Достапни линкови

Пратеници кои нема да бидат само притискачи на тастери


Седница на Собранието.
Седница на Собранието.

Потребни се пратеници кои нема да бидат само продолжена рака на партиите, велат поранешни и сегашни пратеници во пресрет на новите парламентарни избори. Овој пратенички состав ќе остане запаметен по „крвавиот четврток“, гласањето за промена на името и „бегството“ од клучните реформи.

Чесни луѓе, кои интересот на државата ќе го стават на прво место и ќе гласаат по сопствено размислување, а не да бидат само гласачка машинерија. Вака отприлика нашите соговорници го сликаат прототипот на тоа каков треба да биде еден пратеник. На сегашниот собраниски состав мандатот му истекува за некој ден. Собранието треба да се распушти на 12 февруари, за да може да се одржат предвремени парламентарни избори, предвидени за 12 април. Тоа ќе бидат петтите по ред предвремени избори. Во последните години стана практика политичките кризи да се решаваат со избори. Па од 2008 наваму сите парламентарни избори се предвремени. Одлуката за овие предвремени избори падна откако земјата минатиот октомври не доби датум за почеток на преговори со ЕУ.

Не зборуваат, само гласаат

Пратеници кои само доаѓале на работа, а не отвориле уста, а има и таква кои повеќе отсуствувале, отколку што биле на седници, покажува собраниската публикацијата „Мој пратеник“. Според последниот број од публикацијата, кој се однесува на втората половина од 2019, само дваесетина од 120-те пратеници биле активни на седниците, постапувале прашања, поднесувале амандмани.

Каков пратеник ни е потребен?

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски вели дека сега лидерите на партиите се договараат, а пратениците само гласаат.

„Парламентот нема шанса да го измени договореното од лидерите на партиите, и тогаш го имате она што го имаме – пратениците се претворија во обична, продолжена рака на политичките партии, а Собранието нема никаква друга моќ освен да го одигра танцот на музиката, односно да го гласа она што претходно се договориле лидерите на политичките партии“, вели Петковски.

Тој додава дека тоа се гледало и преку договорот за овие избори, кога лидерите се договорија на средба кај претседателот на државата, без на средбата да биде присутен претседателот на Собранието, а Парламентот е тој кој по Устав распишува избори.

Поранешниот пратеник Насер Зибери, кој во собраниските клупи седеше во три парламентарни состави, вели дека овој пратенички состав ќе го памети по начинот на кој беше конституирано Собранието. Потоа тука е промената на Уставот и неможноста да се донесат некои круцијални закони, како законот за Јавно обвинителство и законот за одбрана, со кои би отвориле перспектива за интеграција на земјата, вели Зибери. Поранешниот пратеник вели дека од 2002 година парламентарните состави повеќе се врзани за партиска дисциплина, а многу помалку за слободното размислување.

„Добиваме пратеници кои малку се посветуваат на својата работа и како резултат на тоа се претвораат во роботи и во гласачка машинерија на извршната власт“, вели Зибери.

Тој додава дека во собранието е потреба квалитетна дебата, која ќе резултира со заклучоци и одлуки, а не одолговлекувања и непродуктивни говори.

„Ќе треба да помине уште време тоа да се случи, да се промени изборниот модел кој ќе фаворизира поединци, квалитет и стручност, а не партиската послушност, овој изборен модел, за жал, не дава гаранции дека можеме да имаме таков квалитет на пратеници и таков профил на претставник на народот“, вели Зибери.

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, која е дел од предлагачите на измените на Изборниот законик и која има долг пратенички стаж, вели дека овој пратенички мандат и бил најнепријатен во кариерата. Насилството во парламентот во април 2017, потоа лошите говори и меѓусебните навреди се работите по кои таа ќе го запамети овој собраниски состав. Поповска вели дека граѓаните ќе кажат каков пратеник и треба на земјата, но, како што вели, во тоа би требало да биде човек кој ќе биде посветен на Македонија.

„Луѓе кои што ќе бидат посветени на државата, и кои ќе го стават општиот интерес, интересот на граѓаните пред својот личен интерес и чесни луѓе во секој случај“, вели таа.

