Позитивни и негативни

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Премиерот Борис Џонсон се тестираше за коронавирус и тестот е позитивен, соопшти Даунинг стрит и доплни дека британскиот премиер има благи симптоми и ќе се изолира во Даунинг стрит, објавија британските медиуми.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирус, денеска до 12.00 часот, изнесува 219 лица.

МАКЕДОНИЈА - Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ бара допрецизирање на отстапка во рамки на изречената Забрана за движење, а која се однесува на лицата кои имаат миленици и мораат да ги изнесат надвор.Тие бараат да биде дозволено милениците да можат да ги прошетаат по 21 часот, поради физиолошки потреби на животните.

ШПАНИЈА - Шпанија регистрираше рекорден број на починати лица во изминатите 24 часа - вкупно 769 и со тоа останува едно од најголемите жаришта на коронавирусот во моментов.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека детално разговарал со неговиот кинески колега Си Џинпинг за пандемијата на коронавирус, во која досега на глобално ниво починаа повеќе од 24.000 луѓе.

БЕЛГИЈА - Лидерите од 27 земји на ЕУ се согласија, под притисок на Италија, да ги повикаат министрите за финансии на еврозоната да дефинираат посилни мерки за решавање на економската криза и очекуваната рецесија во рок од две недели.

КОСОВО - Косовскиот претседател Хашим Тачи соопшти дека веднаш ќе започне консултации со лидерите на сите парламентарни партии за избор на нов мандатар откако падна владата.