Достапни линкови

Во Бугарија, отворен пат за омилената група моторџии на Путин, „Ноќни волци“


Водачот на мото клубот „Ноќни волци“ Александар Залдостанов
Водачот на мото клубот „Ноќни волци“ Александар Залдостанов

„Ноќните волци“ се санкционирани од ЕУ за поддршка на војната во Украина. Руските моторџии не можат да патуваат во Европа. Во Бугарија, пак, следбениците на „волците“ се чувствуваат добро. Тие редовно се појавуваат покрај руската амбасадорка, а неодамна беа благословени од црквата. Генка Шикерова

Недела, доцна попладне. Руската амбасадорка во Бугарија се појавува во вестите, повторувајќи го барањето на Путин од пред неколку месеци - рускиот гас „се плаќа само во рубли“.

Поинтересни во оваа приказна се луѓето околу амбасадорката. На нејзините фотографии се гледа дека Елеонора Митрофанова е опкружена со моторџии, кои на Фејсбук ги нарекува „претставници на клубот Ноќни волци“.

Русија протера 14 бугарски дипломати

Ова е истиот руски моторџиски клуб кој беше санкциониран од ЕУ поради поддршката на руската агресија во Украина. Бугарија ,исто така, ги поддржа овие санкции. Во пракса, пак, ниту една институција не следи дали „Ноќните волци“ организираат настани во Бугарија и што прават нивните бугарски следбеници.

Така, и покрај европските санкции против „Ноќните волци“, во Бугарија „волците“ продолжуваат да организираат или учествуваат на јавни настани. Најчесто тие можат да се сретнат на настани организирани од руската амбасада. Добар однос кон нив покажува и Бугарската православна црква.

Зошто се санкционираат „Ноќните волци“?

Во јули, Европската унија воведе санкции за „Ноќни волци“ и четворица негови лидери. Причината е што клубот е една од главните алатки за ширење на пропагандата на Кремљ за војната против Украина.

Руските мотоциклисти имаат следбеници и во други европски земји, вклучително и во Бугарија. Членовите на организацијата прават тури, концерти, состаноци и секогаш имаат причина за тоа.

Ноќни волци, 07 август 2016 година
Ноќни волци, 07 август 2016 година

Во 2016 година нивната поворка беше наречена „Обединување на Словените“. Во 2017 година, европската турнеја на руските моторџии беше наречена „На патиштата на победата“. Потоа тргнаа по рутата по која советската армија тргна од Москва до Берлин во 1945 година.

Целта на санкциите наметнати од ЕУ е да се ограничи нивната можност да патуваат и да ги пропагираат идеите на режимот во Москва. Меѓутоа, со текот на годините „Ноќните волци“ успеаја да организираат клубови и да привлечат поддржувачи во многу европски земји.

Нивното појавување на 21 август на споменикот на планината Шипка беше нивното последно појавување во јавноста. Речиси половина од присутните на фотографијата со руската амбасадорка Елеонора Митрофанова се моторџии. Формално бугарските „Волци“ не се дел од централниот клуб во Русија, кој е вклучен во санкциите.

Сепак, дискусиите на социјалните мрежи на членовите на движењето зборуваат за блиски контакти, а неименуван член на еден од бугарските клубови за „24 часа“ изјавил дека добиле наредба од Москва да не разговараат со медиумите.

Коментарите на бугарските поддржувачи на „Ноќни волци“ на социјалните мрежи покажуваат дека тие ги споделуваат и шират идеите на нивните руски „браќа“, како што меѓусебно се нарекуваат.

Бугарските институции не даваат информации дали и како ги контролираат активностите на организацијата во земјава.

Митрофанова и „волците“

Во Бугарија, следбениците на „Ноќни волци“ развиваат клубски активности. Тие редовно се појавуваат на настани организирани од Руската амбасада. Ден по официјалното одбележување на годишнината од битката кај Шипка, тие беа главна придружба на руската амбасадорка Елеонора Митрофанова.

„Тоа се наши сонародници, бугарски моторџии - претставници на клубот Ноќни волци, претставници на бугарски јавни организации. Ова е многу пријатно, особено со оглед на фактот што пред еден ден се одржаа официјални настани, на кои не бевме поканети“, напиша Митрофанова на Фејсбук профилот на руската амбасада.

руската амбасадорка Елеонора Митрофанова
руската амбасадорка Елеонора Митрофанова

Неколку месеци претходно, претставници на клубот присуствуваа на настан со амбасадорката пред Споменикот на советската армија во Софија по повод 9 мај, кога Русија ја слави победата над нацистичка Германија. Потоа асистирале во обезбедувањето на настанот и споменикот. Во тоа време, војната на Русија против Украина веќе траеше повеќе од еден месец.

Во 2017 година, членовите на „Ноќните волци“ беа и пред Споменикот на советската армија, кој беше дел од рутата на колоната „Патишта на победата“. Истата година, „Ноќни волци“ присуствуваа на инаугурацијата на претседателот Румен Радев, велејќи дека ова е „наш претседател“ и му посакуваат долг мандат.

Црквата и „Волците“

Крстовите, иконите и православните симболи се составен дел од настаните организирани од Ноќни волци. Без разлика на идеологијата што ја пропагираат, тие се добро прифатени од Бугарската православна црква.

Од профилот на Ќустендилската духовна епархија, јасно се гледа дека во настаните на „волците“ се вмешани и свештеници. Има публикација за таков настан на 16 јули - ова е само три дена пред воведувањето на санкциите и речиси пет месеци по почетокот на војната.

Гебрев: Имало нарушување на безбедноста на складиштата за муниција во Бугарија

На фотографиите се гледаат неколку десетици моторџии во дворот на црквата, а свештеници водат богослужба. На кожните елеци на моторџиите се испишани земјите и градовите од кои доаѓаат. Повеќето од нив пишуваат „Бугарија“, но може да се видат и неколку со натпис „Русија“.

„Архимандритот Исак им честиташе на членовите на мото клубот од Бугарија и странство - Русија, Црна Гора, Белорусија, Босна и Херцеговина - Република Српска, Македонија, Србија, Австралија и Словачка“.

Дополнително, свештеникот им посака секогаш да бидат пример за братско пријателство, заедништво, взаемна помош и во иднина да живеат како едно големо семејство“, се вели во пораката. Моторџиите добија и „икона за благослов, во име на Неговата Светост Митрополитот Софиски и Патријарх бугарски Неофит“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG