Од први јануари 2022 година граѓаните на Албанија, Македонија и Србија, слободно ќе може да минуваат на граница, а ќе се отворат можности за слободен протек на стока и капитал, без дополнителни административни процедури. Со потпишување на неколку договори, меѓу кои договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, кој ќе овозможи воведување единствена работна дозвола за граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија, заврши седмиот самит на иницијативата „Отворен Балкан“ во Тирана.
Тројцата лидери Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев потпишаа и договор за поврзување на системот за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан. Дополнително беа потпишани и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарната и безбедноста на храната и животните.
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека со потпишувањето на договорите „се отвора нова ера на Балканот“.
„Денеска отворивме нова ера на Балканот. Со попишаните договори од јануари 2022 година граѓаните на нашите три земји, Албанија, Македонија и Србија, слободно ќе може да минуваат на граница. Исто така се отворат можности за слободен протек на стока и капитал, без да имаат потреба трипати да обезбедуваат документи кои се поврзани со увозот и извозот. Со договорите се обезбедува увоз-извоз и на земјоделски прозводи и жив добиток врз основа на реципроцитет. Се што е во сржта на иницијатвата е во интерес на нашите граѓани,“ рече домаќинот Рама.
На самитот беа потпишани и договорот меѓу владите на Северна Македонија и на Албанија за взаемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти за сигурност и безбедност (АEOС), како и договорот меѓу албанската и српската влада за заемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти (АЕОС).
Видете и ова: Отворен Балкан во практика никако да се отвориПремиерот Зоран Заев истакна дека „Отворен Балкан“ е процес од кој нема враќање. Тој објасни дека веднаш штом се ратификуваат договорите од парламентите, граѓаните од трите земји ќе можат слободно да се движат и работат во секоја од трите земји.
„На овој начин придобивките ќе ги почувствуваат илијадници семејства од овој регион. Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска да го европеизираме регионот. Најдобрите европски практики ги применуваме дома, зошто ние сме Европа. Покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции, што несомнено го покажува нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи“, рече во своето обраќање премиерот Зоран Заев.
За во иднина, пак, тој најави дека во рамки на иницијативата ќе се остварат соработки и во други области, како што се: туризмот со давање заеднички туристички аранжмани кон светските пазари и со развивање на винскиот туризам, филмската индустрии преку формирање буџет од трите држави за филмската индустрија со цел копродукции од трите држави да аплицираат, понатаму младинска соработка преку организирање настани, заеднички летувања итн.
Тој и официјално го потврди заминувањето од премирската функција и рече дека овој настан му е последен од оваа позиција.
Српскиот претседател Александар Вучиќ пак ги повика Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина да се вклучат во „Отворен Балкан“ .
„За нас е важно да продолжиме да работиме, да ги укинуваме таксите, да ги избришеме границите меѓу нас, да привлекуваме инвеститори од разни области. Поканата останува и до Сараево, Подгорица и Приштина да ни се приклучат. Не преку политички притисоци, или политички инаети, тука тоа да го направиме на задоволство на нашите граѓани. Не мора да се сакаме, но треба да се почитуваме. Ќе продолжиме со оваа иницијатива затоа што вложивме многу труд во оваа иницијатива и ќе го сфатите тоа, кога после неколку години ќе ги видите резултатите што ќе ги постигнеме. Направивме иницијатива која ќе го промени лицето на Западен Балкан“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека договорите ќе ги направат земјите учеснички попривлечни за странските инвеститори.
Ден претходно пак во авторска статија за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ тројцата лидери, ја повикаа новата германска влада да ја поддржи иницијативата „Отворен Балкан“.
„Се надеваме дека новата влада во Германија ќе ја прифати и поддржи иницијативата Отворен Балкан како придонес за целосно спроведување на Берлинскиот процес, изјавија тројцата лидери“, а пренесе Дојче веле.
Во текстот тие истакнуваат дека Европа не е само континент, туку и визија, но оценија дека граѓаните на Западен Балкан „кои се значаен дел од континентот и таа визија“ предолго се исклучени и игнорирани.
Пред албанската влада во Тирана пак вчера се одржаа протести против иницијативата, организирани од албанската опозициска Демократска партија на поранешниот премиер Сали Бериша.На протестите беше запалено српското знаме. Бериша пред неколку дена преку социјалните мрежи ги повика Албанците да дојдат на протестот, нарекувајќи ги национални протести насочени против, како што рече, „антиалбанското сценарио“. За палењето на српското знаме, Вучиќ оцени дека „албанската држава реагирала навремено и одговорно.
Инаку на Самитот во Тирана учествуваа и комесарот за проширување и соседски политики на ЕУ Оливер Вархеји, генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мејлинда Брегу, претставници на стопанските коморите на Албанија, Северна Македонија и Србија, како и голем број претставници на деловните заедници од трите земји и регионот.
Следниот состанок на иницијативата ќе се одржи во февруари следната година во Македонија.