Платформата „ Мој град“ е мелем на рана за постапокалиптично Скопје

Драгана Велковска, Активистка за заштита на животни и животна средина, Членка на Советот на Град Скопје

Дивите депонии во Скопје се одраз на дилетантството и хроничната неспособност на институциите да се справат со еден од најгорливите комунални проблеми – управувањето со отпадот, ишува Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје

Ужасната глетка на натрупан отпад во Ново Село кај реката Лепенец деновиве предизвика гневни реакции на социјалните мрежи. Но оваа дива депонија не е изолиран случај. Бројни помали или поголеми слични вакви локации имаме безмалку на секој чекор. Ќе ги издвојам Вардариште и кањонот Матка. Едното темпирана еколошка бомба, другото скапоцено подрачје чиишто природни вредности секојдневно и посветено се деградираат. И двете со години се дел од „планови“ и „стратегии“ за ремедијација и одговорно управување, без никаков ефект.

Видете и ова: Со години нема исправен реквизит во единствениот парк со детско катче во Тетово

Градските власти во својата бирократска инертност, едноставно немаат слух за креативните решенија кои им се на располагање. На пример, компостирање и селектирање во голема мера би ја намалило потребата од депонирање отпад (и на легални и на диви депонии). Според светски (конзервативни) статистики компостирањето на биоотпадот значи елиминирање на 60% од комуналниот отпад во урбаните средини, а како краен производ од тој затворен и автоматизиран процес се добива органско ѓубриво. Но, за градските власти ова претставува недопирлива напредна технологија од иднината, некомпатибилна со нашиот „систем“ (ако воопшто може така да се нарече) на управување со Скопје. За нив, справувањето со дивите депонии се сведува на расчистување, кое е само третирање на последицата, бидејќи потоа одново се исфрла отпад на истата локација.

Конечното и трајно решение за елиминирање на дивите депонии е најнапред превенција преку ригидна законска рамка. Но наместо ригорозно формулирани законски решенија со високи казни и нивно доследно спроведување на терен, имаме минимални казни во законите со кои се поттикнува уништување на животната средина, и дополнително, неспроведување и на тие минимални казни и поттикнување култура на неказнивост. Ова особено се однесува на правните лица, кои според Кривичниот законик за дела против животната средина одговараат само со парична казна и за нив не се предвидени затворски казни, со што се ставени во привилегирана положба во однос на останатите прекршители на законот.

Видете и ова: Судски постапки за спас од загадувањето

Што е најтрагично, правните лица имаат законски загарантирано право да си ја намалат казната во договор со надлежниот орган. Ова е тотален апсурд! Моментално законските решенија се така поставени што на правните лица им е поисплатливо да ја платат и таа мала смешна парична казна, отколку да применуваат стандарди за заштита на животната средина во својата работа. Заклучокот е дека крупниот капитал ги пишува законските решенија, корупцијата е метастазирана дури до најниските нивоа на институционално делување и, конечно, заклучокот е дека ние немаме институции, дека никој не го штити јавниот интерес.

Оттука, делувањето вака однадвор како граѓански сектор и обидите да ги принудиме институциите да работат во полза на граѓаните, на оние кои ги плаќаат за да постојат - не се речиси никакво решение.

Да, долгогодишното делување на активистичките групи и поединци за заштита на животната средина има силно влијание врз промената на свеста кај општата јавност. Со самото споделување на податоците, со самото овозможување на нивна достапност, како што е случајот на пример со апликацијата МојВоздух на Горјан Јовановски, сите стануваме посвесни за опасностите со кои сме опкружени и, следствено, поангажирано бараме решенија и начини за справување со нив. На тој начин вршиме и притисок врз институциите да си ја завршат сопствената работа. Освен тоа, активистите се постојано присутни при сите процеси на усвојување закони, планови, стратегии итн. Но, тој начин на индиректно влијание врз процесите на носење одлуки оди многу мачно и многу тешко.

Затоа, решението е да се влезе внатре во институциите, да се врати моќта на одлучување кај граѓаните. На тоа ние веќе работиме. Оваа седмица, на 12 мај, официјално ја пуштивме во употреба платформата „МојГрад“ која ја создаде Горјан Јованоски. Тоа е една иновативна алатка за директна демократија со чија помош граѓаните може да вршат притисок врз институциите, да поднесуваат предлози за подобрување на квалитетот на нивниот живот и најважно, тоа е форум кој очекуваме да прерасне во механизам за отфрлање на сегашното вертикално управување со општините и премин на хоризонтално самопуправување засновано на принципите на одржлив развој, еднаквост и солидарност.

Видете и ова: Балкански феномен - диви депонии и отпад

На тој пат, од суштинска важност е да создадеме безбедна средина за изнаоѓање најдобри решенија, каде што нашите модератори ќе внимаваат дискусијата да биде аргументирана и да се води без никакви навреди меѓу соговорниците.

Целта на платформата „МојГрад“, меѓу другото, е и да ја потенцира разликата меѓу вистинските зелени решенија и лажните зелени решенија т.н. green washing. Платформата е замислена да биде иницијална каписла за поорганизиран и пофокусиран политички активизам чијашто крајна цел е враќање на моќта за одлучување кај обичниот човек (враќање на моќта за колективно одлучување) и зајакнување на заедниците преку спротивставување на хоризонталните и вертикалните структури на управување.

Целта е да се врати управувањето на институциите кај општествените актери кои не припаѓаат на т.н. „политичка класа“. Тие се суштинска спротивност на оваа класа. Тие се натрапници во институционалниот политички систем. Тие се предводници на општествените битки и водачи на локалните движења – и тоа е она што ги прави совршен сребрен куршум за партократијата. Елиминирањето на партиите и разобличувањето на нивните задни намери затскриени зад „народни избраници со мандат од граѓаните“ е единствениот начин на кој може да се овозможи преодот од вертикално кон хоризонтално плуралистичко и партиципативно самоуправување, што во крајна линија ќе резултира со силни заедници засновани и самоуправувани на принципот на одржлив развој.

Дивите депонии може да останат во минатото. Одржливиот развој може да стане наша иднина. Придружете ни се на „МојГрад“, заедно да си го вратиме Скопје!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.