Крвав четврток, промена на името и бегство од клучните реформи

Овој состав на Собранието е избран на изборите одржани на 11 декември 2016 година. Но со месеци не можеше да се избере претседател на институцијата и да се формира влада. Актуелниот пратенички состав ќе биде запаметен по начинот на кој беше конституирано собранието, на 27 април 2017, или познат како „крвавиот четврток“. По неколкумесечната криза по изборите и неможноста Никола Груевски да состави влада, во Собранието на 27 април за претседател беше избран Талат Џафери, демонстранти упаднаа во собраниската зграда, откако пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги отворија вратите на законодавниот дом, пратеници и новинари беа држени затворени, раководството на СДСМ заврши со раскрвавени глави, а пратеникот Зијадин Села беше претепан. За собраниските настани следуваше амнестија, па обвинетите пратениците беа амнестирани. Дел од амнестираните пратеници потоа гласаа за промена на Уставот со што беше променето името на државата. Овој собраниски состав освен Договорот со Грција за промена на името, го изгласа и Договорот за добрососедство со Бугарија, но ќе остане запаметен и по блокирањето на важни закони.

Пратениците имаат уште неколку работни денови, но имаат уште многу незавршена работа, како законот за Јавно обвинителство, законот за одбрана, ратификацијата на протоколот за членство во НАТО, а во собраниска процедура се и измените на Изборниот законик. Предлозите за измена на Изборниот закони предвидуваат една изборна единици за парламентарните избори, наместо сегашните шест и отворени листи за советници и еднаков број на мажи и жени на листите за локалните избори. Но за овие измени има поднесено илјадници амандмани и нема консензус меѓу партиите. Предлозите се поднесени од помалите парламентарни партии, тие добија поддршка и од СДСМ, но ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа околу 6000 амандмани со кои се кочи промената на изборниот модел.

Ѓорчев најактивен, Тачи и Ахмети со најмногу отсуства

Според публикацијата „Мој пратеник“, може да се заклучи дека најголем дел од пратениците доаѓаат на работа, но не пуштаат глас, односно не се обратиле на собраниска говорница, не зеле збор во работните тела, ниту пак поставиле пратеничко прашање. Има такви пратеници кои повеќе отсуствувале, отколку што биле присутни на седници. Според последниот број на публикацијата, кој се однесува на втората половина од 2019, најактивен бил пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев. Најмногу отсуства имаат лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи. На листата со нив е и пратеникот Борис Змејковски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во тој период само еднаш бил присутен, а има 54 оправдани отсуства.

Пратеникот Артан Груби од ДУИ има едно оправдано и 18 неоправдани отсуства. Африм Гаши од Алтернатива има 24 оправдани и 21 неоправдано отсуство, а 10 пати бил присутен.

Меѓу најактивните се и пратениците Илија Димовски, Никола Мицевски, Жаклина Пешевска, Јагода Шахпанска , Благица Ласовска, Снежана Калевска Ванчева, Трајчо Димков, Магдалена Манаскова, Хари Локвенец.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери неодамна на брифинг со новинарите рече дека е задоволен од работата на Парламентот.

„Задоволен сум, зошто да не бидам задоволен“, рече Џафери.

За време на овој парламентарен состав пратеникот Павле Богоевски си даде оставка, откако во јавноста протече компромитирачки телефонски разговор, за кој тој потоа објасни дека станува збор за нарачка на масло од канабис. Оставка во последен момент пред да биде разрешен си поднесе и пратеникот Никола Груевски, откако побегна од државата и доби азил во Будимпешта. Меѓу пратениците има обвинети и осомничени во случаи на СЈО, потоа потпретседателката на Собранието Фросина Ременски е осомничена за случајот „Меѓународен сојуз, има амнестирани пратеници, пратеници кои биле зад решетки.

Во публикацијата „Перцепција на граѓаните за работата на Собранието 2009 -2019 на Институт за Демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), се наведува дека граѓаните го оценуваат Собранието со средната оценка околу 3 (1 е најлоша, 5 е најдобра).

Скоро половина од испитаниците, во последните 10 години, имаат негативна перцепција во однос на контролата на Собранието врз извршната власт. Резултатите укажуваат дека мнозинството испитаници изјавиле дека Собранието е делумно или целосно затворено за учество на јавноста во неговата работа.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG