Поддршката за интегрирањето во ЕУ стабилна, довербата во моќта Унијата опаѓа

илустрација

Мнозинството граѓани во Северна Македонија се уште посакуваат членство во Европската Унија, но европската реалност за земјава станува се подалечна. Најновото истражување на Институтот за демократија и фондацијата Конрад Аденауер покажува пад на довербата на граѓаните во кредибилитетот на ЕУ

Иако мнозинството граѓани се уште ја поддржуваат идејата за членството на Северна Македонија во Европската Унија, само 7,8 проценти од Македонците гледаат на ЕУ како на субјект со најголемо влијание. Најновите истражувања на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ покажуваат дека перцепцијата на македонските граѓани за ЕУ како најголем сојузник на земјата се намалила од 43, 2 проценти во 2019 година, на 13 проценти во 2021 година.

И поголемиот дел од граѓаните кои ги прашавме се уште пожелуваат да бидеме членка на Унијата, иако нивниот оптимизам дека тоа ќе се случи почнува да бледнее.

„Да, сакам да бидеме дел од ЕУ. Децата ми се таму сите и ние одиме почесто кај нив. Зошто да не сме дел и ние од ЕУ ? “, вели Џемаил од Скопје.

„Мислам дека мораме да станеме дел од ЕУ и младите треба да веруваат во тоа“, вели Нетка Лозановска.

„Јас не сакам да станеме членки на ЕУ. Тие не потценуваат нас. Што запнале сите за ЕУ, кога тука ништо не функционира, ни судство, ни економија, сите институции, па кој ќе не прими нас во ЕУ ?“, вели пензионерот Димче.

„Заради можностите и привилегиите кои ги нуди ЕУ сите сакаат да станеме дел од Унијата, но се сомневам дека ќе успееме бидејќи од сите страни не блокираат“, ни рекоа дел од анкетираните граѓани.

Поддршката за македонското членство во ЕУ е се уште голема и изнесува 68 проценти, но она што е интересно е што половина од испитаниците односно 56 проценти поддржуваат поблиско сојузништво меѓу сегашните партнери од Отворен Балкан во рамките на процесот на интеграција во Европската Унија.

Еве која е според авторката на истражувањето, Анамарија Велиновска, главната причина за ваквиот пад на перцепцијата на Македонците за влијанието на ЕУ.

„Главната причина е застојот во евроинтегративниот пат на Македонија. Тоа придонесува граѓаните да сметаат дека ЕУ не влијаела доволно врз откочување на процесот, односно не влијаела врз својата земја членка за да ги откочи процесот. Значи кога зборуваме за влијанието всушност зборуваме за кредибилитетот односно за тоа како граѓаните гледаат на моќта на ЕУ да ги разреши работите и согласно случувањата и ветото кое го добивме, на преговарачката рамка тука може да ја гледаме главната причина за овој драстичен пад на Европската Унија од 2019 година па до сега на нешто помалку од 9 проценти“, вели Велиновска.

Видете и ова: Македонија и ЕУ - долг пат без извесен крај, но што во меѓувреме?

Она што е исто така индикативно во истражувањата е што 35 проценти од Македонците се изјасниле дека би поддржале Евроазиска Унија предводена од Русија, а перцепцијата за влијанието на ЕУ опаднало од 34 на 9 отсто и за првпат Македонците повеќе од етничките Албанци ги сметаат САД за повлијателни во ЕУ. Но, дали намалената доверба во ЕУ може да се сфати и како тенденција на пораст на поддршката кон алтернативни сојузи? Велиновска вели, не.

„Податокот е дека мнозинството граѓани не гледаат алтернатива за членство во Евроазиската Унија предводена од Русија. Процентот на граѓани кои не ја поддржуваат оваа Унија е 53 проценти. Процентот на граѓани кои би ја поддржале е 35 проценти, што повторно не е мал процент, но е помал во споредба со минатата година. Во исто време расте влијанието на Соединетите Држави, но расте како фактор на влијание, не во насока на отфрлање на ЕУ, туку напротив САД всушност силно го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ“, објаснува Велиновска.

Од германската фондација „Конрад Аденауер“ ја потврдуваат поддршката на Германија за македонските евроинтеграции, потенцираат дека разочарувањето на граѓаните од ЕУ е сè уште мерливо. Интересен податок е тоа што граѓаните ја истакнуваат Германија како посебна земја од Унијата и и даваат посебно значење поради тоа што сметаат дека Германија самостојно повеќе влијаела врз евроинтеграциите на земјата отколку Европската Унија како целина.

Од друга страна и германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн порача дека прашањето со Бугарија е голем предизвик, но не е неостварлив и апелираше земјата да продолжи со спроведување на реформите.

Според истражувањето мнозинството граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да отстапи од бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71%), условот за јазикот (79%) и положбата на бугарското малцинство во Северна Македонија (65,4%).

Инаку двете земји го потпишаа договорот за добрососедство во 2017 година, а Бугарија ја усвои декларацијата во својот парламент за напредокот на Скопје и Тирана, две години подоцна, во 2019 година. Во неа се поставија голем дел од условите на чие исполнување сега инсистира Софија.

Бугарија почна да ја блокира македонската европска интеграција една година подоцна во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот Румен Радев почна да инсистира и на правата на македонските Бугари. Новиот премиер Кирил Петков формираше работни групи за прашања од областа на економијата, културата, инфраструктурата итн, но и тој рече дека нема да се откажат од историјата.

Земјата е кандидат за членство за ЕУ од 2005 година. Преговорите не се почнати најпрвин поради блокадата од Грција која се надмина со Преспанскиот договор во 2017, а потоа и со блокадата од Бугарија поради историски прашања.