Нема веќе ѕиври по дома, парното ќе работи и кога надвор е 16 степени

Илустрација

Од почетокот на грејната сезона скопјани се жалат дека дома облекуваат ѕиври и џемпери зашто парното работи колку да се каже. Регулаторната комисија за енергетика сега наложи парното да работи и кога надвор е 16 степени.

И кога надворешната температура преку ден ќе биде до 16 степени целзиусови, БЕГ ќе мора да испорачува парно во домовите, стои во измените, кои ги одобри Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со кои се дополнуваат мрежните правила за дистрибуција на топлина.

Оттаму објаснуваат дека измените следуваат со цел да се зголеми комфорот на потрошувачите приклучени на системот за централно греење кои во услови на пандемија се приморани подолго време да престојуваат во своите домови.

Скопјани на социјалните мрежи од почетокот на грејната сезона од 15 октомври се жалеа дека парното работи само колку да се каже, дека дома носат ѕиври и дека догреваат со греалки и покрај тоа што плаќаат парно.

БЕГ соопшти дека на крајот на октомври три дена имало редукција на испораката на топлина поради ремонтите на мрежата и намалената испорака на гас од Бугарија, но оти од 30 октомври ситуацијата е средена. Сепак, дел од граѓаните не се согласуваат со тоа.

Компанијата Балкан енерџи груп (БЕГ) реагираше дека согласно стандардите температурата во домовите треба да бидат не пониски од 20+1 степени целзиусови и кога надворешните температури се повисоки се испорачува помалку топлинска енергија за да се постигнат овие стандарди.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, вели дека целта на измените е да се зголеми комфорот на потрошувачите приклучени на системот за централно греење кои во услови на пандемија се приморани подолго време да престојуваат во своите домови.

„Ги повикувам компаниите за зголемена општествена одговорност во состојба на пандемија. Воедно ги информирам потрошувачите дека се разгледува можноста за прекршочна постапка поради непочитување одредби од Законот за енергетика и обврските дефинирани со лиценцата за вршење на енергетската дејност“, рече тој.

Според досегашните правила, доколку е времето сончево и мирно, а надворешната температура според локалното мерење во топланите Исток и Запад во 8.30 часот порасне над 10 степени целзиусови, работата на котлите веднаш се прекинува, а циркулационите пумпи продолжуваат да работат уште 120 минути.

Исто така, доколку времето е сончево и мирно, а надворешната температура достигне вредност поголема од 11 степени целзиусови, во периодот меѓу 9 и 14 часот, се прекинува работата на котлите, а пумпите продолжуваат уште 120 минути.