Партиите кога се во опозиција ветуваат помала влада и помалку пратеници, но есапот им се поматува кога ќе дојдат на власт.
„Помало Собрание, посилни пратеници“, ветуваше СДСМ во програмата „План за живот во Македонија“ од 2016 со која партијата дојде на власт. Но, сега, на идејата на опозицијата за помалку пратеници, од власта велат дека барањето е лицемерно.
Македонското собрание има 120 пратеници со можност да има до 140, а ВМРО-ДПМНЕ бара да се намалат на 90 пратеници. Собранието за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски едно време имаше и 123 пратеници, оти три места беа резервирани за пратеници од дијаспората.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски вели дека партиите на вакви идеа доаѓаат пред избори или кога државата се соочува со значајни економски, политички и здравствени проблеми.
„Партиите сакаат да се додворат уште повеќе, демек тука станува збор за помалку трошоци, па неефикасен парламент, па помалку средства, тоа нема врска. Сите овие аргументи досега беа неколкупати споменувани кога се споменуваше идејата за 90 пратеници“, вели Петковски за РСЕ.
Видете и ова: Собранието ја избра новата Влада, Ковачевски е премиерТој вели дека кога се носел Уставот, земјава презела многу одредби од повеќегодишните парламентарни демократии, се гледал и примерот на Словенија, која има приближно жители како и Македонија и има 90 пратеници, но по многу дебати се дошло со заклучок Парламентот да има 120 пратеници, со можност до 140.
„Тие аргументи кои сега се изнесуваат, тогаш имаа сосема друго значење. И самата ВМРО-ДПМНЕ тогаш инсистираше да бидат што повеќе луѓе заради моќта на претставништвото во Парламентот, а не тоа да биде ефикасен парламент“, вели Петковски.
Во програмата на СДСМ од 2016 е наведено дека партијата ќе се залага за уставни промени со кои ќе се намали бројот на пратеници во Собранието. Пишува и дека ќе предложат изборот на пратеници да се врши по принципот на отворени листи што ќе резултира во посилни пратеници кои нема да станат партиска гласачка машина, пишува во нивната тогашна програма.
На 231 страна од програмата пишува и дека бројот на министри во Владата од постојните 26 ќе го намалат на 20.
Вакви ветувања нема во предизборната програма на СДСМ од 2020 година.
СДСМ пред да дојде на власт ветуваше дека ќе го намали бројот на министри на 20, но потоа формираше владин кабинет со 26 члена. По изборите во 2020 владиниот кабинет остана покус за министрите без ресор и беше намален на 20 члена, но со новата владина реконструкција сега се 21 член.
Идејата за помалку пратеници сега ја воскреснуваат од ВМРО-ДПМНЕ, партија која е во опозиција, иако во нивната предизборна програма нема експлицитно вакво ветување. Во нивната програма „Обнова за Македонија“ од 2020 се наведува дека се обврзуваат да ја зголемат ефикасноста на државата и да изградат силни институции на секое ниво.
Во нивната програма, во делот за Собранието има ветувања за почесто да има пратенички прашања, пратениците подобро да комуницираат со граѓаните, предлог да се намалат патните трошоци за народните избраници, но нема ветувања за намалување на бројот на пратеници. Во програмата, пак, се предвидува редуцирање на министерствата без ресор и застапеност на жените од 40 проценти во владиниот состав.
Петковски вели дека кога некоја партија ќе дојде на власт се забораваат ветувањата и цврстите партиски ставови.
Идејата за помалку пратеници не е нова и ја отвора секоја партија кога е во опозиција, но кога ќе дојде на власт не ја исполнува, вели политичкиот аналитичар Џелал Незири.
„Идејата е добра, зашто Република Северна Македонија има најмногу пратеници во тој сооднос до бројот на жители. Поголемиот број на пратеници значи и повеќе трошоци од буџетот на државата, ако се намали нивниот број на 90 или помалку тогаш ќе се заштитат значителни пари кои потоа ќе може да се искористат за побитни проекти. Нема потреба од толку пратеници од кои јавноста знае само неколку, а другите само чекаат да заврши месецот и да земат плата, дневници и пари за патни трошоци“, вели Незири.
За да се намали бројот на пратеници од 120 на 90 треба да се отвори Уставот, а за да се изгласаат измени потребно е двотретинско мнозинство. Во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ од 2020 се наведува дека многу одредби во Уставот кои се конфузни бараат уставни промени, а отворена е и можноста за донесување нов Устав.
Видете и ова: Македонија и ЕУ - долг пат без извесен крај, но што во меѓувреме?Можноста за отворање на Уставот може да се искористи и за други работи, рече првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ, кој вели дека тоа би било можност за укинување на ограничувањето од 20 проценти за употреба на албанскиот јазик.
Петковски вели дека Комисијата за уставни прашања треба редовно да следи како се спроведува Уставот и прашањата кои ги надминало времето да ги актуелизира, да бидат посовремени, но дека тоа не се прави.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, коментирајќи ги барањата за помал парламентарен состав, рече дека секогаш е добро да се рационализираат трошоците што државата ги прави, оти е познато дека имаме гломазен државен апарат, чиј дел е и Собранието.
„На секој пратеник доаѓаат по неколкумина кои го опслужуваат пратеникот во својата работа, знаете дека пред неколку години имавме доградба на неколку куполи на Собранието, тоа го знам бидејќи во 2016 и самиот бев пратеник, бидејќи немаше доволно физички простор за секој пратеник да биде во посебна канцеларија, па некаде беа по двајца или тројца во иста канцеларија. Сè што оди на редуцирање на трошоците на граѓаните и на намалување на буџетот во тој дел јас го поддржувам“, кажа претседателот Пендаровски на прес-конференција по завршување на состанокот на Советот за безбедност кој се одржа на 1 февруари.
Тој сепак додава дека во овој момент не треба да се отвора Уставот, оти во изминатите години бил пречесто отворан. За интервенција во Уставот треба да има вистинска причина и апсолутен консензус кај партиите, вели претседателот на државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со 90 пратеници на долг рок се крати на трошоци и се добиваат повеќе средства за инвестиции. Според нивните пресметки, ако се смали бројот на пратеници, за четири години ќе се заштедат околу четири милиони евра со кои пари ќе се изградат а две училишта, четири градинки и една амбуланта.