Дали планот на Петков ќе ја забави или забрза македонската интеграција?

Бугарскиот премиер Кирил Петков на првиот состанок на бугарската влада, Софија 14.12.2021

Најавениот нов пристап на бугарскиот премиер Кирил Петков за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје професорот Васко Наумовски вели дека е добар ако се одвива во конструктивен дух. И македонските политичари засега со позитивни оценки.

Шест месеци за решавање на проблемот, работни групи за нови теми и план од девет точки за надминувањето на отворените прашања меѓу Софија-Скопје. Ова со себе го донесе новата бугарска влада како можен начин за надминување на спорот поради кој источниот сосед од лани го блокира напредокот на македонската европска интеграција.

Видете и ова: Од Брисел за Скопје најверојатно ништо ново

Во коалицискиот договор меѓу четирите владини партии на кој се повикува бугарскиот премиер Кирил Петков има девет точки во кои се дефинира бугарската позиција. Некои од нив се поврзани и со нови работни групи покрај досегашната комисија за историски и образовни прашања чија работа веќе подолго време не е плодна поради несогласувањата меѓу членовите на македонскиот и на бугарскиот тим.

Па така, во бугарскиот коалиционен договор се споменуваат и комисии за бизнис во кои би имало бизнисмени од двете страни, за науката и културата се предвидува заеднички културен календар и заеднички научни конференции и како што пишува да се активира работата на билатералните комисии предвидени во Договор за пријателство преку календар за месечни состаноци.

Дали сето ова ќе ги забрза или забави работите?

Според Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и професор на Правниот факултет Јустинијан Први пристапот на новата бугарска влада е поинаков од пристапот на претходната кога доминираа историските теми.

„Доколку духот на комуникација е конструктивен и има цел суштински да придонесе за зближување на двете економии и на деловните заедници од двете страни на границата тоа би можело да придонесе за создавање на подобра атмосфера “вели Наумовски.

Сепак Петков постојано повторува дека бугарската позиција останува, но дека таа ќе биде надградена. Во последното интервју за Фајненшл Тајмс тој е преставен како човек кој „сигнализира дека Софија ќе престане со опструкциите на обидот на Северна Македонија да се зачлени во ЕУ“. Но, истовремено Петков сугерира дека во македонските учебници Бугарија не треба да биде нарекувана фашистичка.

На прашањето дали новиот бугарски премиер ќе ги надмине инсистирањата на претходната бугарска влада за најважни да бидат историските теми, Наумовски за РСЕ вели- треба историчарите да се остават да си ја вршат својата работа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Наумовски:Во пристапот на Петков нема да доминира историјата

„Сите изјави на политичари може да се толкуваат како некаков притисок врз работата на комисијата а ако има политички притисок тогаш историската комисија не би можела слободно да работи. Слободната и независна работа на комисијата може да донесе резултати кои што ќе бидат прифатливи и за двете страни“, вели Наумовски.

Видете и ова: Новата шефица на бугарската дипломатија: Нема промена во ставот за С. Македонија

Инаку, дека Софија останува на позициите од декларацијата донесена во бугарското собрание во 2019 година кажа и новоизбраната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска која рече дека остануваат да се придржуваат до неа.

Во декларацијата која ја изгласаа бугарските пратеници пак се наведува дека ги поддржуваат преговорите за членство во ЕУ за Скопје, но дека услов е признавање на „историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“ .

Македонските политичари со позитивни оцени

Првично на идејата за формирање на работни групи и за други теми нема забелешки од македонските политичари. Премиерот Зоран Заев на Петков во телефонски разговор изразил подготвеност да ја забрзаат комуникацијата и соработка низ повеќе работни групи во областите, како што напиша премиерот на Фејсбук, економијата, културата, здравството, енергетиката, инфраструктурата и други од интерес на македонските и на бугарските граѓани.

Претседателот Стево Пендаровски, кој се наоѓа во посета на Приштина рече дека него му е прифатлив пристапот на новиот бугарски премиер кој, како што рече, заговара историјата да не биде единствениот канал преку кој ние како две соседни држави комуницираме.

„Разговараме за инфраструктура, разговараме за енергетско поврзување, разговараме за економија и за трговска размена, разговараме за европски интеграции, разговараме за човекови слободи и права, разговараме за пандемијата. Меѓутоа, секако не да разговараме за тоа што се случило пред три или пет века. Тоа е модерен пристап кој го поддржувам, се разбира не го поддржувам временскиот рок бидејќи беше најавен за шест месеци, мислам дека проблемот меѓу нас може да се реши за многу покус временски период“, рече Пендаровски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи имаше забелешка. Вели Бугарија има право на вето, но шест месеци е предолг период во контекстот во кој се наоѓа регионот.

„Има многу отворени прашања. Сметам дека тој период нас не ни одговара. Треба да седнеме со Петков и да разговараме што значи тој период. Таквиот пристап требаше да биде одамна. Првата меѓувладина конференција не е ништо поразлична од останатите. Немаше потреба целиот регион да се држи во заложништво“, рече Османи во емисијата 24 анализа на ТВ 24.
Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски пак рече дека е убеден оти на средби на работните групи меѓу Северна Македонија и Бугарија на кои теми би биле инфраструктурата, економијата, културата, образованието ќе може да се покаже дека земјава и во изминатиот период има направено сериозни подготовки.

Како дојде до ова?

Инаку, Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција лани, тогаш главно поради историски нерешени прашања, а со инсистирање Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, дека двете земји имаат заедничка историја, а таа е бугарска.

Видете и ова: Димитров - Постои обврска и Бугарија да не се меша во внатрешните македонски работи

Првата блокада се случи за време на владата предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов. Годинава кај источниот сосед се одржаа три циклуса парламентарни избори, а по првите два немаше можност за формирање на политичка влада во Софија. Со земјата осум месеци раководеше службена влада формирана од претседателот Румен Радев.

Во меѓувреме претседателот и службената влада почнаа помалку да ги истакнуваат историските нерешени прашања, а да инситираат на влегување на Бугарите во македонскиот Устав и на заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарска самосвест.