Достапни линкови

Два ипол милиони евра за непотребни антибиотици


Речиси два и пол милиони евра од фондот за здравство се исплатени за речиси 400 илјади антибиотици и ампули клексан од почетокот на пандемијата минатата година покажуваат податоците на ФЗО кои ги доби РСЕ. Доктор Никола Пановски смета дека непотребно многу се препишувале антибиотици.

Од почетокот на пандемијата во март минатата година до ноември македонските граѓани подигнале 319 347 рецепти за антибиотици кои се користат за лекување на дел респираторните последици од ковид-19. Вкупната вредноста на препишаните рецепти за антибиотици од матичните лекари на заболени од ковид-19 изнесува еден ипол милион евра. Според податоците кои ги добивме од Фондот за здравство во земјава биле подигнати 229 692 пакувања од лекот Сумамед во вредност од речиси 400 илјади евра. Дополнително подигнати 89 665 рецепти за лекот со генеричко име CEFIXIME или Панцеф во вредност од еден милион евра.

„Дополнително во аптеките во текот на декември 2020 година се издадени околу 13.000 рецепти за лекот SUMAMED и дополнителни околу 10.000 рецепти за лекови од други производители, кои ја содржат истата активна состојка и кои се сметаат за паралелни генерички лекови. Во аптеките во текот на декември се издадени околу 17.000 рецепти за лекот PANCEF, “ се вели во одговорот на Фондот за здравство.

Доктор Никола Пановски кој е професор на Институтот за микробиологија и поранешен директор на Фондот за здравство смета дека во време на целата ковид пандемија граѓаните се „трујат“ со непотребни антибиотици.
„ Во време на пандемија се очекува да се намали употребата на антибиотици затоа што се драстично намалени други инфекции. Значи луѓето се помалку во контакт поради мерките па се намалени респираторните инфекции, а ковидот е вирусна инфекција за која антибиотици не треба , односно потребно е само за оние дел од пет проценти кои се хоспитализираат, тоа се околу 5 илјади луѓе од кои ако се работи по протокол треба околу 2,500 да примат антибиотици“ вели тој.


Овие податоци што ги добивме од ФЗО не се целосни за конечната употреба на антибиотиците во лекување на последиците од ковид-19, затоа што дополнителни антибиотици се даваат и во болничкото лекување. Пановски вели дека за жал се препишуваат и други антибиотици, како што е моксифлоксацин, кој инаку не е на позитивната листа на ФЗО, па не може да се утврди точната бројка на антибиотици кои матичните лекари ги препишале за време на пандемијата со ковид-19. Тој смета дека поради преголемата и непотребна толкава употреба на антибиотици буџетот на Фондот за здравство е оштетен за околу милион евра.

Тој вели дека клучниот проблем е што Сумамедот матичните лекари го препишуваа спротивно на сите норми и упатства, дури и од производителот, непознати никаде во ниту еден протокол ниту во упатството, со тоа што на пациентоте им се давани двојни дози кои може да бидат и токсични.
„ Едноставно испаѓа дека антибиотиците се препишувани да се утеши пациентот во очај во услови кога нема лек, мислат докторите или пациентот дека нешто му препишале, и под притисок на пациентите, им се препишува за утеха. Затоа и беше мојата реакција за неправилната употреба на антибиотиците, која не наиде скоро на никаква реакција на надлежните. Го имаме фондот кој изгуби најмалку милиони евра во неправилна потрошувачка на антибиотици“, вели Пановски.

Дел од терапијата на заболените со коронавирусот во домашни услови беа и инекциите со антикоагуларна терапија. Станува збор за лековите клексан и фраксипарин. Фондот на граѓаните им рефундирал речиси еден милион евра за 363 илјади ампули од таканатречените нискомолекурални хепариниб кои служат за подобрување на состојбата на крвта кај пациненти кои поради коронавирусот имаат покачени Д-димери.


Боледувањата кои ги покрива Фондот за здравство минатата година бележи пораст за речиси двојно во однос на претходната 2019 година. Според податоците кои ги добивме од ФЗО во 2020 година биле поднесени 58 илјади барања за боледувања за кои се исплатени вкупно 43 милиони евра. Од нив 21 106 барања се однесуваат на заболените од ковид -19, но и за други видови на болести, кои за да го исполнат условот за боледување повеќе од две недели на сметка на Фондот, е потребно да одлучи стручна комисија. Породилните боледувања во изминатата година изнесуваат 15 илјади барања. Бројките на барања за боледувања од претходната година изнесуваат 38 илјади од кои породилни се само 10 илјади.


Од почетокот на пандемијата во земјава бројот на заразени со ковид-19 изнесува 87.986, бројката на оздравени пациенти е 69.137, на починати е 2.672, а бројот на активни случаи изнесува 16177.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG