Полска ќе преземе чекори, ако Бугарија е неконструктивна во спорот со Македонија

Македонскиот претседател Стево Пендаровски со неговиот полски колега Анджеј Дуда.

Доколку Бугарија и бугарските власти реагираат на неконструктивен начин на членството на Северна Македонија јас сум спремен да се вклучам и да работам на решение кое ќе овозможи Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, рече полскиот претседател Дуда при посетата на Скопје.

Македонија може да смета на поддршката на Полска во еворинтегративниот процес на земјата и се очекува од Бугарија поконструктивна позиција во решавањето на отворените прашања, порача полскиот претседател Анджеј Дуда по денешната средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски во Скопје. Дуда рече дека Бугарија се уште е во изборен процес и се чека да се формира нова Влада и да има јасен резултат од претседателски избори и ситуацијата во земјата најпрвин мора да се разјасни и изрази надеж дека тоа ќе се случи во наредните недели.

Видете и ова: Дали новата партија која победи на изборите во Бугарија ќе биде поинаква?

„Се надевам, кога тоа ќе се случи, новите бугарски власти ќе имаат поконструктивна позиција за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Од моја страна сакам да го уверам претседателот и македонските власти дека нашата земја, Полска дава константна безрезервна поддршка на пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ. Како претседател сакам да потенцирам доколку Бугарија и бугарските власти реагираат на неконструктивен начин на членството на Северна Македонија јас сум спремен да се вклучам и да работам на решение кое ќе овозможи Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ“, рече Дуда.


Претседателот Пендаровски за очекувањата од Бугарија за отворените прашања, рече дека, како што изјавил во јануари кога биле најавени парламентарните избори кај источниот сосед и сега ќе повтори дека тешко да се дискутира за прашањето на било кое ниво бидејќи се уште нема соодветен соговорник и се додека не се формира Влада и Парламент во земјата не треба да се бават со изјавите на лица кои немаат целосен политички легитимитет.

„Јас сум претпазлив реалист толку пати се изгоревме чекајќи од Софија да се дигне неразумна блокада што јас би почекал навистина да видам со кого утре задутре и после 21 ќе имаме прилика да разговараме“, рече Пендаровски.

Во однос на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека во Македонија има системска дебугаризација, Пендаровски рече дека преку МНР се реагирало редовно на вакви и слични изјави. Според него, станува збор за изјава која не е втемелена во реалноста.

Видете и ова: Лидери што не си држат до зборот создаваат поголема апатија кај граѓаните

„Во актуелниов момент и пред пописот и по пописот нема ниту еден пријавен случај на наш граѓанин кој се изјаснил за етнички бугарин, а кој живее во Северна Македонија и побарал заштита од нашите надлежни органи, бидејќи тоа наводно не му било овозможено“, додаде Пендаровски.

Дуда притоа порача дека освен за евроинтегративниот процес, ќе се зголемува соработката меѓу двете земји во рамки на меѓународните организации како ОБСЕ, особено поради фактот што Полска го презема претседавањето со организацијата во јануари наредната година, а Македонија ќе биде претседавач во 2023 година. Според Дуда, солидарноста со Северна Македонија, Полска ја покажала во минатото, а и сега со донацијата од околу 200 илјади вакцини Фајзер во борбата против пандемијата на коронавирусот.

Дуда се осврна и на ситуацијата со мигрантската криза на границата со Белорусија и му се заблагодари на Пендаровски за поддршката. Според него се работи за напад не само на границата на Полска, туку и на границата на ЕУ и НАТО и изрази надеж дека тој ќе биде запрен од страна на белорускиот режим.