За што ги трошат парите општините?

Илустрација,

Начинот на кој што локалните власти ги трошат државните пари покажува дека нема рамномерен развој на општините. Градот Скопје заедно со 13 други општини трошат една половина од парите за јавни набавки, оставајќи им ја другата на 67 општини, покажува дата базата на Центарот за граѓански комуникации.

Општините најголемиот дел од парите ги трошат на пари за плати за администрација и тековни трошоци меѓу кои спаѓаат и трошоците за образование , а потоа и за јавни набавки со кои се подобрува квалитетот на животот на граѓаните. Капиталните инвестиции, јавните набавки, привремени вработувања, нафтени деривати, се само еден дел од општинските буџети. За градежни работи, услуги и стоки сите 80 општини и Град Скопје лани потрошиле вкупно 126 милиони евра, од кои најмногу пари потрошила најголемата општина Град Скопје која брои половина милион жители.

Локалните власти потрошиле речиси 80 милиони евра од општинските буџети за градежни работи, додека 31 милион евра се потрошени за услуги, а 19 милиони евра биле наменети за набавка на стоки, покажуваат податоците од дата базата за јавните набавки во општините за 2019 година, на Центарот за граѓански анализи. Од скопскиот буџет во вредност од 106 милиони евра, 21 милион евра се потрошени на јавни набавки од кои половина се за градежни работи. Според тендерите кои ги анализиравме, урбаните општини најмногу трошат на одржување и реконструкција на патишта, некои и неколку пати во еден мандат, додека пак, руралните трошат на изградба на водоводни и канализациски мрежи.

Видете и ова: Топ 10 корисници на државна помош


Најмногу пари потрошил Град Скопје, додека најмалку пари потрошила општината Сопиште која лани потрошила само 9 илјади евра за јавни набавки што е 0,01 процент од буџетот со кој располагала. Веднаш по неа е општина Арачиново со 26 илјади евра кои биле наменети за одржување на службените автомобили и зимско одржување на улиците.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации која беше дел од тимот што петта година по ред ја изработуваа оваа дата базата вели дека нивното истражување покажува дека во текот на изминатата година во однос на претходната пораснале разликите меѓу општините и парите кои што ги трошат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

„Станува збор за големи разлики, произлегува дека жителите во различни општини во една иста држава им се овозможува различен квалитет на живот. Факт е дека тендерите се единствениот начин преку кој општините ги вложуваат парите во подобра инфраструктура, и во подобрување на квалитет на живот во тие општини. Така што ако во Сопиште и Арачиново се трошело во 2019 година по две евра од глава на жител, а во Новаци по 488 евра по глава на жител, се разбира дека разликата е голема.“ вели Факиќ.

Таа додава дека повторно се забележува трендот на голема концентрација на трошење на јавните пари во Скопје, а многу помалку во другите општини.

Поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека локалните власти се должни да им даваат отчет на граѓаните за што ги трошат парите, но честопати не го прават тоа.

„Градоначалниците понекогаш се како шерифи на дивиот запад, овде елементот на казнување и контролата на начинот на тоа како се трошат парите на граѓаните затајува, и затоа тие се однесуваат на таков начин“, вели Муса.

Топ 10 општини потрошувачи

Според буџетите и потрошувачката на ранг листата на трошаџии на прво место е најголемата општина Град Скопје под раководство на Петре Шилегов од СДСМ која брои половина милион жители. На второто место е Тетово со потрошени 5, 4 милиони евра од кои 2 милиони биле наменети со фирмата Дрисла за депонирање на комуналниот отпад од село Фалиште, пред да биде преземена фирмата од градот Скопје. На трето место е Битола со склучени 160 договори за јавни набавки од вкупна вредност од 5 милиони евра. Следуваат Кавадарци чии договори изнесуваат 4,7 милиони евра, Прилеп со 4,5 милиони евра, Липково со 3,3 милиони евра, Куманово со 3,1 милион евра, Штип со 3 милиони евра, Струмица со нешто под 3 милиони евра и Аеродром со 2,9 милиони евра.

Видете и ова: Лекари, бизнисмени и службеници во трка за градоначалници


Според тоа како трошеле општините половина од парите за јавни набавки во 2019 година ги потрошиле Градот Скопје и само 13 општини наспроти 67-те преостанати општини кои заедно ја потрошиле другата половина.

Во 2016 година кога мнозинството градоначалници беа од тогашната владејачка коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од општинските каси за јавни набавки беа потрошени 142 милиони евра од кои една третина завршиле во само 10 фирми.

