Рускиот претседател Владимир Путин се обиде да ја редефинира војната против Украина со тврдење за анексија на четири украински региони, додавајќи дека не може да се преговара за статусот на тие области и дека Москва ќе ги брани со сите средства - што многумина го сфатија како закана од нуклеарно оружје.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски веднаш одговори, велејќи дека не може да има политички разговори со Русија се додека Путин е на власт, како и со барање за забрзан прием на Украина во НАТО.
Генералното собрание на ОН ја осуди руската „нелегална анексија“ на украинските региони
Со обидот да заземе територии, Путин создаде нов наратив во кој војната веќе не е руска интервенција во Украина против украинските трупи, туку одбранбена војна на руска територија против непријателскиот НАТО.
Видете и ова: Путин ја формализира анексијата на окупираната територија во Украина„Обидот на Кремљ да анектира украински територии е уште еден пример за тоа како владата на Путин „создава алтернативна реалност“, вели историчарот Натаниел Најт, кој предава историја за Русија и Источна Европа на Универзитетот Сетон Хол во американската сојузна држава Њу Џерси. „Вистинскиот живот ги уништува тие фантазии“, вели Најт за РСЕ.
Потегот на Путин и неговото нуклеарно оружје го зголемија нивото на конфронтација меѓу Русија и Западот. Аналитичарите како Дејвид Крамер, поранешен функционер на Стејт департментот кој сега е соработник на Институтот Мекејн во Вашингтон, ги повикуваат западните лидери да не „бидат парализирани“.
„Единствената правилна реакција на овие закани е да и се даде воена помош на Украина за да и се помогне да победи во војната. Секое слабеење на поддршката за Украина би било грешка“, вели тој за РСЕ.
Неверојатни сценарија
Иако Киев и Западот го отфрлија гамбитот за анексија на Москва како безобразно кршење на меѓународното право кое не е достојно за сериозно разгледување, потегот има ефект кој може да биде далекусежен, велат аналитичарите: да ги стесни повеќето - ако не и сите - можни компромиси за ставање крај на конфликтот и за Путин и за Западот, оставајќи простор за подраматични исходи.
„Доколку Русија можеше да ја елиминира владата во Киев во рок од неколку дена и без поголеми загуби, тоа ќе беше чекор кон зајакнување на моќта и популарноста на Путин во Русија. Но, мислам дека победата на Русија е практично невозможна“, вели Јуриј Јарим-Агаев, активист за човекови права и раководител на Центарот за проучување на тоталитарната идеологија со седиште во САД.
Украина поднела барање за брз прием во НАТО
Се верува дека Путин очекувал руските сили да ја соборат владата на Украина во рок од неколку дена по започнувањето на инвазијата на 24 февруари, но нивниот напредок кон Киев е одбиен и многу аналитичари сметаат дека има мали или никакви шанси да успее втор таков обид.
„Или Путин ќе победи и ќе ги натера Украина и Западот да ги прифатат анексиите или, најверојатно, со оглед на начинот на кој се одвиваат работите сега, ќе претрпи голем пораз. Требаше порано да се повлече“, вели Најт.
Гамбитот за анексија на Путин, исто така, го стесни просторот за маневрирање на Западот, намалувајќи ја прифатливоста на компромисите со Москва. Гласовите на таканаречените „реалисти“ кои повикуваат на преговори со Москва, дури и на сметка на украинскиот суверенитет, главно се премолчуваат.
„Се разбира, има и такви во САД кои сметаат дека секој можен исход е подобар од нуклеарна војна“, наведува Најт, додавајќи: „Но, мислам дека сите разбираат оти ова е многу опасен преседан што би значело дека секој лудак или диктатор од Северна Кореја или Пакистан или каде кој има нуклеарно оружје може да каже: „Прави како што сакам или ќе има нуклеарна војна“ е недозволиво“.
Видете и ова: САД ќе ја бранат „секоја педа“ на НАТОЗа Западот, смета тој, единствениот начин безбедно да се избегне таков преседан ќе биде целосен пораз на Русија споредлив со она што го доживеа Германија во Втората светска војна, вклучително и „целосна промена на раководството со некаков вид филтрација или лустрација која би ги отстранила сите инволвирани во ова што сега се случува“.
„Можеби дури и зборуваме за воена окупација како она што се случи во Јапонија и Германија по Втората светска војна. Може ли тоа да се случи во Русија? Не ми изгледа реално“, оценува тој.
Јарим-Агаев опишува слично сценарио, додавајќи го прашањето и за масивни воени репарации, „враќање на другите окупирани територии како грузиската Јужна Осетија и Абхазија и (молдавска) Придњестровје, и денуклеаризација“.
Проблеми дома
Покрај обидот да заземе територија во Украина, Путин неодамна започна воена мобилизација која се покажа како многу непопуларна и, како што смета Крамер, му покажа колку навистина е слаба руската поддршка за војната. „Да, Путин ја мобилизираше земјата. Но, тоа не е мобилизацијата што тој ја имаше на ум“, вели тој, наведувајќи ги протестите што се појавија ширум Русија.
Како што домашната ситуација, и покрај годините на сурова репресија против несогласувањето, станува сè понапната, Путин може да биде принуден да посвети поголемо внимание само на тоа како да остане на власт - и како резултат на тоа може да прибегне кон уште поголема репресија.
Што ќе се случува по таканаречените референдуми во Украина?
„Во овој случај, мобилизацијата можеби не е практично решение за воените проблеми, туку транзиција кон ново ниво на контрола врз општеството“, вели социологот Сергеј Јерофеев, кој предава на Универзитетот Рутгерс, исто така во Њу Џерси.
„Путин би можел да ги повлече своите војници од Украина и да ја зајакне контролата и теророт внатре во земјата, работејќи на елиминирање на многу луѓе кои ги смета за опасни дома. Јас ја имам предвид не само елитата, туку и обичните луѓе. Мислам дека тоа се реални можности“, смета Јерофеев.
Видете и ова: Гневот по поразите на Русија на бојното поле - предизвик за ПутинНајт вели дека неуспесите во војната против Украина може да доведат до слабеење на централната власт во Русија што потенцијално ќе резултира со „хаос“. „Колапсот на руската држава е застрашувачка можност“, оценува тој, истакнувајќи дека Путин со години се обидувал да се направи единствен гарант за стабилноста во земјата и дека ги уништи алтернативните развојни патеки.
Јарим-Агаев, сепак, тврди дека ситуацијата во Русија станува се повеќе и повеќе „револуционерна“, но не и нужно насилна. Многу луѓе, вели тој, предвидуваа граѓанска војна и масовно насилство кога се распадна Советскиот Сојуз во 1991 година, но тие предвидувања главно не се остварија.
„Предвидувам револуционерна промена. Не смена на Путин со (тврдокорниот Евгениј) Пригожин или (чеченскиот моќник Рамзан) Кадиров. Не, сите ќе бегаат... Тоа ќе биде револуционерна промена. Но, зборот „револуционерен не значи насилство или вооружен бунт. Тоа значи промени во државните структури и во политиката на луѓето кои ќе дојдат на власт“.