Пандемијата со коронавирус на која не остана имуна и нашата земја промени многу навики кај македонските граѓани. Повеќе од кога и да е последните два месеци се купува онлајн, како замена за класичното купување. Затворените угостителски објекти, а со нив и продавниците за облека на подолг период понудија алтернативни начини на купување, а граѓаните се повеќе се навикнаа да купуваат со своите телефони или компјутери.
Продавниците во трговските центри од неодамна се отворени, но со нови правила на купување. Покрај задолжителното дезинфицирање, носење маска и држење растојание, нема можност да ја пробате облеката што ја сакате. Па така, ако бројчето од моделот што сте го купиле не ви одговара кога ќе го пробате дома, замена може да извршите во продавницата, но пак без да го пробате саканото парче облека.
„Пред некој ден купив пантолони во еден од трговските центри. Дома видов дека не ми е точен бројот и морав да се враќам за замена. Во продавницата немаше број каков што барав, па мојот шопинг беше неуспешен. Чудно е што не може да пробуваме во продавницата и мораме и по неколку пати да се враќаме за замена, ама ако тоа не заштити од можен контакт со вирусот, ќе прифатиме“, вели граѓанин од Скопје.
Вакви слични проблеми се случуваат и кога купуваме преку интернет. Многу често производот којшто го гледаме на слика и оној кој ќе ни го донесат на врата не е ист. Во Организацијата за потрошувачи последните месеци стигнале педесетина поплаки поврзани со електронската трговија.
„Она на што ни се жалат потрошувачите во последно време, се на пример немањето доволно информации за производите освен цената, некогаш долгиот рок на испорака, понуда на неквалитетни проиизводи кои не можат да се вратат, испорака на производи кои не соодветствуваат со описот на сликите, разлики во цените, немање на гарантен лист, немање формулар за повлекување, знаете дека договорот на далечина претпоставува трговецот да има и формулар за повлекување на потрошувачот од договорот во рок од 14 дена, а доколку не го информира за таквата можност во рок од една година, рокот за раскинување на договорот може да се продолжи за дополнителни 14 дена од денот кога купувачот бил информиран за тој договор“, вели Марија Лончар-Велкова, претседателката на Организацијата потрошувачи на Македонија.
Од оваа организација велат дека заедно со инспекциските органи континуирано работат на заштита на потрошувачките права.
„Доколку купувачите се измамени при своето купување преку интернет или се незадоволни од испорачаните производи, може да не побараат, а ние ги упатуваме на кој начин да ги заштитат своите права, што да бараат од трговецот, ако не добиле формулар да бараат продолжен рок и во тој рок да дадат приговор, исто така можат да ја контактираат нашата електронска адреса за вакви приговори. Во поглед на измама од непрехранбени производи и туристички услуги ги упатуваме до Државниот пазарен инспекторат. Ако не се задоволни од одредени прехранбени производи може да се јават на бесплатната телефонска линија во Агенцијата за храна и ветеринарство. Значи, сите инспекторати надлежни за мониторинг на пазарот се надлежни институции и кај електронската трговија“, вели Лончар-Велкова.
Таа укажува дека расте и бројот на забелешки од незадоволни граѓани кои купиле производ од одредени фејсбук страници, а потоа не можеле да ги вратат производите или да стапат во контакт со трговецот, па во таквите случаи надлежен да реагира е Секторот за компјутерски криминал и форензика при МВР, односно кога се работи за измама на голем број потрошувачи.
Во меѓувреме, со попусти но и бесплатна достава за одредена нарачка, рестораните и продавниците кои беа принудени да ги затворат своите објекти, во последните два месеци се обидуваат да ги привлечат купувачите.
Роберт Тодоровски, менаџер во „Кликни Јади“, сервис за испорака на храна, вели дека во почетокот на пандемијата доставата на храна до домовите се намалила за 20 до 30 проценти, најверојатно поради стравот на граѓаните да купуваат храна од надвор. Но, ова траело кратко.
„Како поминува времето се враќаме во нормала. Бидејќи единствениот начин да опстанат рестораните е преку испорака. И да не се случеше кризава со вирусот овој тренд на продажба на запад е веќе многу актуелен. Тој тренд полека доаѓа и кај нас, иако сме јужен народ што сакаме да се дружиме, но несомнено интернетот и доставата зема голем замав и во овој дел на континентот“, вели Тодоровски.
Видете и ова: Бум на онлајн купувањето поради „седете дома“
Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија велат дека целата оваа ситуација позитивно влијаела на развојот на е-трговијата. Тие сведочат на зголемиот раст на онлајн купувањето во текот на пандемијата со коронавирус. Петте банки кои како услуга ја нудат е-трговијата забележале неколкукратно зголемување на бројот на примени барања за имплементирање на онлајн продажен канал во своето работење.
Според Филип Чижбановски, в.д. претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, целиот овој раст е придвижен пред сè од зголемената побарувачка на производи и услуги онлајн, која понатаму резултирала и со зголемена понуда од страна на постоечки и нови компании кои своите производи и услуги ги нудат онлајн.
Инаку во периодот од јануари до сега во Организацијата за потрошувачите се регистрирани вкупно 500 поплаки од граѓани кои биле незадоволни од купувањето на одредени производи. Само 10 проценти од нив, односно 50-тина се онесуваат на онлајн купувањето.
Лани македонските граѓани потрошиле 169,2 милиони евра на онлајн купување што претставува пораст од 26,5 проценти во споредба со 2018 година, објави Асоцијацијата за е-трговија повикувајќи се на статистичките податоци на Народната банка за безготовински платежни трансакции на виртуелни места на продажба.
Според овие податоци, во текот на 2019 година реализирани се вкупно 6.727.051 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 5.435.385 онлајн трансакции во текот на 2018 година што претставува пораст од 23,8 проценти.