Сончевата енергија Македонија ја има во изобилие, земјата треба да го зголеми производството на електрична енергија од сонцето, а истовремено да ја напушта употребата на јагленот кој го има сѐ помалку, вели еко-активистката Елена Николовска од граѓанската организација „Еко-свест.“
„Треба дефинитивно да го забрзаме процесот на искористување на обновливите извори на енергија, особено сончевата, а со оглед на промената на климатските услови и зголемувањето на бројот на сончевите денови во земјава, што се очекува според последните климатски сценарија, ќе имаме уште повеќе сонце. Тоа значи дека ние како земја дефинитивно имаме еднаков и дури можеби повеќе потенцијал за фотонапонски централи од една земја како Шпанија“, вели Николовска.
Историско достигнување во Европа
Земјите на ЕУ минатата 2020 година за прв пат произведоа повеќе електрична енергија од обновливи извори, отколку од фосилни горива.
Во текот на изминатите 12 месеци, земјите на ЕУ од обновливи извори генерирале 38 проценти од вкупната количина на електрична енергија, за разлика од 37 отсто од енергијата која била добиена од фосилните горива, според податоците објавени од британската тинк-тенк организација „Ембер“ и германскиот тинк-тенк „Агора Енерџивенде.“
Податоците на организациите покажуваат дека во 2020 година производството преку ветерните централи било зголемено за 9 отсто, додека за 15 проценти била зголемена енергијата добиена од сонцето. На национално ниво, Германија и Шпанија за прв пат имале повеќе производство на електрична енергија од обновливи извори отколку од фосилни горива.
Бавна енергетска транзиција
Сепак, во анализата на истражувачите е наведено дека енергетската транзиција сѐ уште се одвива премногу бавно за да бидат постигнати целите на ЕУ за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 отсто до 2030 година и достигнувањето на јаглеродната неутралност до 2050 година.
Николовска вели дека за Македонија е важно да биде направена децентрализација на производството на електричната енергија. Таа посочува дека преку локалната самоуправа треба да биде олеснет административниот процес за граѓаните да можат да инсталираат фотоволтаични панели за производство на електрична енергија на своите кровови или во дворовите.
За тоа дали државата работи на вакви проекти, го прашавме министерот за локална самоуправа Горан Милевски. Во интервју на Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела, Милевски вели дека постојат вакви проекти кои се под надлежност на Министерството за транспорт и врски и ЕСМ, како на пример тендерот за хидроцентралата „Чебрен“, ставањето на лицитација на сите локации во земјата кои се предвидени за ветерни централи, како и фотоволтаичната централа во Кичево за намалување на користењето на јагленот, вели тој.
„Она што го прави локалната самоуправа, на пример преку ИПА проектите, беа направени фотоволтаици во Прилеп, исто така, фотоволтаици ќе се прават на пазарот во Битола, општините можат да инвестираат во сите јавни институции, како спортски објекти или училишта, да инвестираат во фотоволтаици и да ги искористат слободните кровни површини за производство на електрична енергија. Тоа никој не им го брани на општините и треба да се насочат кон такви инвестиции“, вели Милевски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Процесот да го водат и самите општини
Македонија сѐ уште е зависна од фосилни горива, кога станува збор за производството на електрична енергија. Но, Николовска посочува многу скоро државата нема да го има јагленот како ресурс.
Таа вели дека токму затоа мора да биде забрзан процесот на енергетска транзиција, кој според неа започнал „многу позитивно“ минатата година во Кичевскиот регион. Потребно е да бидат мобилизирани сите финансиски ресурси кои државата ги има на располагање, како и оние од приватниот сектор за искористување на сончевата енергија, вели Николовска.
„Дури и Извештајот за имплементација на Енергетската заедница објавен пред неколку дена, напоменува дека на нашата земја многу бавно ѝ оди со исполнувањето на целта која ја имаме зацртано за зголемување на производството од обновливи извори“, вели Николовска.
Таа смета дека во оваа насока треба да се зголеми улогата на Министерството за локална самоуправа, но наведува дека предводници на процесот треба да бидат и самите локални самоуправи, особено во регионите со јаглен, како Кичевскиот и Битолскиот.
Македонија во април минатата година ја усвои новата државна Стратегија за енергетика, со која е предвидено во следните две децении да бидат затворени сите термоелектрани на јаглен и земјата да направи транзиција кон обновливи извори на енергија.
Според наведеното во Стратегијата, државата треба да носи политики во енергетскиот сектор кои до 2040 година ќе обезбедат намалување на емисиите на стакленички гасови од најмалку 8 проценти во однос на 2005 година, до над 60 проценти, доколку биде остварено најдоброто „Зелено сценарио“, како што стои во документот.