Отворени листи за одговорни политичари и партиска независност

Предвремени парламентарни избори јули 2020

Воведувањето отворени листи за советници на следните локални избори според аналитичарите Дујовски и Селими се добра можност за добивање поодговорни политичари и демократизација на партиите. Идејата е прифатлива и за партиите, но дел од нив бараат таа да се примени и на парламентарните избори

Отворените листи на кандидати се добра можност граѓаните да ја изберат личноста за која сметаат дека е најдобро решение, но и обид за демократизација внатре во партиите, коментираат домашните аналитичари, откако деновиве министерот за правда Бојан Маричиќ најави можност на следните локални избори да се гласа со отворени советнички листи. Тоа пак, според министерот, би претставувало вовед кон реализирање на заложбите за промена на изборниот модел и воведување една изборна единица.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски очекува отворените листи да ни донесат поодговорни политичари.

„Отворените листи за советници ќе значи дека јас во мојата локална заедница ги познавам луѓето што се на листа и можам соодветно да изберам кој ценам дека ќе биде најдобар. Еден од сегментите како се станува одговорен политичар е и тоа. Затоа што кога политичарот ќе знае дека секој граѓанин може да го избере него без разлика на која позиција на листата се наоѓа ќе биде со различен принцип и во кампањата, но се разбира и после тоа“, вели професорот Дујовски.

И според политичкиот аналитичар Сефер Селими од „Демокраси лаб“ отворените листи се добар модел кон промена на изборниот систем. Тие според него ќе го зголемат квалитетот на кандидатите, но ефектот би бил поголем ако истите се применат и на парламентарните избори.

„Отворените листи подразбираат дека самите кандидати ќе бидат принудени да бидат поблиску до граѓаните во изборната кампања и да се изборат за нивната кандидатура и со тоа се обврзуваат да останат во контакт со нивните гласачи. Од друга страна, се одзема ексклузивното право на партиските раководства да ги бираат кандидатите во изборната листа и со тоа да ја купуваат нивната лојалност кон партијата“, изјави Селими.

Видете и ова: Пратеници кои нема да бидат само притискачи на тастери

Аналитичарите се надеваат на долгорочни ефекти и целокупна демократизација на општеството.

Што точно значат отворените листи?

Отворена листа значи дека гласачите можат да гласаат за оној кандидат за пратеник или општински советник за кого тие сметаат дека е најдобар, без разлика на кое место на гласачкото ливче се наоѓа таквиот кандидат. Во сегашниот изборен систем имаме затворени листи каде што гласачите гласаат за една партија или коалиција и со тоа немаат можност да преферираат одреден кандидат од истата партија. Тоа значи дека на крајот на изборниот процес, пратеници стануваат само оние кандидати кои се највисоко на листата и во зависност од освоените гласови на партијата.

Во моделот со отворени листи пак, пратеници стануваат оние кандидати кои добиле најмногу поединечни гласови од гласачите. Тоа според упатените значи дека отворените листи значат поддршка за личност, а затворените поддршка за партија.

Видете и ова: Малите партии со мали шанси за пратенички места

Отворените листи, значат и повеќе простор да се слушне мислењето на секој гласач, а граѓаните би имале избор да гласаат токму за оној кандидат кој ним им се допаѓа. На тој начин пак би се намалила улогата на партиските раководства во номинирањето „сигурните“ пратенички места од врвот на листата. Од друга страна, експертите сметаат дека има реален ризик на некои квалитетни кандидати за пратеници (кои немаат своја локална поддршка) да им бидат драстично намалени шансите да бидат избрани.

Министерот Маричиќ отворените кандидатски листи ги најави како чекор напред кон промена на Изборниот модел и воведување една изборна единица. Некои од аналитичарите пак сметаат дека предлогот за една изборна единица заедно со отворени листи е невозможен, бидејќи, во тој случај, секоја партија ќе поднесе листа со 120 кандидати и на тој начин гласачот ќе се соочи со огромен број кандидати. Затоа сугерираат да има една изборна единица, но за да има отворени листи ќе треба да се направи некаков хибриден модел со преференцијално гласање.

Партиска поддршка за отворени листи

Во однос на тоа кога може да се очекуваат измени на Изборниот законик, министерот за правда Бојан Маричиќ деновиве изјави дека тоа ќе зависи од волјата на поголемите политички партии.

„Верувам дека може да постигнеме согласност за наредните локални избори во октомври да овозможат еден степен повеќе на демократизација, односно листите да бидат отворени и да се гласа со преференцијални гласови. Тоа ќе биде еден чекор напред кон желбата и определбата којашто ја имавме пред овие избори, за сосема отворени кандидатски листи и за една изборна единица“, изјави неодамна министерот Маричиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека отворените листи и една изборна единица преставува солидна основа за разговори за промена на Изборниот законик. Тие предлагаат локалните избори да се оддржат во еден изборен круг со цел да се заштедат пари на граѓаните во период на тешка економска криза и да се заштеди време во кое ќе се спроведе изборниот процес. Оттаму додаваат дека е крајно време еднаш засекогаш да се регулира гласањето на дијаспората.

Од ДУИ велат дека се првата партија која поддржала отворени листи, а истото го велат и од опозициската Алијансата за Албанците, од каде додаваат дека ова решение треба да се примени и на парламентарните избори, откако за него ќе се постигне консензус од сите политички чинители.

„Сметаме дека ова е добро решение, дека ќе се демократизираат партиите, дека претставниците кои ќе не претставуваат ќе имаат авторитет и на некој начин и самите лидери не ќе можат да ставаат луѓе кои им се лојални, а и самите институции на некој начин ќе бидат понезависни од политичките влијанија, вели портпаролот на Алијанса за Албанците“, Флакрон Беџети.

Инаку, во земјава моментално се гласа по пропорционален изборен модел со 6 изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници. Со ваков начин мали се шансите за помалите политички партии, кои, и покрај тоа што освојуваат одреден квантум гласови, сепак остануваат без пратеничко место. Таков беше и примерот на ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски кои на изборите во 2011 година добија 28.000 гласови, но остана без ниеден пратеник.