за помош на стопанството, како бескаматни кредити за малите фирми, субвенции за придонеси на фирмите погодени од кризата со коронавирусот, ослободување од даноци, или одложување на плаќањето на кредитите. Услов фирмите да добијат владина помош е да не отпуштаат вработени.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, вели дека отпуштањата се најопасната варијанта во оваа ситуација, но веројатно неминовна.

„За жал, без оглед на тоа колку и да се надеваме дека можеме да ја издржиме оваа состојба, дека на крај ќе резултира со отпуштање на работници“, вели тој.

Сојузот на синдикати на Македонија, пак, побара мораториум за отпуштања на работници во кризниот период.

Меѓународната организација на трудот објави дека поради економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, според „црното сценарио“ без работа може да останат 25 милиони работници во светот.