Политиканство и непознавање на српско-косовскиот проблем

Општина Тетово

Од Алтернатива не објаснуваат што ќе значи формирање на заедница на албански општини во пракса по примерот на Косово, но уверуваат дека не значи федерализација или укинување на Рамковниот договор. Силни критики дека се должи на непознавање на проблемот меѓу Косово и Србија, па дури и опасна идеја која го поткопува меѓуетничкиот соживот.

Првиот предлог на партијата Алтернатива, веднаш откако отиде во опозиција, е формирање на Заедница на албански општини по моделот на Заедница на српски општини (ЗСО) во Косово, но не знаат како тоа би функционирало во Северна Македонија. По бурата реакции и предупредувања дека е опасна идеја, сега уверуваат дека никој не зборува за федерализација, менување на Устав или поништување на Рамковниот договор.

Зекирија Ибраими од Алтернатива за РСЕ вели дека предлогот е само идеја која подразбира подобра соработка меѓу заедниците со албанско мнозинство и би осигурала спроведување на децентрализацијата на терен.

„Ова е само идеја што потекнува од тоа што се случува во Косово, но како би се извело тоа, со какви ингеренции, тоа не е работа што сега ја знам и би можел да ви ја објаснам. Идејата е само затоа што имаме низа општини низ Македонија кои практично се блокирани и не функционира децентрализацијата, а општините тапкаат во место. Мислам дека една таква заедница би подразбирала заеднички буџет и заеднички проекти. Никој не спомена менување на Устав или живеење во енклави или федерализација“, ни изјави Ибраими.

Сите политички партии веќе го отфрлија како несериозен и антиевропски предлогот на Алтернатива, партијата која неодамна ја напушти владината коалиција, а на нејзино место влезе Алијанса на Албанците.

Илми Азири од АА вели дека предлогот на Алтернатива е само обид да добијат политички поени во јавноста и дека истиот би значел чекор назад за правата на Албанците.

„Ова не прв гаф на Алтернатива. Српскиот модел не може да биде модел за решавање на некои проблеми во Македонија. Србите на Косово се некои 3 или 4 проценти исто како Албанците во Србија. И нека се употребува таму како реципроцитет. Албанците во Македонија се повеќе од една третина и не живеат во енклави. Ние живееме од Куманово до Струга и сме конститутивен народ, што треба сега, да се вратиме назад?“, прашува Азири.

Видете и ова: Полесно се продава етничка магла, отколку што се прават реформи

Повеќето партии порачаа дека националистичката реторика е сериозна закана за меѓуетничкиот соживот во Македонија и директно загрозување на евроатланската агенда.

Како несериозна, неевропска и антиамериканска идеја и премиерот Димитар Ковачевски категорично го отфрли предлогот на Алтернатива.

„Несериозна идеја. Прво односите во државата се решени со Охридскиот рамковен договор и каде што гаранција се САД и ЕУ. Врз основа на тој договор, Северна Македонија денеска претставува пример за соживот и правата на сите етнички заедници во државата. Во Косово постои друг договор кој исто така е потпишан меѓу две страни ги решава проблемите кои што постоеле во минатото. Оттука сметам дека овој предлог е неприфатлив, несериозен и трето со оглед дека заедно сме си ги уредиле правата и сме станале земја членка на НАТО и преговараме со ЕУ, таквиот предлог е неевропски и антиамерикански“, рече Ковачевски денеска од Гостивар.

Предлогот на Алтернатива кој доаѓа во моментот кога се бара мировно решение меѓу Косово и Србија , го осуди и ДУИ, а наиде на критика и кај опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потсети дека Рамковниот договор е дел од Уставот и предупреди да не се разгоруваат меѓуетничките тензии.

Алтернатива јавно доби поддршка единствено од Изет Меџити, потпретседател на ДУИ и пратеник кој е дел од таканаречената „Огнена група“ .

Што е Заедница на општини со српско мнозинство?

Идејата на Алтернатива, барем според изјавите од партијата, поттекнуваат од барањето за формирање на Заедница на српски општини во Косово, една од жешките теми на денешната средба помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Албин Курти во Брисел. Како ќе изгледа конечната верзија на француско-германскиот план за нормализација на дијалогот меѓу двете земји се уште не се знае, а со тоа и дали Косово ќе ја помине „црвената линија“, односно ќе прифати формирање на ЗСО.

Заедницата на општини со српско мнозинство беше договорена во 2013 година, додека во 2015 година беа договорени принципите по кои треба да се формира. Договорот се состои од 22 точки, во кои се прецизирани законската рамка, целите, организациската структура, односот со централните власти, буџетот и поддршката.

Видете и ова: Очекувања од средбата Вучиќ - Курти во Брисел

Врз основа на првиот Бриселски договор, ЗСО треба да се формира врз основа на Статутот, а нејзиното распуштање може да дојде само врз основа на одлуката на општините учеснички. Исто така, предвидено е општините-учеснички да имаат право да соработуваат во колективното спроведување на овластувањата преку Заедницата и и да имаат целосен надзор над областите на економскиот развој, образованието, здравството, урбаното планирање и руралниот развој.

Тој Сојуз треба да има Собрание, претседател кој ја претставува Унијата пред централните власти и надвор од Косово, потпретседател, Совет, одбор, администрација, Апелациска канцеларија, додека седиштето треба да се определи со Статутот.

Клучниот проблем поврзан со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство е прашањето за нејзините надлежности. Во декември 2015 година, Уставниот суд на Косово утврди дека принципите на Заедницата не се целосно усогласени со духот на Уставот, кој се однесува на членот 3, за „еднаквост пред законот“, и поглавјата „права и основни слободи“ и „правата на заедниците и нивните членови“.

На овие ставки се повикуваат и високи косовски претставници. Но, во заклучокот, Уставниот суд на Косово, не кажа дека Унијата не треба да се формира, туку дека нејзините надлежности може да се усогласат со статутот.

Експертите оценуваат дека евентуалното усогласување на Статутот на Заедницата со Уставот на Косово ќе има исклучиво политички карактер, а не стручен или научен.

Во Косово има вкупно десет општини со српско мнозинство. Шест се наоѓаат јужно од Ибар: Грачаница, Ново Брдо, Штрпце, Ранилуг, Клокот и Партеш. Останатите четири, Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, се територијално поврзани на север.