Организаторите не се откажаа од одржувањето на маршот на гордоста и покрај забраната од српските власти.
Маршот во рамките на Европрајд 2022 во Белград се одвиваше во тензична атмосфера со силно полициско обезбедување и неколку спорадични инциденти.
Над 5.200 полицајци беа распоредени во главниот град на Србија уште од рано утринава.
Прошетката на учесниците започна од зградата на Уставниот суд на Србија, а заврши во паркот Ташмајдан каде што беше развиорено големо знаме со боите на виножитото.
На чело на колоната имаше голем транспарент со натписи на српски и англиски јазик „Одиме и ќе одиме“ како и амблемот на боите на виножитото со натпис „Европрајд 2022“.
„Тука сме и покрај забраните. Ви благодариме на сите за поддршката. Ни треба правда и еднаквост“, рече Горан Милетиќ, организаторот на прошетката „Европрајд“ во Белград.
Судири помеѓу полицијата и противниците на Европрајд
Во главниот град на Србија беа пријавени неколку помали инциденти, при што се собраа и десничарски активисти и религиозни групи кои се противат на меѓународниот настан.
Полицијата соопшти дека 31 лице биле приведени откако анти-геј активисти фрлале шишиња кон полицијата и се обиделе да ги преминат полициските кордони.
Репортерите на Радио Слободна Европа снимија неколку инциденти и апсења на членови на десничарски групи кои беа против одржувањето на маршот.
Видете и ова: Белградскиот Марш на Гордоста ѝ пркоси на забранатаДесничарите, откако пред два дена им беше забранет протестот, потоа не најавија дали ќе се соберат, но беа забележани неколку помали инциденти кога противниците на Еуропрајд сакаа да поминат низ полициските блокади за да присуствуваат на молитвата во црквите.
Организаторите на прошетката Европрајд од стартот беа соочени со големо противење од ултрадесничарите, но и од Српската Православна Црква.
Брнабиќ - обезбедивме Белград да биде безбеден
Српската премиерка Ана Брнабиќ не учествуваше на маршот затоа што, како што потоа кажа, била некаде каде што е попотребна, била со безбедносните служби како премиерка. Но кога заврши маршот им се заблагодари на припадниците на полицијата и безбедносните служби затоа што „обезбедиле Белград да биде безбеден и сигурен град“.
“Полицијата направи одлична работа, забележани се само два инцидента, сега е време да се насочиме на работи кои се потешки и поважни“, изјави Брнабиќ.
Меѓу присутните беше и партнерката на премиерката Брнабиќ.
Брнабиќ до ЛГБТ активистите: Никој не може да ви забрани да прошетате
На илјадниците активисти и присутни на рутата на поворката, им се придружија и бројни дипломати, претставници на Европскиот парламент, како и други европски и меѓународни претставници.
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, на отворањето на прошетката Европрајд во Белград рече дека е среќен што е таму за да ја поддржи големата прослава на еднаквоста и слободата, различностите и европските вредности.
„Среќен сум што Белград денеска го покажува европскиот дух“, изјави Билчик.
Тој зборуваше и на српски јазик.
Неизвесност за одржувањето до крај
Полицијата претходно забрани да се организира прошетката на Европрајд како и на десничарскиот собир со образложение дека постои ризик за безбедноста на учесниците.
Управниот суд во Белград ја одби жалбата на организаторите и одлучи дека забраната за прошетка е оправдана.
Забраната за прошетката на Европрајд ја осудија претставниците на ЕУ, како и меѓународните и домашните организации за човекови права.
На 13 септември, Министерството за внатрешни работи официјално ја објави забраната за кулминација на маршот на Неделата на гордоста низ центарот на Белград и рече дека на сличен начин одбило дозвола за контрадемонстрација истиот ден.
Српската полиција го забрани и маршот ЕуроПрајд и десничарскиот марш
Заклучено беше дека постои „опасност од насилство, уништување имот и други форми на нарушување на јавниот ред во поголем обем“.
По објавувањето на забраната, активистите за геј права на конференцијата за човекови права ја прозваа српската премиерка Ана Брнабиќ, која отворено е лезбејка, но беше обвинета од српската геј заедница дека се откажала од нивната кауза.
Сепак претпладнево српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека сите учесници на „Европрајд“ во Белград ќе бидат безбедни.
„Србија не ја организираше Европрајд затоа што некој ја уценуваше да остане на европскиот пат, туку заради Србија, нашиот народ и општество, како и за доброто на целиот регион“, рече Брнабиќ на приемот за странски дипломати по повод Неделата на европрајд.
Што бара ЛГБТ+ заедницата во Србија?
Со Маршот на гордоста, ЛГБТ+ заедницата, меѓу другото, укажува на дискриминација и од Владата бара да ја подобри нивната положба.
Со полициската забрана за Прајдот, Србија влезе во редот на земји каде што е забранет овој настан, заедно со на пример Турција и Русија, каде меѓународните организации укажуваат на загрозување на човековите права и слободи.
Само во 2021 година во Србија се регистрирани 83 инциденти мотивирани од омраза кон ЛГБТ+ лицата, а од тој број 19 се случаи на физичко насилство, покажуваат податоците на невладината организација „Да се знае“.
Оваа организација, која документира насилство и дискриминација мотивирани од хомофобија и трансфобија, истакнува дека повеќето инциденти не се пријавуваат кај властите.
Жртвите, како што беше посочено, немаат доверба во институциите, се плашат од сторителите, не ги знаат постапките или пак не му кажале на своето семејство дека се ЛГБТ+.
Во Србија не донесен Закон за истополови заедница, кој ќе им овозможи на истополовите парови да имаат многу од правата што ги уживаат и хетеросексуалните парови. Предлог-законот е напишан.
Едно од главните барања на ЛГБТИ+ заедницата во Србија е усвојување на Закон за истополови заедници. Тоа се повторува на секоја Парада на гордоста во Белград од 2017 година.
Слични закони во регионот усвоија Хрватска и Црна Гора.
Јавната расправа за нацрт-законот за истополови заедници заврши во март 2021 година. Процедурата налага предлог-законот да го усвои Владата, а потоа и Собранието на Србија. Но, не може да стапи во сила без потпис на претседателот на Републиката.
На законот се спротивставија десничарските партии, Српската православна црква и дел од јавноста.
Засега не се знае дали и кога документот ќе влезе во процедура за усвојување. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно изјави дека нема да го потпише бидејќи е „должен да го штити Уставот“ и законската дефиниција на бракот како „заедница на маж и жена“.
Истополовите парови во Србија не можат да посвојуваат деца, а нацрт-законот за истополови заедници не предвидува такво право за нив.
Бидејќи правниот систем не ги признава истополовите парови, тоа им носи уште повеќе ограничувања. Тие не можат да остварат семејни, здравствени, имотни права.
ЛГБТ+ заедницата во Србија бара да се донесе Закон за родов идентитет со кој би се подобриле правата на транс лицата. Ако сте транс лице, не можете бесплатно да го прилагодите полот.
Според досегашните процедури во Србија, родовото прилагодување делумно се финансира од Фондот за здравство, од кој се обезбедуваат две третини од парите.
Европрајд е потсетник за состојбите со правата на ЛГБТИ заедницата
Неделата на Европрајд ја слави гордоста на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците, трансродовите и интерсексуалните на пан-европско ниво и е домаќин на различен европски град речиси секоја година од 1992 година.
Балканската земја, која се кандидира за евентуално пристапување во Европската унија, беше под силен меѓународен притисок да дозволи маршот да се одржи.
Амбасадите на САД, Франција и Велика Британија, меѓу другите, објавија заедничко соопштение во кое ги повикуваат властите да ја укинат забраната.