Во нашето редовно неделно интервју, овојпат со министерката за финансии, Нина Ангеловска, таа ги најавува владините мерки за „кратењата и задолжувањата“, како што вели, „за да се преживее“ во и по ова време кога безмалку сите земји во светот и нивните економии се погодени од корона вирусот. По интервјуто има околу 300 ваши коментари и сите, со мали исклучоци се мошне, мошне негативни и кон Ангеловска и кон преземањето финансиски мерки од страна на Владата.
Владе Тодев постирал: „Изгубено девојче во просторот и времето“, а Трајче Трајковски ѝ порачал: „Од вашите пари да кратите, не од работниците“. Ангел Рангеловиќ е уште поконкретен: „Прати ми 500-600 евра по Вестерн унион, не туку прераскажувај... Рецитаторска секција“. За разлика од ваквите коментари, Бошко Димовски забележува: „Според коментариве што ги читам, изгледа на народов уште не му е јасно што се случува“, напишал. Па додава: „Вакво непознавање на работите, ваква себичност и вакво зло дали има во некоја друга држава“. Илчо Владев потсетува: „Не е битно што државата ќе направи за нас, туку што ние ќе направиме за неа. Кенеди – 60-ите години на минатиот век“. И токму овој негов пост соодветствува со информацијата на техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, дека мерката за ограничување на движењето токму за да се спречи ширењето на смртоносниот вирус, воведена на 22 март па досега, не ја почитувале 502 граѓани на возраст од 18 до 67 години. По неа – нема ниту еден коментар.
По последната прес-конференција на министерот за здравство, Венко Филипче, кога соопшти за две нови жртви од короната и дека ќе се направи ревизија на случајот со починатата од Струга, Љупче Николовски со големи критики за здравството: „Појди на лекар во болниците – заклучени, луѓе со итни случаи нема кој да ги прими, лекар нема, обезбедувањето ти вика нема никој, катастрофа невидена. Од друга страна, Филипче со пресови дека капацитет има, не дај боже да имаш потреба ќе умреш на пат“. Никола Ди Манасиев со друго мислење: „Цццц... знаете што... не ви го посакувам, ама гледам коментари и еве искрено... ќе се уверите кога ќе стане како во Италија. А додека не дојде тој момент, подигрувајте се оти уште малку ви остана од времето со вашите глави“.
ЗНМ бара истрага за Стефчо Јакимовски по искажаните навреди за новинарот Чомовски по интервјуто со првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. И овие коментари се со навредлива содржина, како за Јакимовски така и за Чомовски. Донка Сланинкоска со мислење за Јакимовски: „Стефче ли најде да критикува? Сите партии ги смени и сега ќе соли памет“. Ана Кеј постирала: „Превртлив, без срам и перде“, но Драги Серовски со напад врз новинарот: „Чомовски е Влав од Маловиште. Тие сите се предавници“. Потпишана со Верица Бетон е против Здружението: „А ЗНМ кога ги навредува Македонците и Македонија? Што правиме со тие новинари?“ Фрањо Павичиќ прашува: „А за Тричковски?“ Делчо Гошев смета дека се правеле „глупости. Не му бараат да враќа тоа што украл од државата, ајдуклакот веќе сите го прифаќаат како најнормално, оти сите крадат!“