Српското министерство за внатрешни работи денеска донесе одлука со која се забранува одржување на завршниот марш на ЕуроПрајд 2022 кој беше закажан за 17 септември. Оваа информација на социјалните мрежи ја потврдија организаторите на европската манифестација која трае од 12 до 17 септември.
МВР соопшти дека е забранет и маршот кој во исти ден го организираше десничарската неформална група „ Антиглобалисти“ во Белград во сабота на 17 септември. Тоа е група која организираше собири против ЕуроПрајот во Белград. И нивниот настан беше најавен на истиот ден кога требаше да се одржи завршниот марш од манифестацијата “ ЕуроПрајд 2022 “.
„Проценето е дека постои опасност дека ќе дојде напади и судири, како и опасност од насилство, уништување на имот и друг вид на нарушување на јавен ред и мир“, се вели во објаснувањето на српското МВР.
Како што објавија организаторите на ЕуроПрајд, одлуката за забрана за одржување на маршот на Прајд парадата им била врачена денеска.
„Белград Прај ќе ги искористи сите можни расположливи правни механизми за да ја оспори оваа одлука“, се вели во нивниот пост на социјалните мрежи.
Организаторите на европската манифестација на социјалната мрежа Твитер напишаа дека одржувањето на маршот на ЕуроПрајд е забранет поради закани за контрапротести.
„ Ова е тотален неуспех на политичкото лидерство во Србија, ние работиме со тимот на Белград Прајд за да изнајдеме алтернативно решение“, се вели во нивниот пост.
На оваа одлука денеска и претходеше пркосното отворање на неделата на европската манифестација ЕуроПрајд 2022 на 12 септември кое помина без инциденти и покрај претходните интензивни протести на верските и националистичките групи и предупредувањето од минатиот месец од претседателот Александар Вучиќ дека настанот не може да се одржи и покрај одобрението дадено пред три години.
„#EuroPride2022 започна. Моите колеги од @EuroPride и јас сме тука за овој историски настан“, твитна вчера Кристина Гарина, претседателка на здружението на организатори на ЕуроПрајд кои ја имат лиценцата за овогодишниот настан.
Во меѓувреме, недела дена претходно десничарски групи како Двери и Националната патрола, со поддршка на Српската православна црква и нејзиниот патријарх, одржаа три улични протести и една „литија“ во Белград на 11 септември за да извршат притисок врз официјални лица да го блокираат отворањето на неделата на ЕуроПрајд која стартуваше на 12 септември.
Десничарски ориентираните партии во Собранието и вонпарламентарните групи бараат да се откаже парадата низ Белград нагласувајќи дека таква парада се коси со „традиционалните и семејни вредности “.
Најавениот марш за 17 септември требаше да се одвива низ Белград, со старт од пред Собранието и со концерт во паркот на Калеменгдан за крај. Досега пријавени за учество се илјадници луѓе од Европа. полицијата смета дека овој настан е под ризик од демонстрации и безбедносни закани доколку се одржи.
Патријархот на Српската православна црква Порфирије ги предводеше свештениците и верниците во молитвата „за светоста на бракот и семејството“ при што ги обвини „невидливите сили“ дека наметнуваат „безбожни и неприродни заедници како замена за бракот и семејството“.
Европската манифестација ЕуроПрајд ја слави гордоста на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците, трансродовите и интерсексуалните на пан-европско ниво и е домаќин на различен европски град секоја година од 1992 година. Неколку пати до сега на овие настани присуствуваа над милион луѓе.
Настанот вклучува музика и театар, конференции за правата, клубски вечери и кулминира со парада во карневалски стил, која е закажана за 17 септември во Белград. Но токму парадата предизвика закани од противниците и предупредувања од официјални лица кои велат дека не можат да гарантираат за безбедноста на учесниците во овогодинешниот марш.
На 10 септември, Вучиќ рече дека Министерството за внатрешни работи до 14 септември ќе донесе конечна одлука за тоа дали српските власти ќе дозволат одржување на настанот или не. Министерството денеска ја донесе одлуката и има ја соопшти на организаторите, откако тие вчера ја отворија манифестацијата.
Организаторите вчера ветија дека ќе продолжат и рекоа дека забраната ќе ги прекрши обврските на Србија за почитување на Европската конвенција за човекови права.
Еден од локалните организатори на ЕуроПрајд, Марко Михаиловиќ, се обрати пред малата група присутни заедно со транспарентите на гордоста пред Палатата Србија, во која се сместени неколку министерства и други владини канцеларии во областа Нов Белград на главниот град рано на 12 септември.
Михаиловиќ рече дека со нетрпение го очекувал настанот како победа на здравиот разум, демократијата и почитувањето на владеењето на правото, откако првично беше одобрен за Белград пред три години. Неодамнешните непријателства и закани, рече тој, го променија расположението.
„Мислев дека ќе биде ден кога ќе бидеме пресреќни со успехот што го постигнавме, но тоа не се чувствата што ги чувствувам денес. Стоиме пред институција која не направи доволно за да ги заштити нашите уставно загарантирани права“, додаде Михаиловиќ.
На ЛГБТ парадата на гордоста во Белград во 2010 година, насилни демонстрантите, вклучително и банди млади мажи, ги нападнаа учесниците и се судрија со полицијата. По тоа следуваше забрана за одржување на Парада на Гордоста поради закана за безбедноста на учесниците. Уставниот суд во 2013 година донесе одлука со која забраната за Прајд Парадата од 2011 ја прогласи за неуставна, поради прекршување на членот 54 од Уставот за слободна на собир на јавен простор. Настанот повторно се одржа во 2014 година и оттогаш главно се одвиваше без инциденти.
Среде подготовките за овогодинешните настани, организаторите го поздравија првото одржување на EuroPride во Југоисточна Европа како „пресвртница“ на Западен Балкан, каде конзервативните верски и десничарски лидери се спротивставија на еднаквите права за сексуалните малцинства и родовите права.
Но, како што се приближуваше датумот, моќната српска црква и главно десничарските групи се обидоа да го спречат одржувањето на настанот.
Две рунди улични демонстрации изнесоа илјадници луѓе кои бараа Белград да го откаже одржувањето на ЕуроПрајд.
Српската премиерка Ана Брнабиќ, која е отворено геј и учесник на настанот на гордоста во 2017 година, одби да интервенира за да го поддржи одржувањето на настаните на Европрајд.
Таа на 12 септември луто одговори на уредникот на локален весник кој ја обвини Брнабиќ дека ја распродала ЛГБТ заедницата за да стане „прогресивна“, повикувајќи се на Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ, на која и се придружила.
Брнабиќ ја обвини уредничката и другите „просветлени елити“ дека ги чуваат геј луѓето како неспособни да имаат различни политички ставови.