„Никогаш не се пожали“, вели една жена од рускиот регион Средна Волга за својот партнер, кој беше убиен борејќи се во Украина на 1 јануари 2023 година.
„Тој ни кажа дека сè е во ред. Кон крајот на декември, тие беа преместени во Макијивка, а на 1 јануари се случи трагедијата“, вели жената, која побара да остане анонимна.
Нешто по полноќ, украинските сили со ракетен напад погодија трговско училиште во градот Макијивка, во регионот Донецк, каде што беа сместени руските војници, главно од областа Самара. Голем број војници беа убиени во еден од најсмртоносните напади што Украина им ги нанесе на руските сили.
Три месеци подоцна, руската војска и понатаму не говори што се случило и колку точно војници биле убиени. Москва само два дена подоцна го призна инцидентот, првично известувајќи дека загинале 63 војници. На 4 јануари таа бројка беше зголемена на 89. Во исто време, украинската војска тврдеше дека до 400 војници биле убиени, а уште 300 биле ранети.
Во деновите веднаш по нападот, „Норт реалитис“, регионален медиум за вести на рускиот сервис на Радио Слободна Европа, успеа да разговара со роднините на неколку војници кои беа во зградата.
„Ве молам, не го користете неговото име“, рече една жена за нејзиниот сопруг, кој го преживеа нападот.
„Се плашам. Чудо е што преживеа, успеал да побегне од зградата после првата експлозија. Бил опкружен со месо, со месо и со крв, само тоа го повторува повторно и повторно. Не знам како преживеа. Многу момчиња од неговата единица беа убиени, но тој сè уште не знае што се случило со многу од нив“, рече жената.
Од 10 јануари, сепак, роднините на мобилизираните војници кои беа во Макијевка главно одбиваат да зборуваат со медиумите. Непознати „модератори“ на разни локални форуми за социјални медиуми ги предупредуваат луѓето да не разговараат со новинарите. Руските владини и воени претставници исто така не понудија дополнителни информации за смртоносниот напад.
Официјално, бројот на загинати во Макијивка останува на 89. Повеќе од 56.000 луѓе потпишаа онлајн петиција со која го повикуваат Министерството за одбрана целосно да ги идентификува сите убиени.
Благодарен за секаква информација
Сепак, „Идел реалитис“, регоналниот медиум за вести на Татарско-бешкирскиот сервис на РСЕ, спроведе истрага со отворен код, следејќи ги социјалните медиуми и информативните ресурси на локалната власт за да ги следи воените жртви, вклучително и оние од нападот на Макијивка. РСЕ по име ги идентификуваше 140 војници загинати во инцидентот.
Во многу случаи, нивната возраст, ранг и местото на раѓање се утврдени. Од 140 војници, 139 биле од областа Самара, на реката Волга, а еден бил од Бурјатија. Повеќето од убиените беа мобилизирани откако претседателот Владимир Путин нареди мобилизација кон крајот на септември. Нивната возраст се движела од 21 до над 50 години.
Руската влада објави малку информации за нејзините воени жртви. На 21 септември 2022 година, војската објави дека 5.937 војници биле убиени од почетокот на целосната инвазија која започна седум месеци порано. После тоа не ги ажурираше бројките. Западните експерти наведуваат дека вкупниот број на убиени и ранети Руси е над 200.000.
„Идел реалитис“ на РСЕ идентификуваше 4.125 убиени руски војници само од Федералниот округ Волга. Од нив, 401 биле од регионот Самара, што значи дека повеќе од една третина од познатите жртви во регионот биле таа вечер во Макијивка.
Видете и ова: Британско разузнавање - Во Макијивка на Нова година најверојатно биле убиени 300 Руси
Шеесет и четворица од убиените беа постхумно одликувани со Орден за храброст.
РСЕ се обиде да разговара со роднините и познаниците на убиените војници, но повеќето одбија да разговараат со новинарите.
Една жена рече дека нејзиниот пријател бил убиен и дека неговото тело било вратено дури во средината на февруари.
„Никогаш не запознав подобра личност од него“, изјави таа за РСЕ.
„Тој беше многу пријателски настроен и доброволно служеше во „специјалната воена операција“.
Покрај тоа, РСЕ пронајде 18 семејства кои сè уште бараат информации за нивните роднини, за кои веруваат дека биле стационирани во Макијивка за време на украинскиот напад.
„Го барам Петров, Дмитриј Александрович, роден 6 ноември 1979 година. Последен пат виден во стручното училиште во Макијивка“, се вели во објавата од 19 март на социјалните мрежи.
„Војниците го изнесоа на метална врата и го качија во амбулантно возило. Оттогаш нема информации. Би бил благодарен за каква било информација“.
Текстот е адаптиран на основа на извештаите на „Идел.реалитиес“ на РСЕ.