Околу 3 илјади луѓе во земјава вработени во секторот култура во време на пандемија од коронавирус останаа без здравствено осигурување поради доцнењето од речиси цел месец на јулската плата. Причината за доцнењето беше спроведувањето на колективниот договор, и барањето на министерството за култура на почетокот на август за спроведување на нова систематизација. За Зоран Мијалков вработен во Библиотека во Штип проблемот со платата стана многу сериозен. Во неговото четиричлено семејство каде што неговата плата е единствен приход, правната обврска да биде одјавен затоа што не стигнала на време платата, го оставила без редовната терапија за неговите две деца кои имаат посебни потреби. Во услови на пандемија да останете без здравствено осигурување е навистина голем проблем, вели тој .
„ Ние имаме конкретно среќа што мајка ми ни помага. Последната терапија што на државно ја примаме не можеа ни да ни ја препишат. На сопругата и беше лошо и кога отиде на лекар и рекоа дека нема здравстено осигурување и дека сум одјавен. Тоа е сериозен проблем, особено кога си родител на деца со посебени потреби кое може да добие и напад“ вели Мијалков.
Видете и ова: Софија - И родителите на деца со посебни потреби на протест пред владата
Тој додава дека за суплементи за едниот аутистичен син месечно плаќа по 17 илјади денари, и ако не е помошта од неговата мајка, не знае како ќе излезе на крај.
При последниот работен состанок на синдикатите со министерството за кутлтура беше договорено да започне исплатата на плати согласно Колективниот договор на сите институции кои ја доставиле потребната документација за плати и дека етапно ќе бидат исплатени останатите плати во моментот кога ќе добијат согласност за спроведената систематизација од министерството за информатично општество и администрација. Кај 11 институции каде што не стартувала постапката, синдикатите најавија дека ќе бараат одговорност од директорите. Генералниот секретар на Синдикатот на културните работници Гоце Павловски вели дека проблемот настанал поради неажурноста на институциите во културата и министерството за култура, затоа што од потпишувањето на договорот до неговото спроведување поминаа 6 месеци, со што сите институции имаа доволно време да изработат нови систематизации за работните позиции и пресметки на платите според Колективниот договор.
„ Поради кризата имаше некаков заклучок на владата од 01.04.2020 во кој со многу несмасна формулација се одложи спроведувањето на колективниот договор , каде што се регулирани сите права на вработените до крајот на 2020та, и тоа беше препратено до институциите и настана општ хаос. Многу од институциите не знаеја а можеби и не препознаа, поради некомпетентост дека колективен одговор не може да се одложи со заклучок на владата, затоа што тоа може да го одложат само тие што го потпишале,“ вели Павловски.
Тој додава дека дополнителен проблем е што наместо јулската плата да легне на сметка во почетокот на август од Министерството за култура до инститициите кои се под нивна ингеренција пристигнале писма со барање тогаш да спроведат систематизација и пресметки за плата кои потоа ќе им ги испратат до нив. Таквата ситуација предизвика многу луѓе да останат без здравствено осигурување. Тој објаснува дека целава состојба е деликатна, затоа што на тие што им доцни плата, доколку имаат потреба од лекар, ќе мора да си платат приватно затоа што немаат здравствено осигурување, па потоа да си бараат рефундирање. Доколку немаат пари како членови на синдикат можат и оттаму да побараат помош.
„ Имаше голем револт, каде што се случуваше ситуации двајцата сопружници да се вработени во култура, или двете деца се осигурани на име на еден вработен во култура. Револтот беше огромен, не само што повикуваа на протест туку и на демонстрации, и се обидовме да го амортизираме гневот, очекувајќи дека новата министерка која потекнува од синдикална средина дека ќе ни помогне“, вели Павловски.
Министерката за култура, Ирена Стефоска, ги повика институциите кои немаат донесено нови систематизации во согласност со новиот Колективен договор, тоа да го сторат во најбрз можен рок, и на тој начин да ја почнат исплатата на платите, а со тоа да почнат во целост да го применуваат Колективниот договор кој стапи во сила во јануари 2020 година.
Министерство за култура: Надминат проблемот со платите
Во меѓувреме штипскиот библиотекар Мијалков и натаму чека на негоавата сметка да легне плата за да може да набави терапија за неговите деца. Среќа во ситуацијава што луѓе кои имаат слични проблеми им позајмиле од нивната терапија додека да се реши овој проблем со платата и здравственото осигурување. Тој вели дека го губи трпението во секојнедневните битки со институциите за да може да им обезбеди посигурна и безбедна иднина на децата кои што имаат посебни потреби.