На отворено, на прошетка во парк или покрај кеј, задолжително со маска. Ама на маса во кафеана може и без неа. Иако бројот на гости на една маса е ограничен, останува отворено прашањето која е веројатноста дека во затворен простор во угостителски објект нема да се заразиме, а на отворен простор дури и кога се движиме сами би можеле, ако не носиме маска? Малку не логично. Но мерки има, ама ефектите не се гледаат. Бројките на заразени рапидно се зголемуваат, а јавноста е збунета во однос на последните мерки за спречување на ширењето на корона вирусот.
За ресорното министерство нема ништо контрадикторно или спорно во мерките, напротив сите се универзално прифатени и проверени. Министерот Венко Филипче смета дека сите економски оператори имаат строги протоколи за работа, а нивното почитување докажано обезбедува заштита на граѓаните од Ковид-19, но и непречена работа и функционирање на економијата. Здравствените власти сметаат дека ние сме меѓу малкуте земји кои навремено воведоа протоколи за секоја дејност токму со цел да се заштитиме, но и да продолжиме со работа. Според нив маската на отворено има докажано позитивен ефект во сите земји кои ја воведоа и ја воведуваат секојдневно во есенскиот бран.
Но, дел од стручната јавност се сомнева во логичноста и оправданоста на овие мерки. Докторот Никола Пановски вели дека мерките се нелогични и од медицински и од економски аспект.
„Комисијата како стручно тело треба да се држи до медицината. Нејзин предлог според мене треба да биде да се затворат кафаните и тогаш може да се каже дека овие мерки кои не влијаат директно на ширењето како како што се носење маска на отворено, барем да имаат некаква логика. На овие бројки апсолутно е потребно да се затворат угостителските бјкети, да се воведе полициски час, навистина ризикот е реален“, вели доктор Пановски.
Целосно затворање на кафаните и полициски час засега не се предвидува, а според надлежните, протоколите се прават за да се овозможи непречено функционирање на економијата. Но, Пановски вели дека двете работи се поврзани една со друга и дека доколку продолжи да расте бројката на заболени на дневно ниво, секоја фирма, дуќан и слично ќе се соочи со недостиг на вработени. Значи, ако не се спречи ширењето на вирусот, бројот на нови случаи ќе доведе до пад на економијата, смета Пановски.
Видете и ова: Може ли по телефон да се лекува корона?Од пред два дена почна спроведувањето на анти-ковид мерките усвоени од Владата, угостителските објекти да се затворат во 21.00 часот, граѓаните да не се движат непотребно и да не се собираат повеќе од четири лица.
Во меѓувреме, бројот на заразени постојано расте. Болничките капацитети се преполни, некои одделенија се претвораат во ковид центри, а здравствениот персонал е на крај со силите.
Извори од болницата во Куманово велат дека сликата во двата ковид центри е застрашувачка и дека се примаат само најтешките случаи кои имаат проблеми со дишењето и кои мораат да примаат кислородна поддршка. Лекарите дежураат и по 48 часа без престан, а проблем станува и недостигот на медицински персонал.
Докторот Пановски вели дека состојбата е алармантна и дека се чини оти државата ја губи контролата над пандемијата.
„Тука некаде, на граница сме. Штом директорите на клиниките почнуваат да се жалат по медиумите, а на нив вообичаено им се кажува да зборуваат се најдобро, тогаш е јасна работата. Затоа се отвораат и нови одделенија, нов персонал, мислам дека ќе се издржи, но кој ќе биде квалитетот на лекувањето и колку тоа ќе има ефект, тоа е друго прашање,“ вели доктор Пановски.
Здравствените власти вчера објавија дека се регистрирани 1.275 нови случаи позитивни на коронавирус од направени 3.331 тестирања, со што вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата се искачи на 36.372 лица. Починати се 13 пациенти во изминатото деноноќие, еден надвор, а сите други во болнички услови. Вкупната бројка на смртни случаи од Ковид-19 во земјава е 1.084 лица.
Во моментов во земјава има 12.762 активни случаи на коронавирус, од кои најмногу се во главниот град Скопје, соопшти Министерството за здравство.
Откако во последните недели се зголеми бројот на новозаразени, многу европски земји презедоа построги мерки. Белгија ги затвори сите неесенцијални продавници и угостителски објекти и воведе полициски час. Чешка прогласи вонредна состојба, полициски час и ограничување на работното време на продавниците. Грција воведе полициски час и мини карантин во најпогодените области, а Франција воведе целосно затворање. Шпанија воведе полициски час и други рестрикции, а и Португалија размислува за вонредна состојба. Словенија затвори неесенцијални продавници и забрани собири на повеќе од 6 лица. Косово донесе одлука за затворање на трговските центри и угостителските објекти од 21 до 5 часот, а Австрија ги затвори баровите и рестораните, базените, спортските сали и фитнес центрите.