Платите во Скопје за 150 евра повисоки од внатрешноста

Луѓе поминуваат покрај споменик во центарот на Скопје

Луѓето во Скопскиот регион имаат за околу 150 евра повисока просечна плата од оние во Североисточниот регион. БДП-то по глава на жители е за речиси 5000 евра повисоко во Скопскиот во споредба со Полошкиот. Во Североисточниот има најголема невработеност и најмногу приматели на социјална помош.

Највисока плата има во Скопскиот регион, најнизок стандард во Полошкиот, а најголема невработеност, пак, го мачи Североисточниот регион, покажуваат податоците на Заводот за статистика објавени во публикацијата Регионите во РСМ. Има длабок јаз во осумте плански региони во земјата, покажуваат статистичките податоци.

Па така во скопскиот регион просечната плата по вработен е поголема од републичкиот просек и изнесува 28 872 денари. Просечната плата во државата минатата година изнесувала 25.213. Најниската просечна плата пак е забележана во Североисточниот регион, каде има и најголема невработеност. Во овој регион просечната плата е 19 761 денари, што значи дека разликата во просечните месечни примања од најмалку платениот до најплатениот регион изнесува околу 150 евра. Освен во Скопскиот во сите други региони месечната нето плата по вработен е помала од државниот просек.

Дрилон Исени, директор на Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека има закони и стратегии за постигнување рамномерен регионален развој, но нешто не функционира.

„Треба да се инвестира еден процент од БДП-то на државата во рамномерен регионален развој. Ниту една влада досега го нема тоа постигнато, односно се повикуваат на различни податоци, на различни институции кои инвестираат во капитални проекти, а некако се смета дека се потрошени за оваа намена. Но тоа што е предвидено во буџетот на државата за рамномерен регионален развој ние уште стоиме на само 10-11 проценти искористеност од тоа што е законска обврска“, вели Исени.

Видете и ова: Големи разлики во регионалниот развој

Тој е еден од авторите на публикација Рамномерен регионален развој за спас на депопулација на РСМ на Институтот за европска политика, објавена пред еден месец. Парите што ги добиваат регионите за поттикнување на рамномерен регионален развој се распределуваат со одлука на Владата и тоа 70 проценти за финансирање проекти за развој на планските региони, 20 отсто за финансирање проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и 10 проценти за финансирање проекти за развој на селата. Колку регионот е понеразвиен толку повеќе пари треба да добие. Но во публикацијата се наведува дека генерално, без исклучок, сите центри за развој на планските региони се незадоволни со распределбата на средствата. Од сите анкетирани надлежните органи, 80 отсто сметаат дека средствата од буџетот се недоволни, а 20 проценти сметаат дека се делумно доволни. Скопскиот регион кој добив најмалку пари, односно 7,2 проценти од парите за приоритетни проекти, смета дека треба да му се дадат повеќе, оти регионот расте и според бројот на жители (според податоците од ДЗС од 2016-2018 година околу 10.000 нови жители се преселиле во овој скопски регион) и со инфраструктура што треба да се одржи.

Граѓаните од Полошкиот регион имаат најнизок стандард, таму Бруто домашниот производ изнесува 2420 евра по жители, што е за речиси половина помалку од БДП по глава на жител на ниво на државата. Под државниот просекот се уште и Југозападниот, Источниот и Североисточниот регион. Во Скопскиот регион пак БДП-то по жител изнесува околу 7300 евра, што е за речиси 5000 повеќе во споредба со Полошкиот.

Исени вели дека Скопје е центар на економскиот и на социјалниот живот, па затоа таму има и најмногу инвестиции.

„Поголемиот дел од правните субјекти оперираат во Скопскиот плански регион, најголемите инвестиции се реализираат исто во тој регион, на пример во Скопскиот регион во 2018 се инвестирани 1, 2 милијарди евра, додека во Полошкиот регион имаме отприлика 110 милиони евра инвестиции од приватни правни субјекти. Тоа е резултат на подобрата инфраструктура, на концентрацијата на институциите во главниот град и од друга страна ова придонесува да имаме нерамномерен регионален развој

Видете и ова: Трошоците растат, стандардот стагнира

Александар Цветкоски од невладината АГТИС, кој е и етнолог вели дека секаде во светот во метрополите е концентрацијата на моќ, оти таму се парите, па затоа таму и платите и шансите за успех се поголеми.

„Тоа е затоа што до малите места паметните луѓе се иселуваат, за жал, најголемиот дел во странство, но одреден дел и во Скопје. Дајте ми вие на мене добар кадар тие каде и да се во Македонија ќе си го вадат лебот и ќе заработуваат и за газдата. Но верувајте веќе во Прилеп и во Битола и во Охрид веќе квалитетен кадат не можете да најдете, тој е веќе заминат, ако се школувал во Скопје секако останува таму каде што има подобра прилика“, вели Цветкоски.

Иако претходно се одело на тоа да има рамномерен регионален развој, сега се оди на таканаречена концентрација на специфични ресурси на специфични места, додава Цветкоски, односно да се види што некој регион нуди и тоа да се искористи. Во тие региони треба да се школуваат кадри кои ќе работат на развој и искористување на потенцијалите што ги нуди тоа место. Како ќе отворите фабрика, ако на тоа место нема кадар што ќе го води тој технолошки процес, и не е само да имаат дипломи, треба да знаат и да бидат сервис на пазарот, вели Цветкоски.

Видете и ова: Ковидот повторно го прекројува буџетот

„Училиштата не нудат скоро никакво знаење човекот да го спремаат за пазарот, нема ни такви кадри кои му требаат на стопанството. Еве во цела Пелагонија им требаа виљушкаристи, возачи, поправачи на компјутери, но такви на прсти се бројат. Не може да најдете ниту еден човек кој води виљушкар, а е слободен. Луѓе што го работат тоа заработуваа по 150 до 300 евра на ден. А од друга страна никој не сака да се занимава со тоа од менталитетски причини“, вели Цветкоски.

Проблемот со нерамномерниот регионален развој, според Исени, може да се реши на тој начин што прво ќе се направи попис, за да се види реалната слика на активната работна сила и врз база на тоа да се дефинира стратегија за економски раст и развој.

Во Североисточниот регион кој ги опфаќа - Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Рановце и Старо Нагоричане невработеноста е најголема е изнесува 33 отсто. Со висока невработеност се и Полошкиот со 28, 5 отсто, потоа Југозападниот со 24, 4 отсто, најниска стапка на невработеност има во Југоисточниот регион со 6,3 отсто. Невработеноста на ниво на држава минатата година изнесуваше 17,3 проценти. Североисточниот регион освен што се карактеризира со најниска просечна плата и највисока невработеност, има и најмногу корисници на социјална помош.

„Во 2018 година, најголем број корисници на социјална парична помош на возраст од 18 години и повеќе е забележан во Североисточниот Регион (30.1 на 1000 население), а најмал во Источниот Регион (9.3 на 1000 население). Просекот во државата изнесува 14, 1 корисник на социјална помош на 1000 жители, стои во публикацијата за регионите на Заводот за статистика.