Достапни линкови

Арсовска – Фактури има, пари нема


Арсовска – Над 99 проценти од фирмите се погодени од кризата
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:29 0:00

Арсовска – Над 99 проценти од фирмите се погодени од кризата

Главен проблем со кој се соочуваат компаниите во моментов е ликвидноста. Има голем број компании коишто имаат генерирано фактури по основ на обврски дека дале некаква услуга или некаков производ, меѓутоа наплата за тоа коешто го побаруваат сè уште немаат и тие се неликвидни, вели претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Арсовска, исплатена ли им е целосно помошта на фирмите за плати?

Она што ние го имаме како информација е дека има исплати за средствата за платите за месец април, односно тоа не се практично средства за плати, туку се наменети како финансиска поддршка за работодавачите коишто би требало да се наменат за извесна помош во уделот на плати, затоа што сумата е премногу мала, таа е 14.500 во бруто, којашто не е доволна да задоволни ниту минималната плата, така што тие средства верувам дека им се добредојдени на секој оној кој ги очекува, не само поради тоа што имаат проблеми со ликвидноста оние компании кои во овој момент беа целосно затворени, туку затоа што имаат и други трошоци, не се овие единствените трошоци коишто ги имаат, само по основ на платите кои треба да се исплатат на вработените. Исто така треба да се размислува што е она што следи во месеците. А во делот што и како е исплатено, знаеме дека се отпочна со исплатата на оние бескаматни кредити од Ковид 1 преку Развојната банка, додека оние од вториот Ковид-2 пакет којшто беше предвиден сè уште се во фаза на разгледување и донесување на одлука на колку ќе се додели, па понатаму следи потпишување на договори, така што до овој момент она што го имаме како информација од терен е дека се исплатени поддршката финансиска за плати и дел за придонесите на оние кои беа затворени за месеците април, сега се аплицираше непосредно и за мај и од програмата Ковид 1 за финансирање со бескаматни кредити.

Колку микро и малите компании имаат ресурси за да ги искористат мерките кои што им се нудат?

Тие сега во овој момент не бараат средства за развој, тие сегменти од нивното работење се ставени на страна. Тие бараат начини како да преживеат и затоа беше иницијално неопходно да им се помогне без ставање на какви било високи критериуми или услови кои тие не можат да ги исполнат. Сега во овој момент гледаме дека тоа беше пречка, затоа имаше извесни измени во овие уредби кои беа донесени и веруваме дека и понатаму се она што ќе биде достапно за претпријатијата и претприемачите како помош треба да биде без строги услови како помош, како тие би можеле да аплицираат. Кај нив најважното нешто е дека немаат човечки ресурси, немаат капацитети ниту да ги доследат сите овие прописи кои се менуваат од ден на ден, имаме најголема бројка на измени на закони во изминатите две години споредбено со минатите години во Македонија и човечките капацитети пред сè, на микро, малите и средни претпријатија не се такви да може да ги следат сите овие прописи.

Колку од компаниите имаат намалени приходи?

Од она што ние го имаме како бројка, конкретно со ликвидноста се борат околу 65 проценти од компаниите. Од она што го покажаа нашите анализи, а коишто беа врз основа на онаа спроведена анкета којашто ја имавме, од прилика 81 проценти од компаниите не можат да се адаптираат на овие нови услови, односно не можат алтернативно да вршат дејност. Само 19 проценти, или веќе биле адаптирани пред кризата на условите, користеле алтернативни канали на достава итн. или сега се прилагодиле зашто дејноста тоа им го дозволува. Над 99 проценти од анкетираните истакнаа дека се судираат со проблеми, односно дека се афектуирани од 80 до 100 проценти со намалување на приходите од почетокот на оваа криза.

Колку се, според вашите проценки, загубите на компаниите од коронавирусот досега?

Тоа е показателот. Не може конкретно да се пресмета, затоа што треба да ги имате на една страна приходот, но на друга страна расходите коишто ги имаат за да можете да пресметате која е конкретната бројка на загуба, но многу е важно тоа што проблемот кај нив во моментов се однесува на ликвидноста. Тоа значи дека вие може да имате фактурирана вредност, којашто ќе покаже дека би требало да имате некаков приход, но тоа не значи дека ќе имате наплата. Има голем број компании коишто имаат генерирано фактури по основ на обврски дека дале некаква услуга или некаков производ, меѓутоа наплата за тоа коешто го побаруваат сè уште немаат и тие се неликвидни. Загубите се големи, ќе се пресметуваат на крајот на годината, но состојбата во овој момент не е добра, зашто веќе сме трет квартал од 2020.

Целото интервју со претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG