Османи- црвената линија со Бугарија не сме ја преминале

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на владина седница

Министерот за надворешни работи Бујар Османи пред собраниската комисија за надворешни работи го даде годишниот отчет. ВМРО-ДПМНЕ со низа забелешки.

Tурбулентна, тешка година обременета со постојана криза. Со овие зборови министерот за надворешни работи Бујар Османи ја оцени годинава што изминува.

Во годишното обраќање пред собраниската комисија за надворешна политика тој забележа дека сепак, земјава годинава го исплолнила „генерацискиот сон“, со тоа што стана членка на НАТО.

Голем дел од говорот, но и прашањата на опозицијата беа за актуелниот проблем со Бугарија, поради кој, пак, годинава заврши со неуспех на европскиот пат.

Разговорите со источниот сосед продолжуваат, рече Османи, кој појасни дека работните групи од министерствата за надворешни работи на двете земји досега размениле документи во форма на предлог меморандуми, нон-пејпери и предлог декларации без, како што рече, да предизвика нарушување на идентитетските атрибути на македонскиот народ, македонскиот јазик, како дел од современата актуелност на Република Северна Македонија.

„И оваа црвена линија не само што никогаш не сме ја преминале, туку под целосна одговорност ви тврдам дека за овие прашања никогаш не сме ни преговарале“, рече Османи.

Видете и ова: Османи за изјавата на Захариева-имаме јасна поддршка од останатите 26 членки на ЕУ

Обраќањето на Османи во комисијата доаѓа по неколку обиди на опозицијата да организира седница на парламентот на која би се разговарало за отворениот проблем со Бугарија, поради кој владата во Софија одлучи да ги блокира македонските евроинтеграции.

Затоа прашањата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беа главно околу тој проблем. Претседателот на комисијата и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски праша кој ќе ја сноси политичката одговорност за тоа дека земјава не доби преговарачка рамка, ниту датум за преговори.

„Министерот Османи, премиерот Заев и министерот Никола Димитров пред целата македонска јавност не само што обзнанија дека имаме датум за почеток на преговорите со ЕУ, туку имаше и своевидни прослави на тој датум, имаше билборди, музички настани, и слично. Истиот министер денес пред нас кажува дека датум нема. Сметам дека доколку ја лоцираме таквата политичка одговорност, ќе можеме полесно да се носиме со предизвикот во текот на 2021 година“ рече Милошоски.

Видете и ова: Борисов со порака до Заев преку Бучковски: Две теми ги уплашија Бугарите

Иванка Василевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека е срамно што владата го назначила поранешниот премиер Владо Бучковски за преговарач со Бугарија и дека тоа било понижувачки за Османи. Го праша министерот и за нонпејперот кој го даде македонската влада, но Османи одговори дека не може да навлезе во дебата за нешто се додека тие документи не се основа за некој договор, остануваат само идеји.


„За Бучковски, мислам дека тенденциозна е вашата констатација, дека тоа е обид за понижување, напротив, идејата за назначување на човек кој што ќе се занимава само со ова прашање беше моја идеја во координација со премиерот“, рече Османи.

Инаку, тој нагласи дека му претставува посебна чест и гордост што ја добил довербата да биде првиот Албанец – Министер за надворешни работи на земјата и нагласи дека особено сега му е драго што и за прашањето со Бугарија сите етнички заедници биле сплотени.

За 2021 годината и односите со Бугарија, Османи најави дека сѐ уште најдобрата опција останува со добра волја да се интензивира спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а дека во почетокот на годината се планира одржување на состанок на Меѓувладината комисија за спроведување на договорот.