Повеќе од десет години здравствените власти немаат ставено нови лекови на листата на лекови на државна сметка или т.н. позитивна листа.
Иако предизборно СДСМ ветуваше дека кога ќе дојде на власт, листата ќе се менува дури еднаш годишно, што беше најавено и меѓу итните реформски приоритети, досега ништо од тоа не е реализирано.
Наместо нови, на листата се наоѓаат многу застарени лекови кои веќе се исфрлени од употреба во други земји.
Во меѓувреме, пациентите или купуваат од свој џеб лекови од странство или пак пијат по неколку лекови наместо едно апче кое содржи повеќе компоненти, но не им е достапно со рецепт.
Зошто промената на позитивната листа е важна за пациентите?
Пациентите со хроничен хепатит Б на пример, со години наназад се борат да добијат нови лекови на позитивната листа.
Претседателот на пациентското здружение „Хепар Центар -Битола“, Милан Мишковиќ вели дека лековите кои сега ги земаат пациентите со ова заболување се застарени и во голема мера повеќе не се ефективни.
„Тие стари лекови кои ги примаат пациенти може да бидат ефективни во одреден временски период. По одредено временско земање од страна на пациентот, може да не реагираат на состојките на самиот лек. Џабе го зема пациентот, нема никаков ефект на третманот. Затоа ние препорачуваме тој лек кој што бил користен во минатото, а се уште се наоѓа на позитивната листа, брзо и под итно да се промени“, вели Мишковиќ.
Истите лекови во Европа и светот веќе одамна се заменети со нови поиновативни, кои немаат никакви несакани ефекти, а истовремено ја лекуваат болеста и овозможуваат пациентите да имаат многу подолг и поквалитетен живот.
„Се работи за лек кој лекува, многу е битно кога се зборува за какви лекови да се нагласи дека има лекови кои ја контролираат болеста и лекови кои лекуваат, а кои се многу малку и оваа е историска можност каде што можеме нешто да елиминираме комплетно односно да го излекуваме“, додава Мишиќ и потенцира дека станува збор за терапија која овие пациенти мора доживотно да ја примаат.
Според статистиките на здружението, во земјава еден процент од населението има хроничен хепатит Б односно околу 20.000 пациенти.
Бидејќи станува збор за вирусно заболување кое може да премине во цироза или канцер на црниот дроб, од исклучителна важност и за пациентите, но и за здравствениот систем е да се овозможат терапии кои ќе го превенираат тоа.
„Значи освен тоа што ќе се превенира цирозата и карциномот на црниот дроб едноставно ќе се спречи и трансмисијата. Тоа е многу битен фактор што постојано се обидуваме да им го објасниме на здравствените власти, а тоа е дека добивката од овие лекови не е само дека пациентот ќе биде заштитен туку ќе придонесе и за неширање на болеста и овие луѓе нема да дојат до крациноми на црниот дроб, за што третманот не само што е скап за државата, туку и ризичен за пациентот“ ,нагласува Мишиќ.
Видете и ова: Бројот на пациенти со мултипла склероза расте, 50 пациенти чекаат терапијаПациентските здруженија се мобилизираат за промена на позитивната листа
Додека се чека листата да биде обновена, голем број на пациенти се принудени да се снаоѓаат „на своја рака“ и да набавуваат лекови надвор од земјава, плаќајќи ги од сопствен џеб.
Но, пациентите со хепатит не се единствени. Со овој проблем се соочуваат голем број на пациенти и со други заболувања, на кои што исто така им се потребни нови терапии.
Тука се и родителите на децата со атипичен развој на кои што им се потребни посебни суплементи, кои што се практично тип на витамини во повисока концентрација, кои што директно влијаат на одредени сегменти од мозокот.
Таков е случајот со Димитар Даскалов чие што дете има атипичен развој.
Овие суплементи не само што ги нема на позитивната листа туку дел од нив воопшто не се достапни во земјава, поради што мора да ги купува од странство и од сопствен џеб.
„Еден лек кој што сега го набавуваме од Грција чини 35 евра, а тој ни е за три недели употреба. Другиот лек што го набавуваме тука е околу 10 евра и го трошиме за отприлика две недели. Ниту една од овие работи не е под Фондот и плаќаме приватно. Трошоците на месечно ниво ни се околу 700 евра“, вели Даскалов.
Поради ваквите состојби повеќе од триесет пациентски здруженија започнуваат иницијатива и подготвуваат допис до министерството за здравство со конкретни барања и предлози за побрзо да дојде до промена во позитивната листа.
Сали: Ќе треба уште време за да се ревидираат лековите
Министерството за здравство пред неколку години го измени Законот за здравствено осигурување за да се овозможи за пациентите да станат достапни и други, нови и поскапи лекови кои сега можат да ги набават само на свој трошок.
Измените предвидуваа наместо 14 комисии само една комисија, да ја утврдува позитивната листа на лекови.
Видете и ова: Два ипол милиони евра за непотребни антибиотици
Но, министерот за здравство Беким Сали сега вели дека за ревидирање на листата ќе биде потребно уште време, бидејќи допрва треба да се направи Правилник со кој ќе се утврди кои лекови ќе бидат достапни на товар на државата.
„Овој правилник го направивме во соработка со Комисија од ЕУ и сметам дека ќе биде правилник кој ќе биде најобјективен во делот на селектирање кој лек под какви услови може да биде дел од позитивната листа. Секако тука треба да имаме на ум и фактот што ние како мала држава со слаба економија не може да дозволиме да ги имаме најскапите и најдобрите лекови, но се размислува и начинот како да се покријат сите пациенти со лекови кои би биле во позитивна листа со минимална доплата“, рече Сали.
Тоа, како што посочи, не се само лекови кои пациентите ги доплатуваат од џеб туку тоа се во болничката листа на лекови.
„Комисијата треба да се состане пак, да ги разгледа забелешките на сите чинители во фармацевтската индустрија дали се прифатливи и потоа да пристапиме кон формирање друга работна група која ќе биде формирана од повеќе институции и таа да се фокусира кон внесување лекови на позитивна листа, се надевам тоа да биде во најкраток период, но се бара време“, заклучи Сали.
За пациентите е неприфатливо одолговлекувањето
Но, пациентите се уморни од чекање и велат неприфатливо е да се пролонгира процедурата, бидејќи не само што новите лекови ќе помогнат на пациентите, туку ќе придонесат и за превенција на многу посериозни компликации и состојби кои може да се појават, а за кои државата и здравствениот систем ќе треба многу повеќе пари да двојат за лекување отколку за ставање на новите лекови на листата.
„Ние се надеваме дека министерот ќе ја увиди потребата за пациентите, бидејќи ако не се преземе што е можно поскоро тоа ќе го увидат преку многу лоши примери како што е зголемување на бројот на пациенти во онкологија, за што третманот чини многу повеќе отколку да се набават новите лекови“, вели претседателот на пациентското здружение „Хепар Центар - Битола“, Мишковиќ и порачува дека што побрзо овие лекови стигнат на оваа листа поголеми се можностите за спасување на огромен број на човечки животи.