Првото место и тогаш му припаднало на Град Скопје под раководство на Коце Трајановски со потрошени 14 милиони евра за јавни набавки, покажува дата базата за јавните набавки на општините за 2016 година на Центарот за граѓанск комуникации.

Најголемите добитници на тендери во време на ВМРО- ДПМНЕ и на СДСМ

Со промената на локалната власт се смени и листата на градежните компании кои беа на топ листата од најчести тендерџии, но и на листата на фирми кои на општините им продаваа разни услуги. Најмногу пари од скопската каса лани легнале на фирмата Ју Бај 2 Амет за пет договори за јавни набавки во вредност од 3 и пол милиони евра. Станува збор за реконструкција на булеварите „Никола Карев“ и „Партизански одреди“ и “Крсте Петков Мисирков“ и атмосферска канализација на булевар „Христијан Тодоровски Карпош“. Според податоците од Централниот регистар што ги објави „Фокус“, оваа компанија е основана во 2000 година со седиште во скопски Сарај, а како единствен сопственик и управител се јавува Амет Бајрами од селото Бојане.

Вкупната вредност на јавни набавки добиени од Град Скопје, општина Сарај и Ѓорче Петров што ја прават лидер на листата Ју Бај е 4,2 милиони евра. Претходно, во 2016 година, оваа компанија според дата базата имаше заработка од 2,1 милион евра од 14 договори со општини и беше на осмото место.

За споредба во 2016 година на прво место со потпис на градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ на прво место со најмногу договори беше фирмата Вардар Градба во вредност од 7 милиони евра. Вкупната вредност на договорите што Вардар Градба ја става на прво место со сите општини изнесува 9 и пол милиони евра.

На второто место лани застанала компанијата Пуцко Петрол која со продажба на нафта и горива на општините заработила речиси 2, 7 милиони евра.

За споредба во 2016 година од општинските буџети оваа фирма во сопственост на синот на градоначалникот на Пласница од редовите на ДУИ Исмаил Јаховски добила 1,5 милиони евра.

Од друга страна пак, на второ место на ранг листата на топ фирми во 2016 година беше градежната фирма Бауер БГ со 33 јавни набавки во вредност од 7, 350 милиони евра. За споредба, лани оваа фирма од скопскиот буџет добила 900 илјади евра за изградба на булевар АСНОМ.

Бронзата лани отиде кај штипската компанија Коле Транс инженеринг која од 10 општини исклучиво од Источна Македонија за 29 договори наплатила 2,6 милиони евра.

Од друга страна, пак во 2016 година третото место го доби градежната компанија Гранит потпишувајќи договори со Битола, Прилеп, Струмица, Скопје и скопската општина Центар во вредност од 6,5 милиони евра.Лани Гранит од скопската каса наплатил само 225 илјади евра.

Четвртото место во 2019 година го добива фирмата Градба промет Кавадарци со заработени 2,5 милиони евра, додека во 2016 година оваа фирма заработила само 356 илјади евра од Кавадарци и Неготино.

За споредба во 2016 година на ова место стоеше Жикол Струмица со наплатени 5,2 милиони евра од вкупно 31 договор. Лани на оваа компанија опаднал наплатениот профит од државна каса на 2,1 милион евра со што падна на шестото место.

На последното петто место лани застана Еуро Инвест ИНГ Тетово со 10 добиени тендери во вредност од 2, 2 милиони евра додека во 2016 година од општините Тетово, Врапчиште Карпош и Боговиње наплатила речиси еден милион евра.

Последното место во 2016 година од топ 5 фирми добитници на тендери го доби Пелагонија ад Гостивар со профит стекнат од државни пари во вредност од 2,6 милиони евра. За споредба оваа фирма профитот и опаднал за еден милион.

Гледано од аспект на бројот на склучени договори во 2019 година неприкосновено на врвот е фирмата Рики-Јуниор од Кочани со дури 67 договори. Но големиот број договори е во вкупна вредност од 155 илјади евра. На второ место е Македонски Телеком Скопје со 41 договор во вредност од милиони 668 илјади евра и Пуцко Петрол со 39 договори.

Во 2016 година најмногу договори со општините склучиле со компанијата Геинг Кребс унд Кифер интернешнл. Таа склучила 52 договори за јавни набавки во вредност од 347 илјади евра. Веднаш по нив на листата Техно Шоп Гевгелија со 40 договори во вредност од 23 илјади евра, и Ескаватори со 38 договори тешки 2,4 милиони евра.