Жестоките борби во опколеното украинско пристаниште Мариупол и околу главниот град Киев продолжуваат, а Кремљ одби да ја отфрли можноста за употреба на нуклеарно оружје во случај на „егзистенцијална закана“, како што рече портпаролот на Кремљ Дмитри Песков. Оваа негова изјава наиде на остри критики од Пентагон.
Мариупол, кој пред војната имаше околу 400 илјади жители, е претворен во урнатини, илјадници цивили загинаа, а многу други бараат безбеден излез од градот.
Во изминатите две недели, Русија се обиде да го опколи ова важно пристаниште на Азовското Море, и најжестоко боиште во војната досега.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украинскиот претседател Володимир Зеленски утринава рече дека околу 100 илјади луѓе и понатаму се заробени под руските бомби во опколениот Мариупол, скоро цел месец од почетокот на руската инвазија врз Украина.
„Скоро 100 илјади луѓе во нечовечки услови“ се заробени во урнатините на Мариупол, „во состојба на целосна опсада, без храна, вода, лекови, под постојано гранатирање“, наведе Зеленски во видеоснимка објавена рано утринава.
Видете и ова: Европа ќе објави нови санкции кон Русија кога Бајден ќе го посети БриселУкраинската вицепремиерката Ирина Верешчук денеска изјави дека се договориле со Русија за девет хуманитарни коридори за да се овозможи евакуација на цивилите заробени во неколку градови.
Меѓу нив е и коридор од Мариупол до Запорожје, иако тој оди само од периферијата на опколениот град, а не и од неговиот центар, каде што десетици илјади луѓе се заробени без струја и основни животни потреби.
Таа додаде дека се договорени повеќе рути за излез од Киев.
Додека бранителите на Мариупол се впуштаат во очајна борба, украинското Министерство за одбрана соопшти дека украинските сили, по жестока борба, ги истерале руските војници од киевското предградие Макарив.
Ако оваа информација се потврди, тоа ќе им овозможи на украинските сили повторно да ја преземат контролата врз стратешкиот автопат и да ги спречат руските обиди за опколување на Киев од северозапад.
Во услови на жесток отпор на кој наидоа руските напаѓачи, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, одби да ја исклучи можноста за употреба на нуклеарно оружје, но рече дека Русија ќе го стори тоа само доколку се соочи со „егзистенцијална закана“.
По руската инвазија врз Украина на 24 февруари, рускиот претседател Владимир Путин на 28 февруари нареди ставање во висока готовност на нуклеарните сили на земјата, потег што предизвика глобална вознемиреност.
„Имаме концепт за домашна безбедност и тој е јавен. Може да ги прочитате сите причини за употреба на нуклеарното оружје“, рече вчера Песков за Си ен ен интернејшнал.
„Значи, ако има егзистенцијална закана за нашата земја, тогаш може да се користи во согласност со нашиот концепт“, рече тој.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби ја оцени како „опасна“ реториката на Москва за потенцијална употреба на нуклеарно оружје.
„Тоа не е начинот на кој треба да дејствува одговорна нуклеарна сила“, рече тој пред новинарите, но додаде дека претставниците на Пентагон не виделе ништо што би ги натерало за промени во „стратешкото нуклеарно одвраќање“.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш вчера повика да се стави крај на „апсурдната војна“, нарекувајќи ја непобедлив конфликт што ги става луѓето во жив пекол.
„Продолжувањето на војната во Украина е морално неприфатливо, политички неодбранливо и воено бесмислено“, изјави Гутереш пред новинарите во Њујорк.
Мировните разговори меѓу двете земји продолжија со мал напредок.
Песков вчера рече дека „процесот се одвива многу побавно и помалку суштински отколку што би сакале“, но оти не може да навлегува во детали поради чувствителноста на разговорите.
Зеленски, пак, рано утринава рече дека преговорите со Русија се тешки и понекогаш конфронтирачки, но оти „чекор по чекор одиме напред“.
Зеленски денеска преку видеоврска се обрати пред јапонскиот парламент и побара пожестоки санкции против Русија, вклучително и целосно трговско ембарго за увоз на сите руски производи. Тој денеска треба да се обрати и пред француските пратеници.