Повеќе чини да ви ја донесат струјата до дома отколку самата струја

Илустрација: Работници на електричен столб

Ако трошите 400 киловатчаса струја месечно – 200 киловатчаса скапа и 200 киловатчаса евтина, ќе платите околу 2600 денари месечно. Во случај, РЕК Битола да ви ја подари струјата, сметката ќе ви биде 1600 денари. Толку чини да ви ја донесат до дома.

Надоместокот за пренос и дистрибуција на струја, односно таканаречената мрежарина, се наплаќал отсекогаш, но сега само е наведен како посебна ставка во сметката за струја, а претходно беше вкалкулиран во цената на струјата.

Во новите сметки, има посебно цена на струја, а посебно цена на мрежарина, како што е во сите земји од ЕУ, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.

„Шпекулациите дека е некоја нова давачка единствено служат за нечиј личен ПР и за лажење на граѓаните. Да престанеме да шириме шпекулации да ги правиме нашите граѓани неуки дека е воведена некоја нова давачка за користење на преносната и дистрибутивната мрежа“, вели Бислимовски.

Граѓаните на социјалните мрежи се жалат дека за дистрибуција плаќаат повисоки сметки отколку за самата струја и прашуваат како е тоа можно.

На кратко – тоа е така затоа што евтината струја е скоро џабе, односно 0,62 денари за киловатчас, затоа што владата ја субвенционира.

Но, мрежарината е фиксен трошок, кој е подеднаков и за евтина и за скапа струја, и чини 3,37 денари за киловатчас.

Во евтина тарифа, 85 отсто од парите одат за мрежарина, а само 15 отсто за струја.

Најголемиот дел од парите за мрежарина одат за ЕВН Електродистрибуција, а помал дел за МЕПСО.

На пример, ако трошите 400 киловатчаса струја месечно – 200 киловатчаса скапа и 200 киловатчаса евтина, ќе платите околу 2600 денари месечно.
Во случај, РЕК Битола да ви ја подари струјата, сметката ќе ви биде 1600 денари. Толку чини да ви ја донесат до дома.

сегашни ценисо бесплатна струја
скапа струја200 x 4,35 = 870200 x 0 = 0
евтина струја200 x 0,62 = 124200 x 0 = 0
мрежарина400 x 3,37 = 1350400 x 3,37 = 1350
ДДВ 5%11767,5
комунална такса184184
вкупно26451601,5

Бислимовски вели дека мрежарината сега е поскапена затоа што со тие пари се набавува струја за покривање на загубите во мрежата, а таа струја е поскапа. Бислимовски е дециден дека кражбите на струја не се признаваат за загуби. Регулаторите признаваат загуби во дистрибутивната мрежа од 12,4 проценти.

Видете и ова: Во чиј џеб завршуваат парите од секоја сметка за струја?

„Значи, во нашите калкулации кражбите на електрична енергија не се земаат предвид и не се признаваат и тие одат на грбот на операторот на дистрибутивниот систем, на Електродистрибуција и на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, бидејќи ние калкулираме со 100-процентна наплата“, вели Бислимовски.

До последното поскапување од 1 јули, мрежарината беше пресметана во конечната цена на струјата.

Новина е само воведувањето четири блока за скапа струја, наместо еден како претходно. Кој троши повеќе ќе плаќа уште поскапа струја.

Па така, еден киловатчас евтина струја претходно беше 3,67 денари, а скапа 7,32 денари.

Секога евтината струја е 0,6 денари, а скапата од 4,3 денари нагоре, во зависност од блокот. Но, кога на тоа ќе се пресмета мрежарината, се доаѓа до цена за евтина струја од 3,99 денари, а за скапа од 7,7 денари па нагоре.