Политичари се лепат на Оскар, како пчели на мед

Сцена од филмот Медена земја

По номинациите за Оскар во две категории на македонскиот филм Медена земја, сега сите сакаат да вкусат од медот на популарноста. Филмот претходно освои десетици награди на филмските фестивали ширум светот, но сега сите побрзаа да се сликаат со Атиџе.

Владата одлучи да го плати патувањето на петчлената екипа што го направи филмот Медена земја, вклучително и главната протагонистка Атиџе Муратова, на доделувањето на Оскарите во Лос Анџелес. Општина Лозово најави дека ќе ја вработи Атиџе, а на нејзината куќа во селото Дорфулија постави сончеви колектори со што за прв пат добива струја.

Тоа што филмот во изминатата година го обиколи светот и освои над 30 награди на Филмските фестивали од Мумбаи до Сао Паоло очигледно не беше доволно. Оскар си е Оскар. Сега сите сакаат да се залепат на медот на популарноста.

На социјалните мрежи се пофалија и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски и градоначалникот на Општина Лозово, Ацо Велковски. Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, пак, објави дека пешачел повеќе од 30 километри или 7 часа до селото во кое живее Атиџе Муратова.

Граѓаните на социјалните мрежи прашуваат дали прво треба да се сними филм за да му се помогне некому.

Други, пак, сметаат дека филмот е одлична промоција на Македонија и оти популарноста треба да се искористи.

Новинарката Ивана Настеска, која следи култура, пак, пишува за огромниот успех на филмот, бројните освоени награди и оти сега е време за забавните детали од Оскарите, како тоа кој ќе ја облече режисерката Котевска Тамара на црвениот тепих, дали Атиџе ќе се појави во традиционална облека и дали ќе седат блиску до Пенелопе Круз и Петро Алмодовар со оглед на тоа што се номинирани во иста категорија.