Пикот на короната се чека со полициски час

Полициски час во Скопје

Од попладнево почнува најдолгиот полициски час кој ќе трае до понеделник наутро. Властите тоа го објаснуваат со менталитетот на народот и со проценката на епидемиолозите дека сега ќе следува пикот на заразата од коронавирусот. Но дел професори посочуваат на ригорозноста и неефикасноста на мерките.

Од пeток попладне до понеделник наутро македонските граѓани на територија на цела држава ќе живеат исклучиво во своите домови. Почнува најдолгиот полициски час, кој ќе трае 61 час, од денеска од 16 часот до понеделник до пет часот. Ваквите мерки ги донесе владата во обид за спречување на коронавирусот.

Полицискиот час од ваков тип, како што се спроведува во Македонија, е балкански рецепт за справување со пандемијата. Сличен пристап, со целосна забрана на движењето во конкретни часови, имаат властите во Србија, во Црна Гора и Албанија. За разлика од овие земји во Бугарија или, пак, во Хрватска има казни за непочитување на мерките за ограничување на движењето, но не и целосна забрана.

Видете и ова: Заев и Мицкоски во домашна изолација поради коронавирус

Таков пристап имаат и другите европски земји, кои ригорозно регулираат колку луѓе можат да излезат заедно, на колкава физичка дистанца, каде можат да одат, под какви услови и така натаму, но не го забрануваат целосно движењето.

Полициски час поради менталитетот на народот

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прашањето на РСЕ зошто владата одлучи да се воведе полициски час, а не како во другите европски земји, вели дека и тој е за ваков ригорозен пристап, a дека мерките ги носат по препораките на Комисијата за заразни болести која проценува дека пикот на заразата следи и ќе се случи кон крајот на месецов.

„Јас лично се залагам за поригорозни мерки, вклучително и овие, пред се поради менталитетот на луѓето кои живеат во нашата држава кои се многу друштвени, имаме многу интензивни социјални контакти, а и луѓето тешко се откажуваат од нормалниот начин на живеење, така што и мерките на Владата се во таа насока “, вели Чулев во интервјуто на РСЕ што во целост ќе го емитуваме в недела.

Владата одлуката за проширениот полициски час ја донесе оваа недела, на шести април, а почна да се применува од четвртокот. Со неа се забрани целосно движењето на граѓаните од 16 часот попладне до пет часот наутро, а од попладнево забраната ќе трае до понеделник. Првпат за коронавирусот, но и во историјата на Македонија, полициски час Владата воведе на 21 март во времетраење од 21 часот до 6 часот наутро, па потоа го прошири од 16 часот до 6 часот за време на викенди. Сега министерот за здравство Венко Филипче најави дека со полицискиот час ќе поминат и Велигденските празници.

Поинаков пристап во европските земји

Ваквиот пристап на власта, според Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки не е ефективен. Таа прави споредба со пристапот во други земји во кои постојат строги мерки за излегување но луѓето сами си организираат кога и како ќе излезат, па така вели таа се создава помалку гужва надвор во ист временски период, нешто што се случува кај нас поради полицискиот час, а истовремено и луѓето се чувствуваат послободни за сами да си го планираат излегувањето надвор.

Видете и ова: Битка за спас на светската економија

„Навистина не знам што е мотивот да се воведат вакви, не била рекла драконски, туку нефункционални мерки. На пример во Франција, карантинот е многу пофлексибилен, може да излезете во кој било период од денот, времето е ограничено за сите потреби кои се наведуваат во формулар, но со таквите нивни правила, на крај, вкупно, на секој поединец му се собира многу помалку време отколку кај нас“, вели Колозова.

Според неа, не треба лесно никој да се рафрлува и со терминот менталитет кој се почесто се споменува во јавноста како причина за воведување на полицискиот час. Колозова вели дека за тоа што преставува менталитет постојат научни истражувања и различни толкувања, па така според под балкански менталитет може да се смета и „народ кој е спремен да се потчини и да проголта какво било ограничување се додека има што да касне за да преживее“.